Успение на Пресвета Богородица

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Празникот Успение на Пресвета Богородица се слави на петнаесетиот ден од месец август (28 според новиот календар). Нему му претходи двонеделен Богородичен, или Преображенски пост. Овој празник го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, и нејзиното преселување во Царството Божјо во полнотата на нејзиното духовно и телесно постоење.

Предание за празникот

Успение на Пресвета Богородица

Како што е случајот со празнувањето на рождеството на Пресвета Богородица, и нејзиното Воведување во Храмот, не постојат библиски ниту историски извори кои се поврзуваат со овој празник. Црковното Предание учи дека Богородица се упокоила како и сите луѓе, не своеволно, како нејзиниот Син, туку според нејзината смртна човечка природа сврзана со овој свет. Како и сите други празники посветени на Пресвета Богородица, православните христијани ги слават нивните животи во Христа и Светиот Дух. Она што ѝ се случува на Дева Марија, ќе се случи на сите оние кои го подражаваат нејзиниот пример и живеат богоугоден живот на скромност, љубов и смирение пред Божјата Волја. Преку неа, сите луѓе ќе бидат „благословени да бидат почесни од херувимите и неспоредливо послевни од серафимите“ доколку го следат нејзиниот свет пример. Уште повеќе, сите ќе имаат удел во вечниот живот на Божјото Царство.

По Христовото распнување, воскреснување, вознесение на небото и седнувањето оддесно на Отецот, таа поживеала на земјата уште 11 години. За неа се до нејзината смрт се грижел љубениот Христов ученик свети Јован Богослов. На Маслиновата Гора, на местото каде се вознел Христос, плачејќи се молела Бог да ја земе од овој свет. Тогаш ѝ се јавил Архангел Гавриил и ја известил дека по три дена (на 15.08./28.08) ќе биде упокоена. Тој ѝ донел една рајска гранка од палмово дрво, која светела со светлост од небесната благодат и која ќе се носи пред одарот на Божјата Мајка, како знак на тоа дека ја победила телесната и душевната смрт. И рекол дека: "Ќе помине во бесмртен живот за да живее вечно со Бесмртниот Цар на славата". Таа веднаш го известила за тоа светиот апостол Јован Богослов, а веста стигнала до апостолите и голем број христијани. Чудна сила ги донела 11-те апостоли при неа. Пред нив ја искажала предсмртната порака (која всушност е извршена), Нејзиното тело да биде погребено во Ерусалим, во Гетсиманската Градина, таму каде што била гробницата на Нејзините родители, светите праведни Јоаким и Ана и стариот праведен Јосиф.

На денот на нејзиното Успение, таа лежела на одарот и одеднаш се осветлила куќата со необична светлост од Божјата слава. Божјата Мајка Го видела Синот како ѝ се приближува. Загледувајќи го приближувањето на Синот, Божјата Мајка радосно воскликнала: "Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој ...".

Таа се подигнала од одарот како да оди во пресрет на Својот Син и Му се поклонила на Својот Бог. А Тој, приближувајќи се, и со неизмерна синовска љубов, гледајќи на Неа, рекол: "Дојди Блиска моја, дојди Голубице моја, дојди најскапоцен мој Бисер, и влези во живеалиштето на вечниот живот".

Богородица Му се поклонила и Му рекла да го прими Нејзиниот дух и да ја заштити од власта на темнината. Таа мирно ја предала Својата света душа во рацете на Бога, без да почувствува болка, како да заспала. Во книгата за Нејзиното чесно упокојување се вели: "Бројот на годините кои непорочната Мајка Божја ги поживеа на земјата се точно педесет и девет".

Започнал највеличествениот, најсвечениот погреб, во поворка со многу христијани. Се слушало ангелското пеење. Апостолите го носеле на рамења одарот на Пресвета Богородица. А најнапред одел Св. Јован Богослов кој ја носел светлата рајска гранка. Но, еврејските првосвештеници и книжници од завист испратиле војници да ја спречат поворката и наредиле "телото на Марија да го изгорат", а на апостолите да ги претепаат. Но, Бог ги поразил со слепило злобните гонители, а на еврејскиот свештеник Антониј, кој се обидел да го сврти сандакот, невидлив ангел му ги отсекол рацете.

Апостолите ја погребале Богородица. Кога по три дена го отвориле гробот за да ѝ се поклони Св. апостол Тома, кој не бил присутен на нејзиното погребение, "ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше во гробот". Таа, како и Христос, доживеала телесна смрт, но во третиот ден по погребувањето била воскресната од Синот и Својот Бог, и со телото земена на небото. Се вознела на небото.

Таа им се јавила на апостолите жива, светла и опкружена со ангели им рекла: "Радувајте се, зашто сум со вас во сите денови".

Значење

Православната Црква учи дека Пресвета е пренепорочна, без ниту еден личен грев. Но, во Евангелието на празникот, исто како и на иконата на Успението, Црквата исто така посочува дека и Богородица требало да биде спасена од Христос, како и сите луѓе; исто така, Црквата нѐ учи и дека таа била вознесена од нејзиниот Син како Мајка на Животот за вечно да учествува во вечниот живот.

Празнувањето на Успението на Богородица е празнување на фактот дека сите луѓе се високо воздигнати во благословеноста на сепобедливиот Христос, и дека токму ова воздигнување е постигнато во Богородица Марија. Овој празник е знак, сигурност и славење на исполнувањето на сите оние животи, чии души Го слават Бога, целосно посветени на слушање и одржување на Божјото Слово кое е дадено на луѓето преку Богодетето на Марија, преку Спасителот на светот.

Постои традиција на благословување на цветовите во православните храмови на овој празник

Празнување

Празникот Успение на Богомајката е установен од Црквата во древноста. За него се спомнува во деата на блажени Јероним, Августин и Григориј епископ на Тур. Во IV век тој веќе насекаде се празнувал во Византија. По желба на византискиот император Маврикиј, (кој на 15 август 595 г. ги победил Персијците, т.е. на денот на Успението на Богомајката) празникот станал општоцрковен.

Но, првично празникот не се празнувал истовремено: на едни места – во јануари, на други – во август. Така, на Запад, во Римската Црква (VII в.) на 18 јануари се празнувало „упокоението на Дева Марија”, а на 14 август – „заминувањето на небо.” Заедничкото празнување на Успението на 15 август, во повеќето источни и западни Цркви се установува во VIII-IX в.

Основна цел на установувањето на празникот било прославувањето на Богомајката и Нејзиното Успение. Кон оваа основна цел во IV-V в. се присоединува и друга – осуда на заблудите на еретиците кои посегнувале по достоинството на Богомајката, конкретно, заблудите на колиридијаните, еретици од IV век, кој ја одекувале човечката природа на Пресвета Дева (заради што одрекувале дека таа и се упокоила на земјата).

Во V век, Анатолиј патријарх Константинополски напишал стихири за овој празник, а во VIII век - два канона напишале Косма Мајумски и Јован Дамаскин.

Химнографија

Тропар

глас 1

При раѓањето девството го зачува,
при упокојувањето светот не го остави, Богородице,
се престави кај животот,
Мајко на Оној што е Живот,
и со Твоите молитви ги избавуваш од смрт нашите души.

Кондак

глас 2

Во молитвите незаспана Богородица
и во претстоителствата неизменливо надевање
гробот и умирањето не ја задржаа:
како Мајка на Животот
кај животот ја престави
Оној што се всели во утробата секогаш-девствена.

Задостојник

глас 1

Ангелите, Твоето упокоение Пречиста кога го видоа, се восхитија;
како Дева се искачува од земјата на небо? Се победува поредокот на природата
во Тебе, Дево Чиста,
зашто, девствува раѓањето
и животот се ветува пред смртта.
По раѓањето - Дева и по смртта - жива,
го спасуваш секогаш,
Богородице, Твоето наследство.

Надворешни врски