Свети првомаченик и архиѓакон Стефан

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Свети Стефан

Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан e еден од првите седум ѓакони ракоположени од светите апостоли и првиот маченик за Христа. Православната Црква го празнува неговиот спомен на 27 декември (9 јануари).

Житие

По Вознесението на Господ Исус Христос и по слегувањето на Светиот Дух над апостолите, Господовото слово бргу се распространувало, и бројот на верните растел секој ден. Јудејските началници и членовите на синедрионот со ожесточеност и гнев ги гледале успесите на новото учење. Откако го предале Исуса Христа на срамна крстна смрт, тие се надевале, дека со Него ќе загине и Неговото слово. Но, сега тие виделе, дека смирените рибари безстрашно и громко го проповедаат името на воскреснатиот Христос, Кој се вознел на небето и седи оддесно на Бога; дека тие прават чуда, со еден допир исцелуваат болни и даваат вид на слепи; дека на сите јазици го распространуваат учењето на Христос и дека нивните зборови, исполнети со необична сила, привлекуваат многу луѓе, подготвени со радост да ги напуштат дури и своите семејства и домови, за да станат Христови следбеници.

Гледајќи го сето тоа, јудејските началници започнале многу да се вознемируваат и да преземаат строги мерки против апостолите. Тие ги казнувале, ги затворале во затвор, им забранувале да проповедаат, го наговарале против нив народот, нарекувајќи ги прекршители на Мојсеовиот закон. Но, наспроти тие гонења, Христовото учение се распространувало и самите животни потреби на новообразуваното општество се обезбедувале. Зашто, како што вели апостол и евангелист Лука, „апостолите пак, сведочеа со голема сила за воскресението на Господ Исус Христос, и голема благодат имаа сите. Меѓу нив немаше ниту еден во оскудност, зашто оние што поседуваа земји или куќи, ги продаваа, а приходот од продаденото го донесуваа и оставаа пред нозете на апостолите; и се раздаваше секому според потребата.”

Меѓу оние, кои добивале храна, имало луѓе од различни земји и народи. Кога бројот на христијаните многу се зголемил, меѓу нив се појавило приговарање и негодување. Елинистите – така биле нарекувани евреите кои живееле во дијаспората, во паганските земји, се пожалиле дека на нивните вдовици им се давало помалку помош. За тоа дознале апостолите. Зафатени со проповедвање на Божјото слово, тие решиле да не ги преземаат на себе грижите за економските работи на христијанското општество, за да не губат време за проповедање и затоа решиле да изберат од учениците седуммина, на кои ќе им ги доверат грижите за раздавање на помошта. Избраните биле наречени „ѓакони” (што значи – служители). Апостолите се помолиле и ги ракоположиле и тие почнале од сѐ срце да ги исполнуваат своите задолженија. Прв меѓу седумте ѓакони бил Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух.

Во Eрусалим бројот на верните сè повеќе се зголемувал. Дури многумина од еврејските свештеници се обратиле кон Христа. Тоа многу ги налутило членовите на синедрионот. Тие се разгореле во полемика со Стефан, но не можеле да се спротивстават на духовната сила и мудрост, со кои биле исполнети неговите зборови – толку повеќе, што Стефан правел и чуда. Тогаш тие прибегнале кон друго средство: го подбуцнале против него народот, старешините и книжниците, откако го обвиниле пред синедрионот, наводно за хулење на Бога и Мојсеовиот закон. Пронашле лажни сведоци, кои ги потврдиле нивните зборови.

Го повикале Стефан во синедрионот. Наместо да се заштитува, тој почнал да ги обвинува своите обвинители, дека, имено, тие постојано го нарушуваат законот, а напразно се фалат дека го исполнуваат. Тој ги наброил сите добродетелства на Господа кон еврејскиот народ: Како Тој го спасил от тешкото египетско ропство, чудесно го зачувал во пустината, му го дал Законот, ја изградил за него скинијата, а потоа и храмот, му испраќал пророци и проповедници, кои му возвестувале за Христа; а, како тој избран народ го нарушавал Божијот Закон, ги убивал испратените од Бога пророци и најпосле ја исполнил мерката на своите престапи, со тоа што го распнале Христа. „Тврдоглави и необрезани по срце и уши – извикал Стефан – вие секогаш се противите на Светиот Дух, како вашите татковци, така и вие! Тие ги убија оние што го предизвестија доаѓањето на Праведникот, Чии што предавници и убијци станавте вие!” Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан со тие зборови го предизвикал гневот на слушателите: тие скрцале со забите и срцата им се кинеле от злоба. А, Стефан, исполнет со Светиот Дух, одеднаш го прекинал својот говор, погледнал кон небото, кон божественото видение што се појавило пред неговите очи и радосно извикал: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои оддесно на Бога!” Тогаш сите еднодушно се нафрлиле врз него и откако го извлекле надвор от градот во Јосифовата долина, околу Кедарскиот поток, почнале да фрлаат камења врз него. А тој се молел и велел: „Господи Исусе, прими го мојот дух!” Потоа, паднал на колена и извикал со висок глас: „Господи, не сметај им го ова за грев!” – и со тие зборови починал. Тоа се случило во 37 година.

Ниту кроткоста на Стефан за време на мачењата, ниту последната трогателна молитва за непријателите, не ги скротила убијците. Тие дишеле злоба и гнев. Од сите нив најмногу се гневело едно момче по име Савел, суров гонител на Христовата Црква – оној истиот што подоцна, просветен од Духот Божји, станал најцврст и ревностен проповедник на вистинската вера и славен апостол – Павле. Преданието говори дека Пресветата Дева, придружувана од апостол Јован Богослов, гледала од некоја височинка како го убиваат Стефан и се молела за него. Телото на првомаченикот било оставено да го изедат ѕверовите и птиците. Но, Гамалиил, еден бележит еврејски законоучител, кој што го почитувал светиот маченик, го зел неговото честно тело и го погребал на својот имот. Верните многу го оплакувале Стефан.

Наспроти гонењата, христијанската Црква сè повеќе закрепнувала. Храброста со која верните ги поднесувалетие гонења, ги убедувала непристрастните во вистинитоста на христијанската вера. Оние што поверувале биле принудени да бегаат от Ерусалим, каде што Савел жестоко ја гонел Црквата. Се распрснале по цела Јудеја и насекаде бројот на христијаните бргу се зголемувал. Во 415 г. моштите на првомаченикот Стефан биле откриени преку чудесно видение, кое го имал некој свештеник. Тие били поставени во Сионскиот храм, во Ерусалим. Многу години потоа, благочестивата византиска царица Евдокија, сопругата на Теодосиј Помладиот, допатувала во Ерусалим, и на местото, каде што светиот првомаченик Стефан бил убиен и земјата се обагрила со неговата честна крв, изградила прекрасна црква, што го носела неговото име, во чест на Христа Бога.

Химнографија

Тропар

глас четврти

Првомачениче Христов и апостоле, со добар подвиг
си се подвизувал, и си го изобличил безбоштвото на
мачителите. Бидејќи со камења беше убиен од рацете на
беззакониците, прими венец од Десницата што е во височините,
а на Бога Му се молеше, извикувајќи:
„Господе, не им го земај ова за грев!“

Кондак

глас трети
Господ вчера доаѓаше во тело, а денес слугата излегува од тело.
Вчера Царот во тело се роди, денес слугата со камења е убиван:
за Него и умира првомаченикот, божествениот Стефан.

Надворешни врски