Вознесение Христово
Вознесение Господово се празнува четириесет денови после Велигден, поточно во четвртокот на шестата недела после празникот на Воскресението Христово.
Значење
Откако по Неговото воскресение светите апостоли и жените мироносици Го видоа, Христос го изврши сето она што беше потребно за спасение на човечкиот род, и дошло времето да Се врати кај Отецот: на земјата ја покажа љубовта Божја, со страданијата и жртвата го искупи човекот, а со воскресението покажа дека и смртта е победена, давајќи му ветување за вечен живот на човекот. На тој начин се открива Христовата икономија за човекот: Вознесувањето е исполнување на Воскресението Христово, а со тоа - и човековото воскресение и вознесение.
Празнување
Четириесетиот ден после Христовото воскресение, Христос им се јави на Неговите ученици, и им заповеда да одат по целиот свет, проповедајќи го Светото Евангелие на сите луѓе, велејќи им дека кој ќе поверува, и се крсти, ќе биде спасен, а кој не поверува, ќе биде осуден. За да успеат во таа мисија, Христос им Го ветил Светиот Дух Утешител, оти без Неговата благодат не би биле спремни да ја извршат доверената мисија. Откако им ја даде таа заповед, ги поведе своите апостоли и Пресвета Богородица на Маслиновата гора, близу Ерусалим, каде ги подигна рацете и ги благослови, и потоа на очиглед на сите присутени, Се вознесе на небото. Учениците се радувале на она што го гледале нивните очи. И додека тие со погледот Го барале Вознесениот Господ, им се јавиле два ангела, велејќи им: „Мажи, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што Го видовте да оди на небото.“ (Дела 1,11)
На вечерната богослужба која се служи во средата пред Вознесение, во склад со црковниот типик се врши Оддание на Пасха, еден вид затворање на циклусот на празнување велигденското празнување. Почетокот и крајот на службата во овој ден се врши исто како и на самиот ден Велигден. Повторно се пеат радосни стихови: “Нека воскресне Бог и нека се разбегаат непријателите Негови...“ и “Овој ден го создаде Господ, да се возрадуваме и возвеселиме во него...“. Се простуваме и се “разделуваме“ од Велигден, до идната година.
Химнографија
Тропар
- глас шести
- Се вознесе во слава Христе Боже наш,
- радост причинувајќи им на учениците,
- со ветувањето на Светиот Дух,
- кои беа уверени со благословот
- дека Ти си Синот Божји, Избавител на светот.
Кондак
- глас четврти
- Откако ја исполни промислата што беше за нас,
- и земното го соедини со небесното,
- се вознесе во слава, Христе Боже наш,
- никако не одделувајќи се, но останувајќи неотстапен,
- и викајќи кон оние што Те љубат:
- „Јас Сум со вас и никој против вас.”