Свети Јован Кукузел
Свети Јован Кукузел е светител кој бил средновековен црковен пејач и композитор (13-14 век), музички теоретичар и реформатор на византиското нотно писмо. Бидејќи бил надарен со прекрасен глас, неговите современици го нарекуваат Ангелогласниот. Неговиот спомен се празнува на 1/14 октомври.
Се стекнува со образование во императорското пејачко училиште во Константинопол, Византија. Потоа оди во Света Гора, каде што живее до крајот на својот живот. Од времето на неговиот престој во Константинопол доаѓа и неговото име - "Кукузел". Кога бил во помладите години, кога го запрашале што јадел, тој одговорил "кукија ке зелија" (на грчки:κουκιά καί ζέλια), обидувајќи се да каже на грчки "грав со зелка". Ја обновува византиската музика со словенска интонација. Создава две реформи - ја воведува повеќегласноста и го усовршува старото нотно писмо.
Извори за неговиот живот се црпат од неговото житие, кое е составено кон крајот на 14 век. Препис од него се чува во Народната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Софија. Бројот на негови познати композиции е 90. Најпозната негова творба е "Полиелеј на Бугарката" и е посветена на мајка му.
На 15 јануари 2007 во Бигорскиот манастир пристигнале светите мошти на св. Јован Кукузел. Моштите пристигнале преку Манастир Голема Лавра и манастир на Светото Преображение во Бостон (каде се чува целиот череп, и поголем дел од моштите). Тие се подарок во чест на тоа што во родните краишта на св. Јован Кукузел му е подигнат параклис (во метохот на св. Георгиј Победоносец, во с. Рајчица, Дебарско). Веднаш по пристигнувањето, моштите се ставени во чист пчелин восок и вградени во сребрена кутија.