Покров на Пресвета Богородица
Отсекогаш Црквата ја прославува Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, Којашто со своите претстателски молитви Го смилостивува Бога кон нас грешните.
Помошта на Пресвета Богородица како кон поединци така и кон народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во многужителните градови се покажала очигледна безброј пати. Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род. На 1 октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше Св. Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици. Гледајќи го тоа видение Св. Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се ужаснувам!“
Заради ова се востанови ова празнување, за да нѐ потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја.
Тропар, кондак и величание
Тропар, глас 4
- Денес, благоверни луѓе, светло празнуваме,/
- осенувани со Твоето, Богомајко, доѓање,/
- и кон Твојата пречиста икона гледајќи, умилно велиме:/
- покриј нè со чесниот Твој Покров/ и избави нè од секое зло,/
- молејќи го Твојот Син, Христа нашиот Бог,//
- да ги спаси нашите души.
Кондак, глас 3
- Дева денес претстои во црквата/
- и со соборите на светите невидливо за нас се моли на Бога,/
- Ангели со архиереите се поклонуваат,/
- апостолите пак, со пророците ликуваат://
- зашто, заради нас го моли Богородица Предвечниот Бог.
Величание на Божјата Мајка
- Те величаме,/ Пресвета Дево,/
- и го почитуваме Твојот свет Покров:/
- зашто, Тебе те виде свети Андреј во воздухот,//
- како за нас Христа го молиш.