Молитва

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Mолитвата е нешто најсвето во нашето постоење. Таа е природен закон. Молитвата е разговор на човечката душа со Бога, со Христос и со Неговата мајка, со сите светии. Она што е воздухот за телото, тоа е молитвата за човечкиот дух. Она што е постот за телото, тоа е молитвата за душата. Вистински се моли само оној човек што верува во Бога и во Неговата безгранична добрина; кој ја чувствува својата зависност од Него.

Молитвата во Православието

Животот и молитвата се меѓусебно неразделни. Животот без молитва е празен - во него недостасува најважното нешто; таквиот живот е живот површен, без вистинско значење, без длабочина: живот кој се задоволува само со видливите нешта и претстави. Таквиот живот ја нема разоткриено вечноста и бескрајноста. Светот, во кој живееме не е безбожен: луѓето сами прават да биде профан, но по својата светост тој е творевина на Божјите раце, и од Бога возљубен. Цената на тој свет во Божјите очи е животот и смртта на Неговиот Единороден Син - и токму за таа цена молитвата сведочи.

Молитвата е лек за заболената душа и клуч со кој се отвора скровиштето на благодатта, преку која на душата ѝ олеснува.

На еден свет монах ангел му открил кој след Му е најугоден на Бога во молитвата: „Почетокот на молитвата треба да се состои од славословија за Бога, благодаренија за Неговите безбројни доброчинства кои ги врши врз човекот; потоа должни сме со скрушен дух да ги исповедаме пред Бога нашите гревови; на крај, пред Бога може да се изнесат, со големо смирение, молбите на нашите телесни и душевни потреби, препуштајќи го услишувањето на Неговата волја.“

Молитвата е највозвишено занимање за човечкиот ум; состојбата на чистота која се стекнува со текот на молењето, е највозвишена состојба; натприродна е преданоста на Бога во текот на молитвата.

Молитвата во Светото Писмо

Светото Писмо на повеќе места повикува и охрабрува за молитвата: Повикај ме во денот на неволјата и Јас ќе те избавам и ти ќе ме прославиш. (Пс. 49,15) Штом Го побарате Господа, вашиот Бог, ќе Го најдете ако го побарате со сето срце и со сета душа; барајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви се отвори, зашто секој којшто сака добива, којшто бара наоѓа и на којшто тропа му се отвора. (Мт 7,7-8) Најпрвин барајте го царството Божјо и Неговата правда и се’ друго ќе ви се додаде. (Мт 6,33) Ако посакате нешто во мое име, Јас ќе ви исполнам. (Јн 14,14)

Но молитвата не е само барање. Таа е и благодарност, и славословење на Бога за сите добрини и милости кон нас. Светата Црква со сите свои свети тајни и дејствија, преку целата година, е една прекрасна и постојана молитва кон Бога. Треба да се молиме не само кога сме расположени за молитва - напротив, треба самите да се принудуваме на молитва и тогаш кога не ни се моли и кога сме оддалечени од молитвата. Молитвата е убава насекаде. Посебно е убаво молењето во осаменост и во природата. Може човек да се моли од книга или со свои зборови, но со посветеност на молитвата и на Бога, според Господовите зборови: Влези во својата соба и затвори ја зад себе вратата и помоли се во тајност, и Твојот Отец што борави во тајност ќе те награди јавно.

Фази во молитвата

  • Прво, да се подготвуваме за неа со набожни мисли и чувства. Пред сè, треба да бидеме длабоко проникнати од мислата дека сме грешни и недостојни да застанеме пред Бога и да разговараме со Него, пред Кого треперат ангелските сили.
  • Второ, да се трудиме сè што е кажано во молитвата да биде со внимание и со разбирање; да внимаваме во смислата на зборовите што ги читаме или пееме. Никаква полза нема од молитвата, ако ја вршиме без внимание и разбирање.
  • Трето, да се молиме со непоколеблива вера и надеж дека ќе го добиеме тоа што го бараме.
  • Четврто, треба да се молиме со покајно и смирено срце и со чиста совест. Само смиреноста, поправо сознанието дека сме недостојни пред Бога може да нè удостои со Неговата богата милост.
  • Петто, заедно со верата, во нашата молитва треба да се појават уште: трпението, постојаноста и неуморноста.
  • Шесто, и постот е многу важно помошно средство за засилување на молитвата. Ако молитвата е издигнување на душата кон Бога, издигнување со вера, надеж и љубов, тогаш постот е воздржување од сè што пречи на душата да се издигнува кон Бога. Постот е умереност во јадење и пиење и во другите животни потреби. Постот значи одбегнување на гнев, непријателство, завист, омраза и други страсти

Видете исто така

Извори

  • Енциклопедија на православниот духовен живот, Свети Игнатиј Брјанчанинов. Белград 2005
  • Молитвеник, Дебарско-кичевска Епархија. Охрид 1995
  • Православен молитвеник, Брегалничка Епархија. Штип 2003