Свети Климент Охридски
Свети Климент Охридски е најдаровитиот ученик на рамноапостолните сесловенски браќа Кирил и Методиј. Живеел во втората половина на IX век и првата четвртина на X век. Со своите уши тој ги слушал нивните божествени евангелски зборови и со своите очи ги гледал нивните богоозарени ликови и евангелски дела.
Содржина
Кратко житие
Свети Климент се родил околу 840 година некаде во Македонија. Некои историчари сметаат дека се родил во Солун, или во неговата околина, а тоа го поврзуваат со фактот дека уште како млад бил повикан од Светите браќа Кирил и Методија во нивната мисија (што значи дека најверојатно живеел во нивна близина).
Подоцна, тој учествувал и во преведувањето на светите богослужбени книги од грчки на црквенословенски јазик. Заедно со светите браќа отпатувал во Панонија и Моравија, каде живо учестувал во мислијата за словенска богослужба и словенско Православие. Бил еден од истакнатите учители на младенците од Моравија и Панонија, кои се подготувале за свештеници и ѓакони. По смртта на своите свети учители, под притисок на Германците, а по Божја промисла, заедно со другите ученици (Горазд, Наум, Сава и Ангелариј - заедно наречени Петочисленици од Моравија тргнале на југ, како гостин при кнезот свети Борис Михаил и потоа дошол во охридскиот крај, за да го учи својот народ на божјите вистини. Таму св. Климент прво основал манастир во Белица, кај што му било и првото епископско седиште. Подоцна се преселил во Охрид и оттаму развил голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Неуморно одел од село до село, од град до град и на разбирлив народен јазик со своите боговдахновени проповеди го разгонувал мракот од умот и срцата на своите сонародници. Често говорел за тоа дека нема добродетелен христијански живот без чисто верско-догматско учење и дека најчистото догматско учење не е спасоносно ако не е проследено со богоугоден добродетелен живот. Првото го споредувал со слепец кој има раце и нозе, а второто со човек што има раце и нозе, а нема очен вид. Во Охрид Свети Климент му подигнал црква на Свети Пантелејмон.
Бидејќи бил свесен за тоа оти со својот жив говор може да допре само до своите слушатели, а не до целиот народ и генерациите што ќе дојдат по него, тој основал универзитет во Охрид, прв од таков вид не само на Балканот, туку и во целиот тогашен словенски свет. Низ оваа висока просветна богословска институција, во текот на триесет години, поминале околу 3.500 ученици, на кои им биле откриени длабоките вистини на Светото Писмо и на Светото Предание. Никој никогаш не го видел Св. Климент да се одмора, туку напротив - постојано бил зафатен со работа: на едни им ги покажувал буквите, на други им ја држел раката при пишувањето, а на трети им ја објаснувал длабоката смисла на напишаното. Честопати вршел и две работи одеднаш: и деца учел, и книги пишувал. Поголемиот дел од своето време го употребувал за молитва и богомислие. Тој знаел, а и другите постјано ги учел, дека мрзливоста е мајка и учителка на секое зло. Особено настојувал да ја искорени мрзливоста, да ги навикне луѓето на работа, да ги скроти и спитоми жестоките срца, да ги приведе кон покајание и да ги исполни со вистинско знаење за Бога и за блажениот живот на праведниците во царството небесно. Неговиот труд не останал без плод: учениците негови напредувале и во знаење, и во добродетелен живот.
Неговата слава сѐ повеќе растела и гласот за овој голем духовник и проповедник се слушал на далеку. Затоа бил хиротонисан за прв епископ словенски. Тогаш ги зголемил уште повеќе своите грижи и трудови за доброто и душевното спасение на своите духовни чеда. Во неговото житие се вели дека не им давал сон на своите очи, ниту дремка на своите веѓи. Учел и дење и ноќе, утврдувајќи ги верните во вистините на христијанската вера и богоугодие. Се грижел и за телесната храна на сиромашните, вдовиците и сираците. Напишал беседи на сите неделни и празнични денови на прост и јасен јазик, така што секој можел да ги разбере вистините кои ги учел.
Се трудел педесет години во извршувањето на Божјото дело и вршел чуда и за време на земниот живот. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокоил мирно во Охрид, на 9 август 916 година. Господ го прославил со светителски ореол. Неговите земни остатоци станале чудотворни мошти, од кои по Божја благодат се лекуваат низ векови многу телесно и душевно болни кои пристапуваат со вера и љубов. Неговите мошти се чуваат во охридската црква „Свети Климент“ - „Света Богородица“ - Перивлептос во Охрид.
Свети Климент е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Тој е патрон на Македонската Православна Црква, на Македонската Православна Богословија и Богословскиот факултет, како и на голем број просветни и научни институции во нашата земја. На него се посветени и голем број новоизградени цркви и манастири во европските и прекуокеански земји.
Дела
Покрај црковните и педагошките дејности, особено учителско проветителски, Свети Климент развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и похвални слова како похвалата на Кирил Филозоф, похвалата на пророкот Захариј и св. Јован Крстител, за свети Кирил и Методиј итн. Но, во неговото творештво преовладуваат поучителните слова кои се однесуваат на општохристијанските светители: Св.Ѓорѓи, Св.Тома, Св.Антониј, потоа слова посветени на Пресвета Богородица и слова посветени за настаните од животот на Господ Исус Христос.
Св. Климент бил и првиот епископ словенски со титула епископ велички.
- Похвала на Кирил Филозоф
- Похвала на словенските учители Кирил и Методиј
- Од опширното житие на Кирил Филозоф
- Од опширното житие на архиепископот моравски Методиј
- Похвално слово на бестелесните Михаил и Гаврил
- Похвално слово за четиридневниот Лазар
- Беседа за блудниот син
Химнографија
Тропар
- глас четврти
- Со зборови си ги упатил народите во верата Божја;
- со делата си се издигнал, преблажен,
- кон божествен и блажен живот.
- Со чудеса си ги просветил оние
- што пристапуваат верно кон тебе,
- со знаменија си ја осветлил темнината.
- Поради тоа го славиме твојот божествен спомен, Клименте.
Кондак
- глас трети
- Твојот храм, свети, како преславен духовен лек се покажа
- на оние кои со вера пристапуваат, зашто мнозина од различни болести избави
- и секакви душевни страсти смири.
- Поради тоа, себлажени, топло те нарекуваме застапник.
Видете исто така
Надворешни врски
Дела
- Општо слово за светите, Св. Климент Охридски
- Похвала за Четиридневниот Лазар, Св. Климент Охридски
- Слово за Велики Четврток, Св. Климент Охридски
- Похвално слово за светите и преславни учители на словенскиот народ, Св. Климент Охридски
- Второ похвално слово за раѓањето на св. Јован Крсител, Св. Климент Охридски
- Похвално слово за свети пророк Илија, Св. Климент Охридски