Педесетница

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Света Педесетница (гр. πεντεκοστη лат. pentecoste, педесетница, педесетти ден): еден од најрадосните и најсветли празници на Православната Црква во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото Воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва.

Педесетницата се нарекува уште и „крај на празниците“, ден преку кој се довршува историјата на Спасението остварено преку Господ Исус Христос токму поради тоа што православното учење како една службите на Месијата го назначува токму крстувањето преку Светиот Дух, односно Негово излевање врз човештвото. Иако Духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден Тој се покажува во Својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на Спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на Светиот Дух, Тој е Оној Кој го собира Божјиот народ во телото Христово, односно Црквата.

Значење

Света Педесетница

Свети Јован Златоуст укажува дека на денот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, Синот ги принесува „даровите на помирението“ на Бога на верните, преку Неговата жртва. Помеѓу Синот и Светиот Дух се остварува не само обична размена преку која Синот во залог ја зема нашата природа која истовремено преку Воскресението ја вознесува на небото, туку ни Го праќа и прославениот Христос и Светиот Дух покажувајќи го помирувањето помеѓу нас и Бог Отецот. Слегувањето на Светиот Дух е вистински знак на помирување, како што Неговото допирање било знак за гневот Божји. Свети aпостол Јован Богослов тврди дека Светиот Дух не пребивал на земјата пред Христа, затоа што сѐ уште не можеоле да станува збор за помирување со Бога без Неговата жртва: „А ова го рече за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.“ (Јован 7,39) Поради тоа и самиот Спасител вели дека Неговото Вознесување е потребно за Духот да биде испратен како знак и дар на нашето помирување со Бога преку Неговата жртва: „Но Јас вистината ви ја кажувам; подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам.“ (Јован 16,7) Според тоа, Духот сведочи дека сме преку Христос синови Божји по благодет: „Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји.“ (Рим 8,16)

Прасликата на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите се согледува во празнувањето на Израилот на Педесетницата: имено, педесет дена по Пасхата, на празникот на Педесетницата, Израилците ја прославувале свеченоста на жетвата. На тој ден, сите доаѓале во Храмот и синагогите, украсени со цвеќа и гранчиња, принесувале благодарствени жртви за добрата жетва. Со време, Педесетницата станала и спомен на објавувањето на Божјиот Закон на Синај и склучувањето Сојуз помеѓу Бога и избраниот народ, за кое преданието велело дека се случило педесет дена после ослободувањето од ропство, и излегувањето од Египет, одностно старозаветната Пасха. И Новозаветната врска е очигледна: педесет дена после Таинствената Пасха, Бог Го испраќа Утешителот на својот избран народ.

Педесетницата и Црквата

Педесетницата претставува не само роденден и темел на Црквата, туку и нејзин пример, дека околу апостолите, во заедница, биле присутни и првите христијански ученици и верници. Светиот Дух бил даруван на првата апостолска заедница (Дела 4,31) и преку Него тие биле дарувани со сѐ она што било потребно за христијанскиот организам: проповедањето на Евангелието, Свети тајни, харизма и ѓаконство. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им давал да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимците не им бил неопходен духовниот вид. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборувале било едно од чудата кои биле видливи за сите. Свети апостол Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста негова допрела до срцата на многубројните луѓе што го слушале и тие го примиле покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстиле и присоединиле кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. Постоењето на Црквата, воспоставување на апостолскиот континуитет и секое дејство на Црквата зависи од повикувањето на Светиот Дух. Црквата својот внатрешен живот го црпи токму од постојаното актуелизирање на Педесетницата и повикувањето на Светиот Дух. Токму затоа Свети Јован Златоуст во неговите дела вели дека „ние можеме да ја прославуваме Педесетницата во секое време“.

Значењето на Педесетницата се состои во тоа што од тогаш Светиот Дух конечно влегува во историјата, во која времето и просторот не постојат без личното присуство, вистинското доаѓање и активното Божјо делување.

Тропар

Глас осми
Благословен си, Христе Боже наш,
Кој премудри риболовците ги покажа,
кога им го испрати Светиот Дух,
и со нив ја улови вселената,
Човекољубецу, слава Ти.

Кондак

Кога слезе, јазиците ги слеа, ги разделуваше народите Вишниот,
кога пак, огнени јазици раздаваше, во единство сите ги повика;
и согласно го славиме Сесветиот Дух.

Надворешни врски