Полошко-Кумановска Епархија
Полошко - кумановската епархија е поранешна епархија во рамките на територијалната организација на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија. Го зафаќала северозападниот дел од Република Македонија.
Организација
Епархијата се состоела од пет aрхиерејски намесништва, во кои имало 202 цркви, 28 манастири, 54 параклиси и 194 места каде се поставени крстови, а на кои во годината по разни поводи се собирале голем број верници.
- Архиерејско намесништво Тетово: 72 цркви, 10 манастири, 6 параклиси и еден крст.
- Архиерејско намесништво Гостивар: 45 цркви, 6 манастири, 20 параклиси и 4 крстови.
- Архиерејско намесништво Куманово: 60 цркви, 8 манастири, 12 параклиси и 120 крстови.
- Архиерејско намесништво Кратово: 12 цркви, 3 манастири, 9 параклиси и 19 крстови.
- Архиерејско намесништво Крива Паланка: 13 цркви, еден манастир, 7 параклиси и 50 крстови.
Епархијата обединувала околу 200.000 православни верници.
Оваа Епархија имала над 40 активни свештеници.
Најпознати манастири
- Манастир на свети великомаченик Георгиј, Старо Нагоричане
- Манастир „Св. Јоаким Осоговски“ - Крива Паланка
- Манастир на свети Никола, Псача
- Манастир „Св. Атанасиј“ - Лешок
- Манастир на Пресвета Богородица, Матејче
Митрополити
Прв и последен надлежен епархиски архиереј бил Митрополитот Кирил од 1971 година, па сè до денот на неговото упокојување, 10 јуни 2013 година. На 21 јуни 2012 година за викарен Епископ со титула Лешочки бил избран, а на 21 октомври 2012 и хиротонисан архимандритот Јосиф, игумен на манастирот во Калишта, Струга.
По упокојувањето на Митрополитот Кирил, за местобљустител (locum tenens) на Полошко-кумановската епархија бил поставен Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.
Поделба
Со одлука на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА на 17 септември 2013 година, Полошко-кумановската епархија е поделена на две новооформени епархии, и тоа Тетовско-гостиварска и Кумановско-осоговска.