Свети Василиј Велики

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Свети Василиј Велики е еден од најголемите Отци на Црквата Христова низ вековите. Роден е 330 година во Неокесарија, во Понт, од родители Василиј и мајка Емилија, кои двајцата потекнувале од познати и богати фамилии, но уште позначајни по својата христијанска вера и живот. Василиевата баба по татко, света Макрина била ученичка на Свети Григориј Чудотворец, епископ во Неокесарија, која едвај го преживеала максимилијановотото гонење на христијаните.

Житие

Свети Василиј најпрвин се школуваше кај својот татко, кој беше реторичар во Неокесарија. По татковата смрт околу 345 година, тој го продолжи понатамошното школување во Неокесарија Кападокиска, каде се сретна со Григориј Назијанин. Со него од тогаш ги врзува доживотното пријателство, кое е ретко познато во историјата на човештвото и многу корисно за целата Црква во сложената ситуација во 4 век. Од Кесарија Свети Василиј заминал за Цариград, каде кратко време учеше кај елинскиот ритор Ливаниј, а потоа во 352 година отиде во Атина. Таму ја изучи филозофијата, дијалектиката, реториката, астрономијата па дури и медицината. За Василиевото образование најдобро сведочи неговата голема ерудиција, која се сретнува во неговите дела, каде големиот познавач на класиката, Фотиј го става во ранг со Платон и Демостен.

Атинското образование и заедничкиот живот во подвижништво со Свети Григориј им е најубавиот период на нивниот живот. Очигледно Василиј уште од младоста беше многу обдарен со мудрост и таленти. Без обѕир на големото врвно образование Василиј никогаш не се гордееше со своето знаење. Од Атина доаѓа во Кесарија каде беше крстен од епископот Кесариски Дијаниј и потоа ракоположен за чтец во Црквата. Но Свети Василиј имаше голема желба да се замонаши, после темелното проучување на Светото Писмо и по средбите со сестра си Макрина и познанството со познатиот подвижник Евстатиј. Свети Василиј го раздаде својот имот на сиромашните и тргна кон Исток, кај познатите подвижници во Александрија, Египет, Палестина и Месопотамија. Се молеше на Бога и самиот сакаше да постане подржавател на тие луѓе.

Враќајќи се од Исток во 360 година е ракоположен за ѓакон. Од тоа време тој стана голем православен богослов. Потоа беше ракоположен за свештеник и се покажа како вистински црковен пастир. Иако слаб со здравјето уште од детството, тој во монашкиот подвиг изгради цврста и преочеличена волја, големо христијанско трпение и се стави во служба на Бога и луѓето. Беше човек целосно посветен на Црквата и народот. Свештенството и монаштвото тоа го видоа и следејќи го верно и искрено. Практично Свети Василиј управуваше со Црквата во Кесарија, ја бранеше од нападите на аријаните, ги помагаше и хранеше сиромасите и гладните. Ги украсуваше храмовите, основаше манастири, го толкуваше на народот зборот Господен, пишуваше боговдахнати книги и беше богословски советник на епископот на Исток.

Свети Василиј постана епископ есента 370 година, по смртта Евсевиева. Испраќаше канонски поуки и совети, кои подоцна постанаа канони за целата Црква. Епископската дејност Василиева беше многустрана. Во својата Црква богослужбениот живот го збогати и создаде харитативна дејност. Подигна болници, старечки домови и прифатилишта, познато под име ”Василијада”, каде работеа и служеа монаси. Монасите од пустина ги повлече во градот, поради непосредно служење на потребите и спасение на ближните. За Свети Василиј монаштвото е начин на живеење според Евангелието. Одрекување од светот не од презир кон истото, туку од љубов кон Бога, која не се дели од љубовта спрема ближните. Свети Василиј согоруваше во жртвените подвизи за вистинската вера во Света Троица и за мир меѓу Црквите.

Потполниот мир на Исток Свети Василиј не го доживеа. Тој е најзаслужен за собирање на здрави православни сили на Исток, од кои најскоро потоа ќе биде составен вториот Вселенски Собор во Цариград 381 година, каде ќе триумфира Православието против сите ереси и раздори со кои Василиј се бореше. Пред Бога се претстави на 49 години на 31 декември 378 година, а е погребен свечено на 1 јануари 379 година, кога се слави и неговиот свет помен. Од целиот град на Кесарија христијанското и нехристијанското население, е најсвечено испратен во знак на благодарност за многуте дободетели кои ги направил на сите луѓе.

Има составено Света Литургија која се служи 10 пати во годината и поради својата голема ученост е наречен Велики.

Василопита или лебот на свети Василиј Велики

Во времето кога Божјиот угодник свети Василиј Велики стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој беше многу алчен и груб човек, имаше обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавија дека епархот повторно доаѓа, тој побара од богатите луѓе во Кеасрија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигна, свети Василиј го пречека и му го понуди богатството. Епархот се изненади и по некое чудо се засрами, така што одби било што да земе, ниту пак го ограби градот. Тој никогаш повеќе не се ни врати, ниту пак им досадуваше на верните од градот. Свети Василиј остана со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, тој ги замоли готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој стави нешто накит и златници. На денот на Новата Година кога сите луѓе дојдоа во црква, тој на секого му даде по едно лепче. Тоа што секој го имаше најдено во лепчето беше токму тоа што претходно го имаше дадено. За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стар календар) да се меси лепче со паричка во него. Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделува на присутните. Оној кој ќе ја најде паричката го добива благословот на свети Василиј Велики за претстојната година.

Химнографија

Тропар

глас први
Твојата проповед се рашири по целата земја;
таа го прими твоето слово, со кое божествено учеше;
си ја објаснил суштината на се’ што постои;
човечките обичаи си ги украсил, небеска светлино, оче преподобен,
моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души

Кондак

глас четврти
Се покажа неколеблива основа на Црквата,
давајќи им го на сите неукрадливото господство на луѓето,
запечатувајќи го со твоите поуки,
небојавен Василие преподобен.

Надвoрешни врски

Свети Василиј Велики на страницата на МПЦ