Богомилство

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 19:41, 20 декември 2009; направена од Iacovibus (разговор | придонеси) (New page: '''Богомилството''' е ерес појавена во средновековна Македонија и пошироко, како реакција на социјалн...)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Прејди на: содржини, барај

Богомилството е ерес појавена во средновековна Македонија и пошироко, како реакција на социјалното раслојување што настанало како резултат на воведувањето на феудализмот и на поддршката на власта од страна на Црквата. Богомилството било дуалистичко еретичко учење според кое реалниот свет не е создаден од Бога, туку ѓаволот. Богомилите го отфрлале крстот како свој верски симбол, не граделе цркви и своите обреди ги вршеле на отворен простор, ја осудувале црковната иерархија и сметале дека Господ Исус Христос не бил Син Божји, туку обичен човек. Името го добиле по презвитерот Богомил, по кого, пак, е наречено селото Богомила.

Историја и појава

Крајот на 9 и почетокот на 10 век е означен со крупни промени во општествената структура на македонските племиња. Во тоа време, територијата на македонските племиња влегува во состав на моќната феудална држава на бугарскиот цар Симеон (823-927). По завладувањето, за да ја задржи власта, како и заради можноста за побрза и поефикасна експлоатација, и на овој простор е проширена воено-административната поделба, каква што веќе постоела во Бугарското царство. Тоа значело и забрзано распаѓање на родовските општини. Црквата, образно на Светото Предание, застанала на страна на монархијата, во одбрана на богопоставениот општествен поредок.

Околностите во кои се нашле Македонците, посебно се влошиле во средината на 10 век, за време на владеењето на царот Петар (927-969), кога нагло биле зголемени даноците за големиот воено-административен апарат, кога ги завршил своите освојувачки походи. Во едни такви критични политичко-економски услови, се појавува силно народно-схизматичко движење, за верско и политичко ослободување - Богомилството.

Богомилите во Македонија се појавуваат во времето кога на бугарскиот престол бил Петар (927- 969). Од ова време не се зачувани богомилски книги, иако според многу извори тогаш ги имало доста. Основен извор за појавеното богомилско движење во Х век е Беседата против богомилите од Презвитер Козма. Како заштитник на интересите на бугарската црква, Козма го напишал ова дело со цел да ги разобличи богомилите, да го осуди нивното движење и да ги оттргне масите од нив, да не станат еретици – богомили.

Учење

Движењето го започнал презвитер Богомил. Тешко е точно да се одреди каде се појавува ова движење, но сигурно е дека се појавува во Македонија. Според легендата, Богомил е по потекло од селото Богомила, велешко, а живеел и се криел на планината Бабуна. Богомилите биле под влијание на манихејството, но и на старата паганска словенска религија. Тие верувале дека светот е борба на доброто и злото и дека на крајот ќе победи доброто.

Богомилите учеле дека отпрвин постоел добриот бог, којшто ја создал огромната вселена, составена од четири основни елементи - оган, вода, воздух и земја. Добриот бог создал седум небеса во огромната вселена, и тоа било неговото царство. Божјото царство бог го управувал со помош на својот син Сатанаил, познат и како Самаил, ѓавол и мамон, како и со помош на голем број ангели. По извесно време, Сатанаил го изневерил татка си: откако привлекол на своја страна дел од ангелите, решил да создаде свое царство на седмото небо, ветувајќи им на своите следбеници ослободување од тешките даноци. Но, бог го открил заговорот. Сатанаил и неговите ангели ги спуштил на земјата, и ги лишил од короните, алиштата и венците. На земјата Сатанаил почнал да си гради царство: создал мориња и океани, наредил на земјата да растат растенија и да се одгледуваат животни, а во морињата риби. Откако го направил тоа, решил да го направи и човекот, кој ќе личи на него и ќе му слугува. Така според богомилските сфаќања биле создадени Адам и Ева. Ваквите сознанија за потеклото на човекот се среќаваат во повеќе богомилски книги, во прв ред во апокрифот „Јованово евангелие“, познат и како Тајна книга, напишан веројатно во 12 век.

Богомилите биле против официјалното христијанство и против Црквата, не граделе храмови и не признавале празници. Тие дури го отфрлаат и Стариот Завет поради својата суровост и не ја признаваат државата. Нивното учење било во голема мера револуционерно. Богомилите не прифаќаат да носат оружје и да водат војни, поради што се жестоко казнувани од сите држави до каде што стигнале. Ги казнувале Византијците, бугарскиот цар Петар и српскиот владетел Стефан Немања. Тие се прошириле и до Хрватска и Босна и Захумље (денешна Херцеговина), каде што ги прогонува католичката црква. Богомилите наоѓаат засолниште во Босанските планини и се рашируваат до таа мера што стануваат официјална црква наречена - Црква Босанска. Богомилството го прифатил банот Кулин и ги штител богомилите и од Византија и од Унгарија и од Рим.

Исто така, богомилите ги отфрлаат странските имиња, грчки и еврејски под влијание на Библијата, и имаат само словенски имиња како: Годин, Љубомир, Твртко, Радомир, Мирослав, Болеслав, Драгомир, Владимир, Драгош, Будислав итн. Тие ги отфрлаат и грчкото и латинското писмо и документите зачувани во Босна се пишувани на старото кирилско писмо и на писмото познато под име: „Босанчица“.

Надворешни врски