Путир

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Chalice

Путир е богослужбен сад, во кој на Проскомидија се принесуваат даровите (вино и вода), а од кого верните се причестуваат за време на Светата Литургија. Зборот путир потекнува од грчкиот јазик и се преведува како чаша. Сепак путирот не е чаша за обична секојдневна употреба, туку тој служи за служење на Света Литургија.

Путирот е најчесто направен од скапоцени метали (сребро и злато) и неговата надворешна боја е најчесто сребреста или златна. Под горниот дел на путирот е поставен држач со подлога за да може за време на богослужението да се постави на светиот престол. На путирот има врежани икони или други елементи на христијанската орнаментика. Со оглед на тоа дека првата литургија се случила на тајната вечера, а, веднаш потоа била служена редовно од апостолите, путирот бил во употреба уште во првите моменти на христијанството. Употребата на путирот се споменува и во Светото Писмо, кога евангелистите ја опишуваат тајната вечера.

Пред да започне литургијата, на проскомидијата во путирот се влива вино и вода. Потоа во путирот тие после големиот вход се пренесуваат на престолот за да бидат осветени и претворени во Крв Христова. Оваа чаша се изработува токму затоа од скапоцени материјали зошто во неа се свештенодејсдтвува Крвта Христова, со други зборови на секоја литургија од таа чаша членовите на Црквата се причестуваат со Царот на Славата.

Во раната Црква, и свештенослужителите, и лаосот се причестувале директно од путирот, но поради разни злоупотреби, денес е воведена поинаква пракса. Денес, од путирот директно се причестуваат свештенослужителите, а од него со лажиче се причестува народот, откако во него ќе биде ставено телото Христово.

Путирот заедно со дискосот и останатите садови се чува на проскомидијалникот.