Струмичка Епархија
Струмичката Епархија, возглавена од Неговото Високопреосвештенство митрополитот г. Наум, се протега на територијата на општина Струмица, опфаќајќи ги и градовите Дојран, Берово, Пехчево, со нивните парохии.
Денес, во оваа епархија монашки заедници под духовно водство на митрополитот Наум Струмички, се присутни во манастирите:
- Вељушки манастир „Пресвета Богородица Милостива“, с. Вељуса;
- Водочки манастир „Свети Леонтиј“, с. Водоча;
- Метох „Свети Архангел Михаил“, Берово;
- Метох „Свети Партениј Зографски“, Стар Дојран.
- Црква Свети Григориј Палама, Струмица]]
- Св. 40 Севастиски маченици, с. Банско
- Св. Климент и Наум Охридски, Хамзали
- Св. Антониј Велики, Ново Село
Историја и живот
Со враќањето на монахот Наум од Григоријатскиот манастир на Света Гора, во август 1995 година, и со неговото востоличување за Струмички Митрополит дојде до возобновување на севкупниот црковен и духовен живот во епархијата. Црковната администрација и свештенството се во будно грижливо настојување да одговорат на духовните потреби на верниот народ. Во последните години од 20-ти век Струмичката епархија стана матичник на возобновеното монаштво во МПЦ.
Освен манастирите Манастир Пресвета Богородица Елеуса во с. Вељуса како женски и Манастир „Св. Леонтиј“ - Водоча во с. Водочакако машки манастир, монашкиот живот е возобновени во многу други манастири во епархијата. Во Берово, манастирот на Св. Архангел Михаил е возобновен како женски, а манастирот на Успението на Пресвета Богородица како машки манастир. Дел од манастирскиот комплекс на Св. Партениј Зографски во Стар Дојран е возобновен како женски манастир и манастирот на Црква „Св. 40 Севастиски маченици“ во Банско како машки манастир. На почетокот на 2003 година подигнат е манастирот на Св. Климент и Наум Охридски во Хамзали, како машки манастир. Во 2004 година е возобновен манастирскиот комплекс посветен на Св. Антониј Велики и на Св. великомаченик Георгиј во Ново Село, којшто со вселувањето на двајца свештеномонаси и неколкумина искушеници на денот на светото Успение на Пресвета Богородица е заживеан како машки манастир.
Во периодот 1998-2002 година од темел се подигнати околу дваесетина цркви: црквата на Св. Григориј Палама и Св. великомаченик Димитриј во Струмица, монашката црква посветена на Св. Григориј Палама во Водочкиот манастир, параклисната црква во монашкиот конак на Велјушкиот манастир, посветена на Св. Апостол Павле и на Св. Григориј Палама, манастирската црква на Св. Климент и Св. Наум Охридски во Хамзали, малата манастирска црква посветена на Св. Петка во манастирскиот комплекс во Банско, двете манастирски цркви - на Св. новомаченик цар Николај Романов со семејството и на Св. Григориј Палама и Св. Максим Исповедник - во рамките на манастирскиот комплекс Партениј Зографски во Стар Дојран, манастирската црква посветена на Св. великомаченик Георгиј и на Св. новомаченичка Елисавета во с. Три Води, малата црква посветена на Св. Трифун и на Св. Григориј Григоријатски којашто му припаѓа на скитот во непосредна близина на Водочкиот манастир, манастирската црква на Преподобна Параскева во близина на Пехчево и други.
Во своите матични манастири, Велјушкиот и Водочкиот, Струмичката епархија развива самостојна, сеопфатна но селективна црковна издавачка дејност. Издадени се над дваесет наслови, од кои: оригинални пастирски текстови и есеи со аскетска тематика, преводи од поуките за молитвата на современите Старци од 20 век, текстови од историјата на исисхазмот, преведени изданија од современата светска теологија, апологетски текстови како одговор на состојбите во јавноста кон возобновеното монаштво итн.
Струмичката епархија е идеен основач и покренувач на списанието „Премин”.
Во рамките на Струмичката епархија функционира Дневниот центар за прифаќање, третман и лекување на болести на зависност „Св. Елисавета” во Струмица. Неговото официјално отворање се случи на 18.02.2005 год. Моментално се работи на формирање на посебни услови за работна рехабилитација и ресоцијализација, со што центарот ќе биде проширен и оспособен за подлготрајно прифаќање и сместување на овие лица.