Рождество Христово

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Рождество на Господ Исус Христос

Рождество на Господ Исус Христос, или кратко - Рождество Христово е еден од најголемите Христови празници на Светата Православна Црква, кое се слави на 25 декември (7 јануари). Во целовременоста на Своето постоење, нашиот Господ Исус Христос беше роден, воплотен од Светиот Дух и Пресвета и Вечнодева Богородица Марија, откривајќи му се на човештвото. Според Светото Писмо и Светото Предание, Христос беше роден пештера во Витлеем, меѓу пастири. Во тоа време пристигнаа тројцата мудреци од Исток, водени со чудесна ѕвезда, со своите дарови: злато, ливан и измирна. Тие на Младенецот Му се поклонија како на Цар над царевите и Го даруваа со своите дарови (Матеј 2).

Христовото раѓање го викаме и Божик. Во утробата на Пресвета Богородица Марија, Синот Божји, Логосот, ја прими нашата човечка природа, стана тело. Оваа Божја посета и милост и љубов кон нас, луѓето, ја нарекуваме Овоплотување. На овој начин се исполнува пророштвото дека «И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил, што значи: со нас е Бог!» (Иса. 7,14).

Божик е празнување на спасението на светот извршено преку Синот Божји, Којшто поради нас постана човек, и преку Кого ние самите можеме да постанеме синови на Бога Отецот, преку присуството на Светиот Дух во нас. Поради сето ова, Божик е празник на радоста и љубовта. Тој заради Својата неизмерна љубов и човекољубие дојде за да нѐ обогати и обожи; така и ние треба да се свртиме кон ближните и да ги обогатиме со својата љубов и добрина. Како што Христос, доброволно се осиромаши за нас, и ние треба да тргнеме по тој пат. Во тој дух на радост, љубов и сиромаштво, треба да се празнува овој навистина голем празник. Но исто така, Божик е и празник на мирот. Во нас треба да се всели Христовиот мир и да помогнеме да го шириме меѓу луѓето. Од овој настан во историјата на човештвото започнува новата, наша Христијанска ера и броењето на годините.

Празнување на Рождеството на Господ Исус Христос

Рождеството Христово се слави на 25 декември. Но, во првите три века овој празник не се славел посебно, туку заедно со Христовото Крштение или Богојавление (Епифанија). Во почетокот, многу внимание не се посветувало на овој празник, колку што се посветувало на Богојавление, односно Крштевањето на Господа Исуса Христа, а тоа е поради тоа што во животот на човекот се обрнувало повеќе внимание на денот на неговото крштевање, како духовно раѓање за живот, отколку на телесното раѓање, кое е за смрт. Кога во четвртиот век по Христа започна празнувањето на овој свет ден, Христијанството наиде на отпор од празнувањето на паганскиот празник посветен на непобедливото сонце, а кој се празнуваше околу зимската краткоденица. И токму затоа Црквата реши Рождеството да го празнува токму на тој ден, за да се надмине идолопоклонското празнување на Сонцето, а да се слави вистинското Сонце на Правдата - Христос Богочовекот. Во Црковната химнографија за овој празник лесно се согледуваат овие одлуки. Празнувањето на Божик е обликувано според Велигден; затоа пред Божик е востановен и подготвителен четириесетдневен пост.

На богослужбите спроти Божик се читаат старозаветните пророштва на Михеј, кој претскажал дека Спасителот ќе се роди во Витлеем, и пророкот Исаија кој Го претскажал и Ликот на Месијата: „Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, *Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му дадат името Емануел.“ (Ис.7,14). „Зашто Младенец ни се роди - Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Советник, Чудесни, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давида и во царството негово, за да го утврди Он и да го зацврсти преку суд и прада отсеа па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Господа Саваота.“ (Ис. 9,6-7)

Утрената започнува со ангелскиот поздрав: Слава на Бога на висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја! Евангелието според Матеј раскажува за Христовото Рождество, а апостолот се чита од Посланието до Галатјаните.

Рождеството Христово во Светото Писмо

И ѝ рече ангелот: «Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај... Светиот Дух ќе следне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји;» “ (Лука, 1,30-33, 35)

Во тие дни излезе заповед од ќесарот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Дависов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, свршена за него жена, која не беше празна. А кога беа таму, нејзе и дојде време да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница. Имаше пастири во тој крај, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо. И одеднаш се јави ангел Господов меќу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече: “Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли.” И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: Слава на Бога на висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!” Кога си отидоа ангелите од низ на небо, пастирите си рекоа помеѓу себе: “Да отодеме во Витлеем и да видиме што станало таму, за кое ви соопшти Господ.” И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосифа, и Младенецот како лежи во јасли. А штом видоа, кажаа се што им беше речено за Тоа Дете. И сите, што чуја, се восхитуваа на сето она што им расправаа пастирите. А Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Бога за се она што чуја и видоа, како што им беше речено. “ (Лука, 2,1-20)

И рече Марија: “Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови; зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име; и милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него. Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените; гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни; го прифати Израилот, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста, како што им зборуваше на татковците наши, на Аврама, и на семејството негово довека.” (Лука, 1,46-55)

Химнографија

Тропар

глас четврти
Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот
со светлина на знаењето; во неа пак, оние што им служеа
на ѕвездите од ѕвездата се учеa Тебе да Ти се поклонуваат,
Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе, Исток на висините,
Господи, Слава Ти.

Кондак

глас трети
Дева денес Надсуштествениот Го раѓа
и земјата Му принесува пештера на Непристапниот,
ангелите со пастирите славословуваат, а мудреците со ѕвездата патуваат,
зашто, заради нас се роди Младенец, Предвечниот Бог.

Величание

Те Величаме,/ Животодавецу Христе,/
кој заради нас сега со плот се раѓаш/
од Неневестната// и Пречистата Дева Марија.

Задостојник

глас 1
Величај ја, душо моја,
Најчестната и Најславната од горните војски,
Дева Пречистата, Богородица.//
Заради стравот, полесно е да го сакаме - како безбедно - молчењето,
со љубов пак, Дево, песни да ткаеме, срдечно составени, не е лесно;
но и, Мајко, сила, како што сакаш, дај.

Надворешни врски