Икона

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 06:44, 10 ноември 2008; направена од Iovan (разговор | придонеси) (Надворешни врски)
Прејди на: содржини, барај

Икона (грч. εἰκών, eikon, лат. imago, „претстава“, „икона“, „лик“) е свет лик , света слика во две димензии кога Го претставува Господ Исус Христос, Пресвета Богородица или Светиите, кои можеме да ги насликаме бидејќи имале тело, а на кои се поклонуваме или ги почитуваме по начелото: „честа дадена кон иконата се пренесува на оној кој е насликан на иконата“.

За иконата

Св. Кирил и Методиј

Како сликовна претстава иконата може да има историска, естетска и ареолошка карактеристка, но таа не припаѓа на сакралната уметност, туку на Црковното богослужење, заедно со Светото Писмо и Светите Тајни. Таа не е некој украс, туку визуелно соопштување на невидливата Божја стварност, манифестирана во времето и просторот. За Православната теологија, темелот на иконата или символичното прикажување е вистинско Овоплотување на Синот Божји: „И Логосот постана тело“ (Јован 1,14). Иконата е последица на Овоплотувањето, затоа што е Христос „Икона на Богот невидлив“ (Кол 1,15).

Со помош на бои, облици и линии, низ еден јазик на симболичен реализам, сликарски израз единствен во својот род, ни се открива духовната состојба на човекот спасен во вечноста на Царството Небесно. Човекот – храм Божји. Внатрешниот ред и мир во духовниот живот, за кој сведочат Светите Отци, се пренесени на иконата со спокојни и хармонични потези. Сето тело на светителот, сите детали и поединости, дури и косата, брчките, наборите на облеката и се што го опкружува, се е обединето и доведено до највисоко согласие. Во тоа се состои видливото прикажување на победата врз внатрешната делба и збрка во паднатата човечка природа, во процесот на очистување и преобразување на страстите, до обожение. Содржината на иконата претставува вистински духовен патоказ за животот во Црквата, особено за молитвата. Таа на еден автентичен начин, ослободен од стеснетоста на поимите и зборовите, не учи каков став треба да завземеме во духовниот живот.

Иконата е истовремено и пат којшто треба да се следи, и присуство на одондестраното и спасеното, и сретство. Таа самата е: молитва. Причината за постоењето на светата уметност во Православието е токму во тоа да донесе видливо сведоштво за двете стварности, обединувајќи ги во себе: историската стварност и стварноста на Царството Небесно, реалноста на создадденото и благодатта на Светиот Дух.

Иконата е живо сведоштво за исходот и полнотата на учеството на човекот во Божествениот Живот.

Иконите во историјата на Црквата

Црковниот став кон култот на иконите постепено се искристализирал низ повеќе етапи. Орегон и Тертулијан не зборуваат во прилог на иконите, ниту пак тоа го прави Јевсевије Кесарински (263-339), кој сепак признавал дека видел икони кои ги претставуваат Христос и Апостолите. Во тоа време актуелна била дебатата околу автентичниот лик Христов. Така на пример, првите икони на кои е прикажан ликот на Исус Христос Го претставуваат како млад маж без брада. Дури потоа е прифатена иконата каде Тој е прикажан со брада и долга коса. Овој факт треба да се има в предвид кога се говори за функцијата која иконите ја имаат. Истовремено (додека иконите не биле униформирани) се развила контроверзна дебата околу тоа кој начин на Негово прикажување треба да биде општоприфатен. Првиот, или „семички“ начин Го претставувал Христос со кратка коса; вториот начин, пак, Го прикажувал Христос со брада и долга коса, разделена на половина.

При разгледувањето на иконите во рамките на Христијанството првенствено мора да се има на ум дека Христијанството е старозаветна религија (значи, потекнува од Јудаизмот), создадена во време кога во Јудаизмот постоела голема загриженост околу идолопоклонството. При тоа, не постои никакво сведоштво за правење или користење на насликани икони од страна на Христијаните во Новиот Завет. Како и да е, поради непостоењето на никаков запис не може да се рече дека тоа само по себе е доволно како аргумент против употребата на иконите. Напротив, како што вели Апостол Јован, „И многу други чудеса изврши Исус пред учениците Свои, што не се запишани во оваа книга“ (Јов 20:30). Уште повеќе, логично е да се заклучи дека и самите апостоли сториле или кажале многу повеќе нешта, отколку што е запишано во Библијата, што од своја страна говори дека ние ги немаме во целост учењата, активностите и говорите на светите Апостоли.

Иако зборот eikon е забележан во Новиот Завет, ја нема конотацијата која денешните православни верници ја имаат. Сепак, од друга страна, многубројните катакомби и катакомбни Цркви од ранохристијанскиот период изобилуваат со голем број на насликани икони.

После признавањето на Христијанството во Римското Царство за време на владеењето на свети Цар Константин (Соборот во Никеја), и неговото прифаќање како официјална државна религија за време на Теодосиј I, христијанската уметност почнала да се менува. Оаа промена е резултат пред сè на слободата која Христијаните ја добиле во однос на изразувањето и декларирањето на нивната религија. Тогаш и за прв пат се појавиле сликите на мачениците, а со нив почнала да се шири и критиката за идолопоклоничката и паганска позадина која тие (наводно) ја имале. Од друга страна, бројни биле и поборниците за употребата на иконите, посочувајќи примери кога пророците од Стариот Завет сонувале сонови во кои им се појавувале повеќе небесни фигури, вклучувајќи ја и визијата на Данаил, кому Бог му се појавил како старец.

Во овој период, исто така, за прв пат се споменува и иконата на Пресвета Пресвета Богородица; како автор на оваа икона Теодор Лектор во неговата Историја на Црквата го посочува свети апостол и евангелист Лука. Бројот на икони чие авторство се припишува на овој Апостол во иднина ќе се зголеми.

Свети Василиј Велики ја споредува функцијата на општење кон иконата со функцијата на зборовите: „што е зборот за слушање, тоа е иконата за видот“. Свети Јован Златоуст вели дека иконата е гаранција на стварноста, видливо Овоплотување на Бога. Свети Јован Дамаскин, пак, ја одредил теологијата на иконата во нејзината класична форма. За него иконата почива на фактот на вселување на човековата природа во ипостасот на Логосот. На крај, со Седмиот вселенски собор (Никеја, Витинија, 788г.) повикан против иконоборството, со придонес на Патријархот Тарасија (784-806г.) го одредува православното учење за иконографското претставување на Христос, Мајката Божја, ангелите и светителите.

Црковни канони за иконите

  • Иконите не се почитуваат на материјална основа (значи, не се разботи за идолопоклонство), туку се почитуваат врз основа на сличноста на претставениот лик со личноста чие име стои на самата икона. Со самото запишување на името на Господ Исус Христос или на некој светец, иконата се осветува. Ако од друга страна, пак, името или контурата се избриште, иконата ја губи симболичката вредност и поради тоа се пали. Истото важи и за Светиот Крстот, кој го прима осветувањето со самата форма - доколку формата се промени, и тој се пали. Според тоа, почитувањето укажано на иконата припаѓа на личноста чија претстава е насликана, а никако не на материјалот од кој е насликана.
Две икони, првата довршена, втората во изработка
  • Православната традиција прави разлика помеѓу:
  1. Латрија, адорација (поклонување, богопочитување) кое Му припаѓа на Христос како Седржител (исто како и на леботи и виното претворени во Тело и Крв Христова преку светата тајна Причест според соборот 1084 година во времето на царот Алексеј Комнен)
  2. Ипердулија или надпочитувањето кое ѝ припаѓа на Богородица Марија како Мајка Божја
  3. Венерација или почитувањето кое им припаѓа на Светците поради нивната блискост со Христос
  • Божјата природа - Света Троица не може да се претстави сликовно поради тоа што е невидлива и безоблична. Сепак, Таткото се претставува како што се јавил во виденијата и богојавувањата во Стариот Завет (како дечко на средбата со Авраам). Светиот Дух се претставува во вид на голуб кој се симнува од небото за време на Крштевањето на Исус Христос во реката Јордан (Мт 3:16). Понатаму, виденијата и теофаниите од историјата на Спасението може да се насликаат и да бидат почитувани. При тоа, иконографот треба во целост да ги почитува податоците од Библијата.
  • Во црквената историја, особено во доменот на мисијата на катихизирањето и религиозното поучување, иконите имале одлучувачка улога. Иконата има:
  1. дидактичка функција, бидејќи иконата е сметана како катахизис на учените и неуките
  2. контемплативна функција, бидејќи го сугерира и привлекува духот кон преобразениот свет
  3. посредничка функција, затоа што ја предава невидливата сила на светоста на живописанието

Поради сите овие причини, иконите треба да се сакаат, почитуваат и бакнуваат со најголема стравопочит. Во Православната историја познат е голем број на чудотворни икони, чија тајна останува неоткриена. Без разлика дали се насликани од светии, или поради силната вера на верникот, или пак се одбрани како орудие во божествената икономија, тие икони се едно од најскапите завети на отечко заветување.

Икони во Македонија

Македонската збирка на икони, особено Охридската е една од највредните во светот, денес. После Синајската и Московската збирка икони, таа е трета по значење во Православието. Од византолошки апект, е единствена.

Надворешни врски

Статијата за икона на Википедија