Света Марија Египетска

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Св. Зосим и Марија Египетска

Света Марија Египетска, е пустински аскет, преку чиј живот Црквата ни го искажува искреното покајание и неискажаното Божјо човекољубие кон оние кои искрено сакаат да се откажат од своите гревови. Црквата го празнува нејзиниот спомен на денот на нејзиното упокојување, 14 април (1 април ст.ст.), но дополнително се празнува и во Неделата на света Марија Египетска, односно петтата недела од Великиот пост. Марија Египетска во својот живот соединила и пројавила две крајности - бездната на гревовите и височината на побожноста и добродетелите. Во својата младост, заробена и соблазнета од порокот, седумнаесет години поминала во грев, но со силата на Божјата благодат, како заблудената овца, повторно се вратила во Црквата. На повикот од Црквата, Марија, која не внимавала на Божјите заповеди и која го помрачила во себе Божиот образ, по Божја промисла повторно благодатно се обновила. Живеела во шестиот век после Христа, и чудесно се упоколила во 522 година.

Житие

Родена е во Египет и од дванаесетата година го осетила повикот од страните закони, и занемарувајќи ја родителската љубов, побегнала од нивниот дом и отишла во Александрија, каде целосно се предала на разврат и блуд цели седумнаесет години.Оддадена на проституција, скоро никогаш не земала пари за телесните наслади, и најчесто живеела од милостиња. Не наоѓајќи доволно задоволства во Александрија, Марија смислила да си го оразноличи својот развратен живот со патување во Ерусалим, заедно со поклониците кои патувале на Воздвижение на животворниот Крст Господов. Во текот на патувањето и по пристигнувањето во Ерусалим, таа до самиот празник продолжила да ги заведува мажите кои пошле на поклоничкото патување, обидувајќи се на секој начин да ги повлече со неа.

Доаѓајќи во Ерусалим на празникот Воздвижение на животворниот Крст, влечена од љубопитноста, Марија заедно со останатите подвижници и побожни христијани, на денот на празникот, пошла во Божјиот храм. Но, доаѓајќи во припратата на храмот таа едноставно не можела да влезе заедно со останатите и да пристапи кон животворниот Крст Господов. Сите останати непречено влегле во внатрешноста на храмот, а Марија, и покрај многуте обиди и напори, едноставно не можела да го премине прагот на светилиштето, невидливо задржувана од Божјата сила. Мислејќи дека неа, како слаба жена, ја истиснува толпата која се турка пред светињата, се обидела некако да се пробие до средината на толпата и така со заеднички напори едноставно да биде внесена во храмот; меѓутоа, повторно, веднаш по допирањето на црковниот праг, некоја чудна сила ја турнало назад. Три - четири пати таа така се обидувала да влезе во храмот, но без успех. Присутните во храмот созерцувале пред воздигнатото животворно дрво; Марија, пак, посрамотена и ожалостена, останала во предворјето на храмот, видно потресена од чувството на срам и каење. Тука ја здогледала иконата на Пресвета Богородица, на која и ѝ се помолила да влезе во Храмот и да се поклони пред Вистинскиот Крст. Следниот обид да влезе во храмот бил успешен, и таа го целивала Пречесниот Крст, со со цврсто убедување и намера дека до гробот ќе живее трезвен живот. На тој начин започнало целосното покајание и преумување; на излегување, таа се помолила пред иконата на Богородица, при што се слушнал глас: ”Ако го преминеш Јордан, ќе ја пронајдеш вистинската утеха".

Напуштајќи го Ерусалим, Марија пристапила кон светите Тајни во храмот на Јован Крстител, во близината на Јордан, и потоа се осамила во Јорданската пустина каде што поминала 48 години, скоро без храна и облека, деноноќно оплакувајќи ги своите гревови. Во 48-та година од осаменичкиот и многу трудољубив живот, за време на светата Четириесетница, во пустината ја сретнал преподобниот Зосим - монах од братството, кој по обичај за време на Великиот пост се оддалечувал од манастирот барајќи во пустината пример на највозвишено монашко самоодрекување и ја пронашол неа, која некогаш била пример на развратност. Само налик човечко тело, целосно суво и изгорено од сонцето, голо и покриено единствено со сребрени конци, се покажала Марија на Зосимовиот поглед. Зосим ја видел за време на молитва издигната над земјата како стои во воздухот и ја видел нејзината прозорливост во зборовите, како и тоа дека двапати одела по реката Јордан како по суво, а добила од Бога и предзнаење за времето на својата смрт. Примајќи го Телото и Крвта на Исуса Христа и соединувајќи се таинствено со Него, големата подвижничка го замолила Преподобниот да дојде другата година, во истото време и на истото место, но Зосим тогаш ја нашол упокоена, а нејзините чесни мошти ги погребал. Наскоро, веднаш по примањето на причеста од преподобниот, таа се упокоила на 1 април- 530 година.

Празнување на споменот

Софрониј, патријарх ерусалимски, кој живеел во почетокот на VII век, составил опширно житие на преподобната Марија Египетска, кое и денес се чита на богослужението. А светиот преподобен Андреј Критски, нарекуван уште и ерусалимски заради монашките подвизи во Ерусалим, како пратеник на ерусалимскиот патријарх Теодор на Шестиот вселенски собор 691 година, го донел со себе во Константинопол и житието на преподобна Марија, заедно со својот канон, познат под името Велик канон. Од тогаш до сега, Православната Соборна Црква го чита тој канон, а востановила житието на Преподобната да се чита во четвртокот од петтата недела во Четириесетницата, а во воскресниот ден од таа недела се слави споменот во чест на Преподобната, отсликувајќи во неа образ на вистинско покајание! Заради бдението, Црквата во четвртокот служи Литургија на Претходно осветени Дарови и го олеснува постот.

Химнографија

Тропар

глас 8
Вo тебе, маjко, извесно//сигурно се спаси она што е според образот/
зашто, откако го прифати крстот, го следеше Христа/
и, дејствувајќи, учеше да се презира телото, зашто минува/ а да се грижиме за безсмртната душа./
Затоа и со Ангелите се радува, преподобна Марија, твојот дух.

Кондак

глас 3
Прво со секаков блуд преисполнета,/ Христова невеста денес со покаjанието се покажа,/
ангелското живеење подражавајќи го,/ демонот со оружјето на крстот го уби./
Затоа, на Царството невеста се покажа, Марија преславна демонот со оружјето на крстот го убива./

Надворешни врски