Брак
Бракот е Света Тајна, и тоа една од седумте Свети Тајни во Православната Црква. Според христијанското учење, бракот е востановен уште во рајот од самиот Творец (1. Мој. 2,21-25).
Бракот во Светото Писмо
Светото писмо на Стариот завет знае за брак во рајот, односно во времето на благословената состојба на човекот пред неговот паѓање во грев и за брак по првородениот грев, затоа што Адам ја позна жената своја (1. Мој. 4, 1), дури по изгонувањето од рајот.
Овде не смее да се меша Божјиот благослов на плодноста и размножувањето: „Раѓајте се и множете се" (1. Мој. 1, 28), што им е даден на сите останати живи битија - со установата на бракот. Бог не ја создава Ева заедно со Адам за да не го принудува на брак. Мојсеј тоа го подвлекува по моментот кога Адам на секое живо битие на земјата, на секоја птица небесна и на секој полски ѕвер му даде име. Меѓутоа, не се најде за Адам помошник сличен на него (1. Мој. 2, 20). Значи, јасно се подвлекува жената да биде пријател на мажот. Обично, се мисли жената да му биде помошничка на мажот во работата, иако многу поточен превод би бил: „му создаде дополнение“. Значи, овде се говори дека жената не е дополнение на мажот само во работата, туку во самото постоење и дека помошта во работата може да се смета како последица од дополнувањето во постоењето. Жената, пред се, му е потребна на мажот, како негово „алтер его" затоа што Библијата (1. Мој. 2, 18) не вели: „Не е добро човекот да работи сам", туку вели: „Не е добро да биде човекот сам". Уште појасно ќе ни биде кога ќе додадеме дека еврејскиот збор нехед, којшто означува дополнение, е преведен со помошник сличен на него, т.е. за таа да живе со мажот како битие истоветно со него и да постои околу него, како што вели и свети Кирил Александриски.
Овде не се мисли на дополнение на мажот во работата, туку во самото негово постоење, а помошта во работата може да се смета како последица на дополнението во постоењето. Ова дополнување со мажот треба да се сфати повеќе во метафизичка смисла, како лично соедину вање во едно битие (во идното дете). На тоа нè упатува и Библијата со зборовите: „И обата ќе бидат едно тело" (1. Мој. 2, 24). Свети Јован Златоуст тоа го потврдува со зборовите: „Затоа Бог и ја нарекува неа (жената) помошник, за покаже дека тие се едно".
Зборувајќи за ова соединување, Златоуст вели: „Мојсеј не рекол ќе бидат едно тело туку: се соединуваат двајцата во едно битие ". Мораме да напомене дека многу преводи на Светото Гшсмо, не прават разлика меѓу еврејскиот поим: bаѕааг (грч. ѕагкѕ, црковнословенски: плот – што занчи: битие) и поимот bela (грч. ѕоma, црковнословенски тjeло). Во Новиот завет, Христос сам ја разјаснува оваа мисла со зборовите: „Па така, тие веќе не се двајца, туку едно битие" (Мат. 19, 6). Но, кога се зборува само за физичкото соединување на мажот со жената (не во брак, туку во блуд), тогаш не се вели дека тие се едно битие (плот), туку дека тие се едно тело - грчки: ѕоmа (1. Кор. 6, 16), а не ѕагкѕ. Да се вратиме повторно на Златоуст, којшто овде вели: „Бракот не е спектакл, туку тајна и слика на големи работи. Оваа тајна е голема, вели апостолот. А, јас ви зборувам за Христа и за Црквата (Ефес. 5, 32). Значи, икона на Христос и Црквата.
Светотаинственоста на Бракот
Каква голема тајна всушност се случува во бракот? Се соединуваат две тела и од нив се прави едно. Тоа е тајната на љубовта. Затоа што, ако двајца не станат едно, едното нема да породи многумина, туку ќе останат само двајца. Творечката Божја премудрост од самиот почеток го разделила едното на двајца и, сакајќи да покаже дека и после делењето ќе останат едно, уредила така, еден да не биде доволен за раѓање. Затоа што тој што не се соединил со врските на бракот, не претставува целина туку само половина. Тајната на бракот се состои во тоа што Господ од еден направил двајца, а потоа од двајцата направил, а тоа го прави и до денес - еден; така што и сега човекот се раѓа од едно, затоа што мажот и жената не се двајца луѓе, туку – едно.
Бракот е тајна на човечката природа, дело на творечката Божјата премудрост, која што создавајќи го човекот во вид на полов пар го соединила првосоздадениот маж со жената во едно битие.
Со бракот почнува историјата на Црквата во рајот - со бракот започнува историјата на новозаветната Црква. Во целиот Нов завет нема да најдеме ниту еден збор за установата на бракот од Христа или Неговите апостоли. И Христос (Мат. 19, 3-6; Марко 10, 2-9) и апостолите (Ефес. 5, 31) упатуваат на Стариот завет. Во Кана Галилејска Господ Исус Христос присуствувал на брачна гозба, која што била по склопувањето на брак и со своето присуство посведочил дека бракот склучен по тогашните прописи и обичаи е вистински и богоугоден брак. Според тоа, Тој во Кана не го востанови бракот, туку само го призна во форма и суштина каков што беше пред Неговото доаѓање на земјата. Блажен Августин тоа јасно го посведочува: „Христос се појави на свадбата за да потврди дека тој самиот (во рајот) го востановил бракот". Но, ако во Новиот завет немаме директни упатства за склопувања на бракот - во него многу често се зборува за моралната возвишеност на брачната врска (Ефес. 5, 22-23), која што треба да биде жива слика на благодатната врска меѓу Христос со Црквата (Јован 1, 14), па бракот се нарекува мистерија (тајна) (Ефес. 5, 32) и се наредува да се врши само во Господа (Кор. 7, 39).
Значи, по библиското учење, бракот е остаток од рајот на земјата, па е база што не била уништена со светскиот потоп, ниту со другите катастрофи. Затоа христијанскиот брак во Црквата е посебно одделен и е наречен тајна (Ефес. 5, 32), бидејќи во бракот мажот станува едно битие со својата жена како што и Синот Божји Христос престана да биде само Бог и стана човек за заедницата на Неговиот народ да би можела да стане Негово Тело.
Бракот и другите Свети Тајни
Светата евхаристија и учествувањето во неа е она што христијаните ги прави Тело Христово: „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него" (Јован 6, 56).
Со ова свое учење „христијанската Црква никогаш во целата своја историја појасно не покажала отколку во бракот дека таа воведува во светот нова и дотогаш невидена божја стварност и појава. Оваа нова реалност со себеси опфаќа потполно нов став кон бракот, различен од јудејскиот и од римскиот. Таа нова реалност првобитно не била изразена со некој посебен и независен брачен обред. Нејзината природа не се состоела во потиснување на законот, којшто го изродило и прифатило секуларизираното општество. Затоа што христијаните имале разбирање за важноста на римскиот поредок. Тие го поддржувале и напредокот што во човечките односи бил воведен со некои аспекти на римското право. Но, прифаќајќи го сето ова, христијаните никогаш не го заборавиле посебното и ново доживување и обврските што ги примиле во Тајните на крштението и светaтa Eвхаристијата".
Христијаните преку Крштението станувале храм Божји (1. Кор. 3, 16. Затоа апостол Павле ги прекорува христијаните со зборовите: „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас...?" (1. Кор. 6, 19). Според тоа, кога во бракот мажот и жената ќе станат „едно битие", кога и двајцата се членови (делови) на Телото Христово, нивната врска ја потврдува Светиот Дух, којшто живее во секој од нив.
Сфаќањето дека христијанскиот брак е составен дел од тајната чие што „исполнување" се наоѓа во евхаристијата објаснува зошто црковните канонски одредби се против мешаните бракови и против другите бракови, кои, иако се склопени по сите граѓански прописи и имат потполна легитимност, сепак не можат да бидат вклопени во евхаристијата која е богослужба на христијаните.
Црковниот писател Тертулијан (во вториот век) пишува дека „бракот е уреден со Црквата, потврден со светата причест (евхаристијата) и запечатен со благослов".
Свети Амвросиј Милански, исто така, пишува: „Христијанскиот брак треба да биде осветен со закрилата и благословот на свештеникот." На христијанскиот брак, како тајна која што ги осветува христијанските сопружници со посебна благодат, укажува и свети Амвросиј Милански: „Ние признаваме дека Владика и заштитник на бракот е Бог, којшто не допушта да биде извалкана брачната постела. И кој што го прави ова, тој врши предавство на Неговата благодат."