Велигден

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Воскресение Христово

Велигден, односно Пасха (Πάσχα), е празник на Воскресението на Господ Исус Христос. Пасха како поим е транслитерација на грчки збор, кој од своја страна е транслитерација на еврејскиот pesach, со значење Премин. Велигден е Пасха Господова и Ден на нашето спасение. Затоа Воскресението Христово е Празник над празниците, Торжество над торжествата и Слава на Бога Воскреснатиот. Велигден е центарот на Православната вера и празнување. За верните, периодот пред Велигден, е долго патување исполнето со покајание, прошка, измирување, молитва, пост и поучување. Со пристигнувањето на Велигден, се празнува победата на Животот над смртта преку извршување на неколку богослужби комбинирани во една.

Смисолот на Воскресението

Без верување во Христовото воскресение не е можно да се верува во Христа како Спасител. Со еден збор: не е можно Христијанството; не е можно да се биде Христијанин. Затоа Апостолот Павле одлучно и јасно изјавува: „Ако Христос не воскресна, празна е нашата проповед, празна њ и вашата вера”. Сè е изгубено, сè е пропаднато, ако Христос не воскресна - вели св. Златоуст, објаснувајќи ги овие апостолски зборови.

Без Христовото воскресение - сè е привид: и Христос, и сите негови дела, и севкупното Негово учење. Затоа и самиот Спасител уште за врeме на своето живеење на земјата укажуваше на своето воскресение како на настан кој ќе ја објасни и неговата Личност и Неговото дело. Така по своето Преображение Спасителот на своите ученици им заповеда никому да не му кажуваат шта виделе додека Тој да стане од мртвите. Зашто, дури во светлината на Воскресението станува јасен и настанот на Преображението, и целиот живот на Богочовекот и севкупното Негово учење, затоа што дури со своето воскресение од мртвите Исус неспорно и сеубедливо посведочи дека Тој навистина е Бог и Син Божји.

Пред Своето воскресение Спасителот поучувал за вечниот живот, но со воскресението покажа дека Тој навистина е вечниот живот. Пред Своето воскресение Тој поучуваше за воскресението на мртвите, но со воскресението покажа дека Тој навистина е воскресението од мртви. Пред Своето воскресение Тој поучуваше дека верувањето во Него преведува од смрт во живот, но со своето воскресение покажа дека ја победи смртта и со тоа на осмртените луѓе им го осигура преминувањето од смртта во бесмртноста. Со еден збор: севкупното учење на Спасителот ја добива својата потврда и образложение во Неговото воскресение.

Со Воскресението од гробот Хрисос ги круниса сите празници. Тој доброволно пострада на Крстот за искупување на нас, грешните на Велики Петок (Големиот Петок). Според Светото Писмо, во часот кога Он пострада на Крстот, многу гробови во близината на Ерусалим испукале и некои праведници дури во тој момент станале од нивните гробови.

Бог страдаше и воскресна по ради Својата безмерна љубов кон човекот. И бидејќи Божјото воплотување и воскреснување е осмислено единствено со љубовта, така и делото на спасението на човекот е невозможно без подвигот на љубовта. Тој подвиг Бог постојано го очекува и од нас, бидејќи „љубовта е исполнување на Законот” (Рим. 13, 10). Украсувајќи си го животот со вера и срцето со чистота, да го исполниме благословот на свети апостол Јован кој вели: „Кој го сака брата си, тој е во светлината” (1. Јн. 2, 10).

Воскресението во Светото Писмо

Претходно, откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Христос и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие.

Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа.

За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени мироносици појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Во тој момент земјата се затресе, затоа што Божји ангел слета од небото, го тргна каменот од гробот, и седна на него. Неговото лице блескаше како молња, е неговите облеки беа бели како снег. Кога тоа го видоа стражарите, тие затреперија од страв. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не ѝ поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.

Пресметување на денот на празнување на Велигден

Уште од самото востановување на празникот постоела разлика во датумот на празнување помеѓу помесните цркви. Поголемиот дел од помесните Западни цркви сметале дека Велигден треба да се слави првата недела после Јудејската Пасха. Црквите на Истокот го славеле Воскресението на првиот ден после Јудејската Пасха, додека малоазиските цркви го славеле на 14 нисан, што значи, заедно со Евреите. Сето ова довело до појавување на таканаречените Пасхални спорови. На Првиот вселенски собор во Никеја, 325 година било одлучено Велигден да се прославува на ист ден во сите помесни Православни цркви, и тоа во првата недела после првата пролетна полна Месечина. Исто така, востановено е дека „Оној кој ќе ја слави Пасхата заедно со Јудејците, без разлика дали е епископ, презвитер или ѓакон - да му се одземе чинот.“

Промената на календарот довела до тоа Христијаните на запад најчесто да ја слават Пасхата пред оние од истокот, и при тоа најчесто во истовремено со јудејската Пасха, што е повредување на одлуката од Првиот вселенски собор. Дури и оние помесни Цкрви кои го прифатиле грегоријанскиот календар, ја задржуваат пасхалијата по јулијанскиот календар.

Обврската за пресметување на денот на празнување на Пасхата е доверена на Александриската Црква, поради тоа што во тоа време Александрија била позната по астрономите кои живееле таму; таа го објавува денот на другите помесни Православни Цркви.

Во периодот од 1900 до 2100 година прославата на Велигден е помеѓу 4 април и 8 мај.

Прв ден Велигден, 2000-2020
Година Западни цркви Источни цркви
2000 Април 23 Април 30
2001 Април 15
2002 Март 31 Мај 5
2003 Април 20 Април 27
2004 Април 11
2005 Март 27 Мај 1
2006 Април 16 Април 23
2007 Април 8
2008 Март 23 Април 27
2009 Април 12 Април 19
2010 Април 4
2011 Април 24
2012 Април 8 Април 15
2013 Март 31 Мај 5
2014 Април 20
2015 Април 5 Април 12
2016 Март 27 Мај 1
2017 Април 16
2018 Април 1 Април 8
2019 Април 21 Април 28
2020 Април 12 Април 19

Еден од начините на пресметување на датум на кој се паѓа Велигден според Јулијанскиот календар ја дал математичарот Карл Фридрих Гаус. Алгоритмот според кој се пресметува е следниот:

G = година за која се пресметува датум на Велигден

R1 = G mod 19 (Остаток при делење на годината со 19)

R2 = G mod 4

R3 = G mod 7

RA = 19 R1 + 16

R4 = Rа mod 30

RB = 2R2 + 4R3 + 6R4

R5 = RB mod 7

RC = R4 + R5

Велигден е на ден: Ако Rc < 28 Велигден е на датум Rc+3, ако Rc >= 28 Велигден е на датум Rc-27 Ако Rc < 28 Велигден е во месец април, ако Rc >= 28 Велигден е во месец мај

Пример за 2006 година G=2006 R1=11;R2=2;R3=4;RA=225;R4=15;RB=110;R5=5;RC=20 Велигден е на 23 април

Велигденски богослужби

Воскресението на Господ Исус Христос е центар на Православната вера. Токму затоа на Велигден му претходи период од дванаесет подготвителни недели.

Полуноќница

Некаде пред полноќ почнува да се служи полуноќницата. Свештеникот оди кон Гробот Христов, ја подига плаштеницата од него и преку царските двери ја внесува и ја положува на чесниот Престол. Таа таму останува 40 дена, до Вознесение Христово.

Литијата почнува околу полноќ. Свештеникот ја напушта црквата со верниците; поворката пее и ги носи црковните знамиња, ја обиколува Црквата и доаѓа пред затворените врати. Тука за прв пат се пее воскресниот тропар. Заедно со стиховите на 67 Псалм со кој започнуваат сите богослужби во Велигденскиот круг.

Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови;
да бегаат од лицето Негово оние, што Го мразат.

Вратите повторно се отвораат и народот влегува во Црквата. Свештениците се облекуваат во светли одежди. Таму каде што столе Гробот стои иконата на Воскресението. Свештенослужителот три пати го поздравува народот со поздравот „Христос воскресна!“, на што се отпоздравува со „Ваистина (вистина) воксресна!“

Утрена

Следна служба е Утрената. Автор на воскресниот канон на Утрената е св. Јован Дамаскин. Пасхалниот канон се пее со тропарот како со рефрен.

Велигденска Литургија

Велигденската Света Литургија исто така започнува со воскресенскиот тропар и стиховите од 67-от Псалм; се пеат и воскресенските антифони. Се читаат делови од Дела апостолски на светиот апостол Лука и Евангелието по Јован. Потоа продолжува Златоустовата Литургија како и обично, но постојано се пее велигденскиот тропар. Верниците се причестуваат. Во неделата на Воскресението не се служи вечерна.

Химнографија

Тропар

(5. глас/се пее и на 1. глас)

Христос воскресна од мртвите,
со смрт - смртта ја сотре,
и на тие во гробовите - живот им подари.

Кондак

(8. глас)

Иако во гроб слезе, Безсмртен,
но силата на адот ја разурна,
и воскресна, како победник, Христе Боже,
Ти што на жените мироносици им рече: радувајте се!
и на Твоите апостоли мир дарувајќи им,
на паднатите им даваш Воскресение.

Видете исто така

Надворешни врски