Шести вселенски собор
Шести вселенски собор (грч: Η ΣΤ΄ Οικουμενική Σύνοδος; Τρίτη Σύνοδος της Κωνσταντινούπολης - Трет Цариградски собор) е одржан во Цариград од 7 ноември 680 до 16 септември 681 година. Соборот е свикан од страна на царот Константин I Погонат, и е одржан во царскиот двор, во свечена сала со куполи (τρουλλος), и поради тоа е наречен и Трулски собор. Биле присутни 174 Епископи, а римскиот Епископ Агатон бил претставен преку три пратеника. Соборот е свикан за да се даде одговор на монотелитската ерес, која се појавила во времето на царот Ираклиј (610-641 г.) а е формулирана од страна на патријархот Сергиј и прифатена од римскиот Епископ Хонориј. Според тоа учење, познато и како Ектесис, Господ Исус Христос има две природи, а после Воплотувањето има само една волја (монотелитизам) или едно дејство (моноенергизам). Вака формулираното учење ја нудело можноста монофизитите да се вратат во Црквата, но било противречно на Халкидонскиот орос.