Света великомаченичка Злата Мегленска
Светата великомаченичка Злата Мегленска е светителка, маченичка пострадана за Христа во времемто на турското владеење владеење во Македонија. За животот и маченичката смрт на света Злата Мегленска дознаваме од нејзиното житие. Тоа е напишано на грчки јазик, од очевидецот на нејзиното мачеништво, Никодим Светогорец во 1799 година.
Житие
Според житието света Злата Мегленска е родена и пострадала во Слатино, Мегленско, во егејскиот дел на Македонија. Таа била ќерка на сиромашни селски родители, коишто имале уште три ќерки. Света Злата Мегленска зрачела како со духовни, така и со телесни вискои квалитети. Духовните квалитети ѝ биле силната вира во Господ Исус Христос, нејзината смиреност и чистото срце, а надворешно била необично убава. така нејзината убавина дава повод нејзиниот живот да се украси со страдање на голема маченичка. Нејзината ретка убавина го привлекла вниманието на некој Турчин од нејзиното место кој страсно ја посакал и еден ден, кога таа излегла со своите другарки во шумата, Турчинот потплатил некои арамии да ја грабнат и да ја одведат во неговиот дом. Таму отпрвин се обидувал да ја принуди да се откаже од Христа и да се потурчи, ветувајќи ѝ дека ќе ја земе за жена. Но, света Злата останала непоколеблива и на ваквите ветувања му рекла:
“Јас верувам во Христа и нему му се поклонувам и само Него Го знам како мој младоженец. Од Него никогаш нема да се откажам дури и ако ме ставите на илјада маки или ако ме исечете на ситни парчиња.”
Тогаш Турчинот ја ставил да живее заедно со останатите негови жени, надевајќи се дека тие ќе ја наговорат да се потурчи. Уште какви ли не ветувања не ѝ кажувале овие жени, но света Злата не попуштила. По шест месеци Турчинот сфатил дека ни тоа не му помага, па затоа ги повикал нејзините роднини и им се заканил дека ќе ја убие ако не ја натераат да се потурчи. Тогаш нејзините родители и сестри започнале да ја преколнуваат да се потурчи. Притоа ѝ зборувале дека Бог ќе ѝ го прости тој грев штом е направен под принуда. На сето ова света Злата им одговорила: “Штом вие ме советувате да се откажам од Христос, вистинскиот Бог, не сте веќе мои родители и не сте веќе мои сестри. Јас имам татко, а тоа е Господ Исус Христос. Имам и мајка, а тоа е Пресвета Богородица, а браќа и сестри ми се светителите и светителките.”
Кога Турчинот видел дека ни тоа не помага наредил да ја затворат. Три месеци света Злата била затворена при што секојдневно била сурово тепана и мачена. Но сите маки оваа новомаченичка херојски ги издржала, охрабрена од својот Жених Исус Христос. На крајот била обесена, а телото ѝ било исечено на парчиња. Така таа ја предала својата душа на својот Младоженец Христос. Подоцна деловите од нејзиното тело христијаните кришум ги погребале. Света Злата маченички пострадала во 1795 година.
Житието на света Злата Мегленска, според други, било запишано според кажувањата на духовникот Тимотеј, кој бил духовен отец на нивното семејство и кој бил сведок на нејзините страдања. Во годината кога света Злата Мегленска била грабната, во Македонија крстосувале арамиски банди кои нанесувале големи штети на населението, па се претпоставува дека и со неа се случило истото. Во еден ферман од султанот на Селим Трети стои: “поредокот во земјата е нарушен, а царските закони никој не ги почитува.”