Монах
Монахот е соучесник на есхатонот, и благовесник на Богочовекот Христос. Монахот Евангелието го препева во својот живот, а личноста Христова си ја претпоставува за свој базичен и уникален критериум на сите вредности. За монахот, Бог е вечно жив и човекољубив Бог, а Евангелието ги надминува рамките на рационалната гноса без да ја одрече.
Добродетелта за монахот е божествена сила што се стекнува во мистриолошкиот чин на преобразување на умот (метаноја). За монахот, страстите се гревовно тело. Телото на страстите треба да се вмртви на реален духовен начин, и само на тој начин човечкото тело се пресоградува во храм на Светиот Дух. Демонската сила за монахот е реално битие кое по силата на похотата го гнили прволикот во ликот човечки. Монахот се облекува во негнилежен хитон исткаен од неброени добродетели. Целта на подвигот на монахот е блаженството, а не просто среќата на десакрализираниот човек. Монахот е блажен маж целосно реализиран од Сечовекот на новозаветниот Ден Осми.