Пост

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Востанувањето на самиот пост е направено од страна на Светата Православна Црква уште од апостолските времиња, по примерот на Господ Исус Христос, заедно со определувањето на времето на постот како и тоа која храна да ја јадат Христијаните за време на постот. Од Бога, постот е востановен со заповедта дадена на првите луѓе на земниот рај - да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1.Мој.2,17). Преку неа Бог, уште на самиот почеток сакал да ги научи луѓето на послушност и воздржување.

Значењето на постот

Под пост, во поширока смисла на зборот, се подразбира севкупниот христијански живот и начин на постоење во Црквата, опфаќајќи ја тука и молитвата. Затоа, условно, постот може да се подели на телесен и духовен. Во потесна смисла под зборот пост најчесто се подразбира телесниот пост, којшто е воздржување од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината. Овие денови точно треба да се запазат и никој да не измислува, без благослов, повеќе или помалку од она што Црквата од Светиот Дух вдахновена го определила. Вистински пост и молитва како благодатни дарови Божји постојат само во Црквата и никогаш надвор од неа. Тоа значи дека тој што пости и се моли треба да е крстен, да се причестува, да се исповеда, да ги почитува и да учествува во сите други Свети Тајни на Црквата.

Суштината на постот не е умртвување на телото, како што се мисли, туку умртвување на гревот во нас, затоа што гревот предизвикува пропаѓање и смрт.

Телесен пост

При определувањето на телесниот пост треба многу да се внимава. Не е можно секој човек, секоја конкретна личност да си наложува и да се оптоварува со иста тежина. Во Црквата живеат, се спасуваат и деца во развој (од кои до нивната седумгодишна возраст воопшто не се бара телесен пост како подготовка за Причест) и изнемоштени, остарени луѓе, потоа луѓе болни или оптоварени со тешка физичка работа, како и жени, бремени или со доенчиња. На сите овие духовниот отец, свештеникот, ќе им определи пост според нивните телесни сили или ако треба и сосема ќе ги ослободи од него. Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови. Ако те обзел лошиот дух, покажи му го лицето на постот, а тој окован со страв и врзан како со железни синџири ќе стане понеподвижен и од каменот, особено кога ќе ја види со него и неговата другарка молитвата.“ Затоа и Христос вели: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21). Па тогаш, штом е постот толку страшен за нашите непријатели и ги прогонува, потребно е да го сакаме и радосно да го примиме, а не да се плашиме од него.

Духовен пост

Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели. Од телесниот пост духовниот отец може да неразреши, но од духовниот пост - никој, па дури ни ангел од небото. Затоа, телесниот пост не е секогаш неопходен како подготовка за Света Причест, додека пак, духовниот е неопходен. Духовниот пост е самата суштина на христијанското живеење и постоење во Црквата. Сепак и телесниот пост многу го помага духовниот. На пример, многу помага за да се вежба трпението, смирението и молитвата, да владее во дух на покајание, а покрај тоа, од она што би се заштедило постејќи, може да им се даде милост и помош на сиромасите. Кога вака правилно би се разбрал постот, не би постоел христијанин кој би можел да се оправда ако не го држи постот.

Оние пак, што побожно и редовно го запазуваат постот, секогаш треба да го почувствуваат како подготовка за Света Причест со Телото и Крвта Христови.

Постот во Стариот Завет

Во Стариот Завет има многу примери за пост: светиот пророк Мојсеј Боговидец постел 40 дена и 40 ноќи (2.Мој.34,28) за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди; светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревноста за Господа се удостоил да ја види Божјата счава (3.Цар.16,4-13), а пак свети Јован Крстител е познат како најголем и најстрог испосник. Воопшто, постот бил почитуван од сите праведници.

Апостолски правила за постот

66-то Апостолско правило од Шестиот Вселенски Собор:

Ако некој клирик се најде дека пости во ден Господов (недела) или во сабота, освен во едната (Великата) сабота, да биде расчинет; а ако е мирјанин да биде одлачен.

69-то Апостолско правило од Шестиот Вселенски Собор:

Ако некој епископ, презвитер, ѓакон, ипоѓакон, чтец или псалт не пости во Светата Четириесетница пред Пасха, или во среда и петок, освен кога за тоа му пречи телесна немоќ, нека биде расчинет, а мирјанин да биде одлачен.

Православната Црква утврдила и пропишала за време на постот, да не се јаде месо, маст, сирење, масло, јајца, млеко, а некогаш и риба, зависно од важноста на постот.

Периоди на Пост

Православната Црква има еднодневни и повеќедневни пости.

Еднодневни пости

Повеќедневни пости

Велигденски пост

Светата Четириесетница е востановена во чест на Страдањата и Воскресението на Господ Исус Христос. Според Типикот, се пости вака: за цело време на постот во сабота и недела е дозволена употреба на масло (освен саботата пред Велигден). Риба се употребува само на Благовештение и Цветници (Врбица). Ако Благовештение се падне пред Цветници, тогаш на денот на Благовештение се разрешува на масло и вино.

Петровденски и Божиќен пост

Овие пости се востановени во чест на светите Господови апостоли и во чест на раѓањето на Господа Исуса Христа. Тие се постат вака: во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела - масло и риба.

Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник, во среда и петок се дозволува масло и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок се дозволува масло и риба.

Богородичен пост

Овој пост е востановен во чест на Христовото Преображение и Успението на Пресвета Богородица и се пости на следниов начин: од понеделник до петок не се јаде масло. Масло се употребува само во сабота и недела. Риба се разрешува само на Преображение.

Редовни седмици

Во среда и петок се блажи во следниве седмици:

Видете исто така

Надворешни врски

Извори

  • Послание „За постот, за молитвата, за исповедта и за Светата Причест“, од книгата „Слово од Елеуса“
  • „Правила и одредви на Православната Црква за постот“, Преподобен Гаврил Светогорец

Категорија:Избрани статии