Пресвета Богородица

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Пресвета Богородица Секогашдева Марија

Пресвета Богородица (грч. Θεοτόκος, Theotokos) е Богородица Секогашдева Богомајка Марија, мајка на Господ Исус Христос, Син Божји и Слово Божјо. Измолена од бездетни родители од Назарет, во неа се поврзале лозата кралска Давидова, по татко, и лозата свештеничка Аронова, по мајка. Затоа уште се вели и дека таа го родила Царот на царевите и Првосвештеникот, Господ и Бог наш Исус Христос.

Празници посветени на Пресвета Богородица

Тука се надоврзува и празникот Свето Благовештение, како и изобилството на празници посветени на чудотворните икони на Пресвета Богородица.

Вистини за Пресвета Богородица

Науката на Православната црква за пресвета дева Марија се искажува во овие главни вистини:

  1. Таа навистина е мајка на Господ Исус Христос и според тоа е Богородица;
  2. Таа е секогашдева - до раѓањето, при раѓањето и по раѓањето, секогаш била и останала дева;
  3. Таа е поголема од сите небесни сили и од сите светители, почесна е од херувимите и пославна од серафимите;
  4. Таа е прва после Бога и пред Бога - наша застапничка и помошничка.

Дека пресвета дева Марија навистина е мајка на Господа Исуса Христа потврдуваат и апостолите и сите Православни христијани од сите векови и сите народи. Ова го докажуваат и сведоштвата на светите отци и црковните учители, го докажуваат песните и молитвите, кои секогаш се читаат и пеат во црквите и неодречно го докажуваат и делата на вселенските собри.

Блажениот Теодорит вели: Старите и новите проповедници на православната вера според апостолското предание учеа: „да се нарекува и да се почитува мајката Господова како Богородица“ (ерес. IV 12). А Јован, патријархот Антиохиски пишува: "Овој назив и писмено и усно го употребуваа светите отци и тој назив никој од црковните учители не го отфрлаше, туку многумина и уште од најзначајните се служеа со него."

Оној што не ја признава света дева за Богородица, не е христијанин. Ако некој се смета себеси за христијанин, а не и го признава на пресветата дева достоинството и називот Богородица, тој залудно се кити со името - вели свети Теодот епископ Анкирски. И според изразот на свети Григориј Богослов - кој не ја признава Марија за Богородица - тој е отфрлен од Бога.

Втората вистина, дека Богородица е секогаш дева, Православната црква исто така, јасно и одлучно ја исповеда. Сите стари црковни отци и црковните учители едногласно потврдуваат дека пресвета Богородица била дева до раѓањето, при раѓањето и по раѓањето на Господа Исуса Христа. Оваа карактеристика на секогашното девство е важна своина на достоинството на Богородица. И ние кога ја исповедаме пресвета Марија за Богородица, според науката на светите отци, во исто време ја исповедаме и како дева. Најраните свети отци на христијанството постојано докажуваа дека Богомајката е приснодева.

Свети Григориј Неокесариски молејќи се на Господа вака велеше: "Ти се роди од дева Марија како што самиот благоизволеше, и како што ти единствен знаеш, се роди, а не го наруши нејзиното девство; туку и тоа го зачува и неа ја удостои со името мајка. Направи така, девството да не му пречи на твоето раѓање, а и твоето раѓање да не го расипе девството, се согласија и се соединија сосема спротивни работи - раѓањето и девството, затоа што тоа е лесно и возможно за тебе, кој си творец на природата".

Третата вистина, како последица на претходните, го изнесува величеството на мајката Божја, кое ги надминува сите луѓе и сите ангелски чинови. Светите отци и црковните учители ја слават пресветата дева со највозвишени пофалби. "О, чудо, кое е поголемо од сите чуда, воскликнува свети Дамаскин, жена стана поголема од серафимите поради тоа, што Бог се појави нешто помалку намален пред ангелите. Таа е Госпоѓа и Владичица над сите созданија". На Седмиот вселенски собор беше читано писмото на светиот патријарх Герман, што му го пишувал на епископот Јован, во кое стоеше ова: „ние ја почитуваме и ја величаме дева Марија како вистинска мајка на вистинскиот Бог и ја признаваме како поголема од сите видливи и невидливи созданија.“

Покрај тоа, соборот нареди да се почитуваат иконите на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос и на пресвета Богородица, исто така и иконите на светите ангели и на сите светители (кн. прав.). Од тоа време, во Православната црква, многу вешти и мудри писатели напишаа богослужбени песни, во кои огнено се прославува Богомајката, која според чест е поголема од херувимите и серафимите. И во секоја богомолитва, а особено во деветтата песна од каноните, секогаш се велича и слави Божјата Мајка.

Четвртата вистина му е многу драга на човештвото; зашто во многу незгоди и жалости во земниот живот можеме да побараме помош и застапништво од милостивата Богородица.

Пресвета Богородица и Вселенските собори

Вселенските собори се потполно согласни со светото предание што го искажуваат светите отци во своите списи. Тие востановиле секогаш да се нарекува и почитува пресвета дева Марија со името Богородица. Третиот вселенски Ефески собор ја осуди Несториевата ерес и нареди да се почитува Богородица. Во делата на овој собор наоѓаме многу сведоштва на старите отци, кои се претставници и чувари на вистинската наука за Господа Исуса Христа и за Неговата пречиста Богомајка. Овие сведоштва им заповедаат на сите верни да веруваат во Господа Исуса Христа, а и пречистата и секогашдева, Неговата мајка да ја почитуваат како вистинска Богородица. Шестиот вселенски собор во првото правило, меѓу другото вели: "Изложената наука од двеста богоносни отци (од III вселенски Собор), како тврда држава на благочестие согласно ја признаваме и потврдуваме, проповедајќи Го едниот Христос Син Божји, Кој се воплоти, и онаа, што бессемено Го роди, а тоа е пречистата секогашдева која ја признаваме за вистинска Богородица".

Светите отци на Седмиот вселенски Никејски втор собор ги ислушале, ги одобриле и со својата согласност ги потврдиле сите оние места во писмата на светиот цариградски патријарх Тарасиј и ерусалимскиот патријарх Теодор, во кои се исповеда пресветата дева за Богородица. Теодор вели: Ја почитувам и се поклонувам на иконата на пречистата мајка на Господа Исуса Христа, света Богородица и Владичица наша. Свети Јован Дамаскин од осмиот век, можеше сосема јасно да каже во науката на православната вера: „Ние ја признаваме света дева Богородица во вистинска смисла; зашто како што е вистински Бог, Кој од неа се роди, така е вистинска и Богородица која го роди вистинскиот и воплотен Бог“. И уште, донесено е следното правило: „ ...Оној што не верува со чиста еднодушност и со мсето свое срце во Спасителот, нашиот Бог и во Пречистата Негова Мајка, Владичица и наша Богородица, како и во сите светии, а ги отфрла и не ги прима прекрасните чуда, кои се посведочени со премудри докази или по свој разум ги толкува поинаку, да биде проклет... “

Несторијанска ерес

Свети Василиј Велики, Григориј Богослов, Јован Златоуст, Атанасиј Велики и многу други посебно го спомнуваат зборот - Богородица. А кога се појавила Несториевата ерес во петтиот век, александрискиот патријарх Кирил многу силно ја бранел православната наука за Богородица.

Еретикот Несториј мислел дека Мајката по тело, пресветата дева, не го родила Господа Исуса Христа, Синот божји и затоа не треба ни да се нарекува Богородица. Свети Кирил одговарајќи на оваа лажна наука, секаде во своите списи ја исповеда пресветаta дева за вистинска Богородица. Мислејќи на воплотувањето на Синот Божји, овој свет отец вели: Браќа, ние исповедаме дека од света дева и Богородица Марија се роди едниот ист: и совршен Бог и совршен човек со разумна душа; затоа и ја признаваме светата дева и ја нарекуваме Богородица: Бог Син, беше во неа не привидно, туку целосно, вистинито. А на еретикот му вели: Господ го зеде на себе нашето сопствено тело и стана човек од жена, а не престана да биде Бог и роден од (Бога) Отецот; туку и тогаш кога го прими човештвото остана Оној Кој беше; на тоа секаде учи словото на вистинската вера; ние се уверуваме дека така мислеле светите отци, па и пресвета дева ја нарекле Богородица.

Богородица во Светото Писмо

Науката што ја проповеда Православната црква за личноста на пресвета дева Марија, се заснова на Светото Писмо, ја објасниле светите отци - тие столбови на православието, а ја одредиле и засекогаш ја утврдиле светите вселенски собори.

Боговдахновените книги на Стариот и Новиот завет нѐ учат дека, Синот Божји прими на себе човечка природа и се роди од пресвета дева Марија за да го спаси човештвото.

Пророкот Исаија многу време пред раѓањето Христово го претскажа ова: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил (Иса. 7,14), а ова име преведено од еврејски, значи: Со нас е Бог. Свети апостол Павле вели: Бог го испрати Својот Син, Кој се роди од жена (Гал. 4, 4) и Својот Син, по тело роден од семето Давидово (Рим. 1, 3). Ваквото чудно појавување на земјата на Синот Божји, преку секогаш девствената Мајка, мораше без секаков сомнеж да ја издигне и Богомајката до надземна слава. Таа навистина стана Божја Мајка, како што јавно исповеда нејзината роднина Елисавета, според вдахновението на Светиот Дух, која вака ја поздрави: Од каде ова, при мене да дојде Мајката на мојот Господ? (Лука 1, 43). И станувајќи Мајка на Исуса Христа, таа го зачувала своето девство како што вели евангелистот Матеј: и не се доближи до неа (Јосиф), додека таа не Го роди својот првороден Син и Го нарече Исус (Мат. 1,25). И на неа, секогаш девствената Богомајка и припаѓа висока слава, неа ја прославуваат и величаат сите што веруваат во Исуса Христа, а за што и самата пороече: Отсега ќе ме ублажуваат сите родови (Лука 1,48).

Светата Православна Црква секоја молитва ја завршува со молитвата: Пресвета Богородице, спаси нѐ. Секој ден молитвата завршува со оваа прозба: Пресвета Приснодево, мајко на Христа Бога, принеси ја нашата молитва на твојот Син и нашиот Бог, преку тебе да ги спаси нашите души!

Химнографија

Од Светата Литургија на свети Јован Златоуст:

Достојно е навистина блажена да те нарекуваме тебе, Богородице,
присноблажена и пренепорочна, Мајко на нашиот Бог.
Почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите,
Бога Словото девствено што Го роди,
Тебе, вистинската Богородица, ние те величаме.

Надворешни врски