Почеток на црковната година
Почеток на црковната година, познато и како Начало на Индикт, е 14 септември (1 септември ст.ст.).
Почнувајќи од Пасха, преку Вознесението и Педесентицата до Преображението, Литургискиот циклус се враќа повторно на Почетокот, кон Рожденството на Пресвета Богородица преку која ќе следи и Рожденството Христово. Овој циклус Христијаните го започнуваат одново и одново.
„Ете, Јас правам нешто ново; еве сега ќе се јави; зар и тоа не сакате да го знаете?“ (Иса. 43:19) Новото вино ќе биде дадено во нови бочви.
Содржина
Одлуката на Првиот Вселенски собор
Првиот Вселенски собор определил црковната година да почнува на 1 септември. Месецот септември кај Евреите бил сметан за почеток на граѓанската година (Исх. 23, 16), месец на собирање на плодовите, плаќање на данок на римскиот император (оттука името Индикт) и принесување жртви на благодарност кон Бога. Во времето на ова празнување Господ Исус Христос влегол во синагогата во Назарет и ја отворил книгата на Пророкот Исаија и ги прочитал зборовите: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза за да им благовестам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените отпуштање и на слепите прогледување; да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог“ (Иса. 1 - 2).
Септември во Христијанството
Септември е значаен во историјата на Христијанството по тоа што во него царот Константин Велики ја однесел победата над Максенциј, непријателот на Христовата вера, а на таа слобода ѝ уследила слободата на христијанската вероисповед во целото римско царство. Светата Црква уште од самите почетоци овој ден го сметала за прв ден на новата црковна година. Исто така, долго време во христијанскиот свет и граѓанската година била сметана од 1 септември; на 1 јануари се преместила најпрво во Западна Европа, а потоа во Русија, во времето на Петар Велики.
За жал, многу често во Православниот свет се прави грешката, и Обрезанието Господово кое се празнува на 14 јануари заедно со оддавањето почит на св. Василиј Велики се смета за почеток на новата црковна година, наместо она што тој ден е - почеток на граѓанската Нова година сметана по јулијанскиот календар.
Тропар на Индиктот
- глас 4:
- Благодарните недостојни Твои слуги, Господи,
- за Твоите големи добротворства кон нас,
- славејќи, Те фалиме благословуваме, благодариме, го пееме и величаме Твоето благоутробие,
- и служителски со љубов Ти повикуваме:
- Добротворецу Спасу наш, слава Ти.
- Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух:
- глас 3:
- Удостојувајќи се за Твоите добротворства и дарови бесплатно,
- како непотребни слуги, Владико,
- кон Тебе срдечно прибегнувајќи, благодарност според силата ти принесуваме,
- и Тебе како Добротворец и Творец славејќи Те, извикуваме:
- слава Ти, Боже Предарежлив.
- И сега и секогаш и во вечни векови, Амин:
- глас 2:
- На целото создание Творецу,
- Кој времињата и годините во Своја власт си ги поставил,
- благослови го венецот на годината на Твојата благост, Господи,
- зачувувајќи ги во мир луѓето и Твојот град
- по молитвите на Богородица и спаси нè.