Свети Јован Кронштатски

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Свети Јован Кронштатски

Свети праведен Јован Кронштатски роден на 19 октомври 1829 година во Сур, Архангелска губернија, во богоугодно руско семејство од родители Илија и Теодора. Од 1855 година служел како свештеник во храмот на светиот апостол Андреј Првоповикан во Кронштат. Токму таму и започнал да ги врши делата на милосрдие по кои и многу се прославил. Бил прославен и почитуван уште во времето на неговото претставување пред Бога. Канонизиран е од Руската Задгранична Православна Црква во 1964 година, и во 1990 година од Руската Православна Црква. Вториот по големина манастир во Санкт Петерзбург е посветен на овој светител.

Неговиот спомен се празнува на 20 декември, односно 2 јануари.

Житие

Повеќе од 300 години неговите предци биле свештеници во тој крај. Неговото семејство секогаш се грижело за духовната странана животот и важело како едно од најправославните христијански семејства во селото Сура. Свети Јован, како дете ништо не го влечело кон детските игри, па за време на празниците се шетал низ шумичката и со задоволство ги гледал растенијата и животните. Нему уште поблиску му биле Господ и Црквата, бидејќи од најрано детство родителите го воделе во храм на молитва.

Сеќавајќи се на тоа време, подоцна пишува: „Сакав да се будам навечер за молитва... кога сите спиеја, кога е тишина. Најмногу и најчесто се молев на Бога да ми ја подари светлината на разумот за утеха на моите родители.“ Детството во родителскиот дом и годините на богословско учење ги поминал во голема сиромаштија. Уште од најраната младост бил благословен со благодатни духовни искуства. Уште на шестата година, свети Јован видел ангел во необична светлина, по што затреперил, но ангелот го смирил зборувајќи му дека тој е неговиот Ангел - чувар кој што го следи. Кога тргна на училиште, не можел да разбере што се учи и да се помни и со години не можел да го совлада читањето. Меѓутоа молитвата упатена кон Бога многу му помогнала, бидејќи од последен помеѓу неговите другари, тој станал првенец на неговата генерација. Светото Евангелие на Црковнословенски јазик го водешело низ неговиот живот, посебно низ младоста и студиите, за што подоцна и самиот посведочи пред една игуманија. Оттука се запишал во местото Архангелск. Во 1851 година, свети Јован завршил богословија и како најдобар ученик бил испратен на Духовната академија. Малку пред тоа починал неговиот татко, а неговата мајка останала со две малолетни ќерки, без никаква можност да опстане. Поради тоа, свети Јован, посакал да ја напушти академијата и да стапи како ѓакон во служба, но тоа не го дозволила неговата мајка. Веднаш потоа бива испратен на духовна академија во Петроград, каде што целосно се посветил на студиите што требал да го изучува. Благовремено размислувал и за замонашување, но се уверил дека и во таа околина има многу работа за вистинскиот пастир на старото Христово. Во Петроград свети Јован бива ракоположен за свештеник и е испратен на служба да му помага на неговиот дедо во Кронштат.

Подоцна, ја презел службата како млад свештеник во таа област. Неговата желба била да живее девствено и во брак, без телесна врска со својата сопруга. На почетокот, таа не сакала да го прифати тоа, и заминала да се пожали на надлежниот архиереј. Тој го повикал отец Јован и почнал долго да го убедува да се откаже од таа намера, затоа што и самиот Бог го осветил и благословил бракот и светото и побожно живеење во брак. Но бидејќи отецот бил упорен, архиерејот му запретил со казна; свети Јован Кронштатски му одговорил дека таква е волјата Божја, а не негова, и дека во тоа ќе биде уверен. На излегување од митрополијата, архиерејот целосно ослепел. Набрзо повикал по Јован, го замолил да му прости и да се помоли за негово оздравување. Откако свети јован се помолил, овој прогледал и ја повикал сопругата на светителот да ја поучи. Таа целосно ги прифатила неговите поуки.

Бог обилно ги излил врз благодатните дарови врз свети Јован Кронштатски. Освен верата, љубов, молитва, целомудрието и незлобивоста, Господ го удостоил и со даровите на проникливост и чудотворство. Како таков, непрекинато се оддавал на молитва за своите парохјани. Пред сѐ, тој се грижел за децата на сиромашните, секогаш им помагал на немоќните и целосно се жртвувал за верниците, кои што биле во таа парохија. Тука луѓето сфатиле дека свети Јован е навистина Божји човек и тие му се обраќале со разни прашања, за да им помогне во нивниот живот. Работел и како учител по веронаука и подоцна се барало од него да предава веронаука во Петроградската гимназија. Тој секогаш родителите ги упатувал на тоа како да ги поучуваат своите деца во верата во Бога и се покажал како вистински воспитувач во својата парохија.

Тој не само што бил духовен отец на Кронштат, туку и на целата Русија. Многу луѓе доаѓале во Кронштат за да добијат совет и благослов од него. Кај царот и архиереите стекнал многу голема доверба, бидејќи неговата најосновна грижа беше да живее по Христа. Многу луѓе му се обраќале, а тој ги водел кон Христовиот пат, бидејќи ја извршувал својата свештеничка должност служејќи Му на Бога, а и на луѓето. Измачен од свештеничката служба, се упокоил во Господа, во 1908 година, а на 22 Декември неговото тело е пренесено во Светојованскиот манастир, во Петроград. Царот, заедно со останатите тажно ја прифатиле смртта на свети Јован.

Поуки

За молитвата

Кога за прв пат, или само понекогаш читаме некои молитви, ги читаме како нешто ново, радосно и чувствително; но, кога ги повторуваме често, помала и помала е нашата радост; престанува за нив нашиот интерес и тешко се совладуваме да ги прочитаме повторно со она претходно чувство. Еве што треба да се прави против тоа: мораме да замислиме дека по прв пат ги читаме оние прекрасни молитви на кои сме навикнале и кои толку силно нѐ интересирале на почетоците; со срцето да проникнеме во секој збор и длабоко да го почитуваме. Оваа појава во душата наша последица е на гревот првороден - последица на нашата прва непостојаност во вистината. И сѐ до сега ние не сме во состојба во вистината да застанеме непоколебливо: само што ќе ја допреме, веднаш се сомневаме во неа. Тоа често се случува со молитвата, се случува со верата, со пријателството кон другите, и со љубовта кон Бога и ближниот свој, и со добродетелите воопшто тоа често се случува: на секаде се покажуваме непостојани во вистината.

За време на молитвата, најмногу труди се со срцето да ја проникнеш вистината или силата на зборовите молитвени; храни се со нив како со нетрулежна храна, напој го со нив срцето свое, греј се со нив ко со благодетен оган.

Нека оние кои се молат веруваат дека сѐ што е корисно Бог ќе им даде таму и тогаш, каде и кога не очекувале.

Химнографија

Тропар

глас први
На Православната вера - поборнику,
на Руската земја - молитвен застапнику,
на пастирите - правило и образец на верните,
на покајанието и на животот во Христа - проповеднику,
на Божествените Тајни благоговеен служителу
и смел молитвенику за луѓето,
отче праведен Јоване, исцелителу и прекрасен чудотворецу,
на градот Кронштадт - пофалбо и на нашата Црква - украсу,
моли го Седобриот Бог да го смири светот и да ги спаси нашите души.

Кондак

глас четврти
Денес Кронштадтскиот пастир стои пред Божјиот Престол
и срдечно Го моли за верните Христа Пастироначалникот,
Кој даде ветување: „ќе ја изградам Мојата Црква, и портата на адот нема да ја надвладее.”

Надворешни врски