Свети Антониј Велики

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Свети Aнтониj Велики е еден од преподобните и богоносни отци на Православната Црква, роден во Египет околу 254-та година после Христа. Преподобен Антониј бил водач меѓу пустинските отци и основач на отшелничкото монаштво. Неговиот спомен се празнува на 17, односно 30 јануари.

Житие

Преподобен Антониј Велики

Свети Антониј Велики се родил во Египет околу 254-та година од благородни и богати родители, кои го воспитале во христијанската вера. На осумнаесет години тој останал без своите родители, сам со својата сестра, за која продолжил да се грижи. Еднаш тој одел кон црква и размислувал за светите апостоли, како тие оставиле сè, за го следат Господа. Кога влегол во храмот, ги слушнал евангелските зборови: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продаj го твојот имот и раздаj го на сиромаси и ќе имаш ризница на Небото, и оди по Мене” (Мт. 19,21). Овие зборови го поразиле Антониј, како Господ да му ги кажал нему лично. Наскоро Антониj се откажал од наследството на родителите во полза на бедните жители на своето место, но се двоумел кому да ја остави својата сестра. Загрижен со таа мисла, тој во друга прилика влегол во храмот и таму повторно слушнал, како кон него да се искажани зборовите од Спасителот: „Не грижете се за утрешниот ден: утрешниот ден самиот ќе се грижи за себе; на секој ден му е доволна своjата грижа” (Мт. 6, 34). Антониj ја доверил сестрата на христијански девственички кои ги познавал и ги оставил градот и домот, за да живее сам и да му служи само на Господа.

Заминувањето на преподобниот Антониј од светот не било одеднаш, туку постепено. Прво тој престојувал близу до градот, кај некој благочестив старец, кој живеел сам и се трудел во сè да го подражава него. Посетувал и други отшелници, кои живееле во околините на градовите, и се ползувал од нивните совети. Уште во тоа време тој толку се прославил со своите подвизи, што го нарекувале „Божји пријател”. Потоа тој решил да оди подалеку. Го повикал старецот со себе, и кога тој одбил, се испратил со него и се населил во една од далечните пештери. Еден од неговите пријатели повремено му носел храна. На крајот свети Антониj сосема се оддалечил од населените места, ја преминал реката Нил и се населил во урнатините на воена тврдина. Тој зел со себе леб за шест месеци, а потоа го добивал од своите пријатели само двапати во годината, преку отворен покров.

Незамисливо е колку искушениjа и борби поднел овој голем подвижник. Тој страдал од глад и жед, од студ и жештина. Но, најстрашното искушение на пустиникот, по зборовите на самиот Антониј — е во срцето: тоа е копнеењето по светот и бранувањето на помислите. Кон сето тоа се присоединиле и мамките и ужасите од демоните. Понекогаш цврстиот подвижник изнеможувал, бил готов да падне во очајание (униние). Тогаш, или Самиот Господ му се јавувал или испраќал ангел за да го ободи. „Каде беше, добар Исусе? Зошто во почетокот не дојде да ги прекратиш моите страдања?” — повикал Антониj, кога Господ му се јавил по некое тешко искушение. „Јас бев овде — му рекол Господ — и чекав, да го видам твојот подвиг”.

Еднаш, среде ужасната борба со помислите, Антониj извикал: „Господи, јас сакам да се спасам, а помислите не ми даваат”. Одеднаш тој видел; некој — сличен на него — седел и работел, потоа станувал и започнувал да се моли, потоа повтроно седнувал за работа. „Прави така и ќе се спасиш” — му рекол Господовиот ангел.

Веќе дваесет години Антониj живеел во осаменост, кога некои од неговите пријатели дознале за неговото место на престој и дошле да се населат крај него. Тие долго чукале и молеле да излезе кај нив од своето доброволно затвореништво; на крајот решиле да ја скршат вратата, но Антониj отворил и излегол. Тие се зачудиле, не гледајќи на него траги од истоштеност, иако тој се подложувал себеси на најголеми лишувања. Небесниот свет царувал во неговата душа и се одразувал на лицето. Спокоен, воздржан, кон сите подеднакво љубезен, старецот набргу станал отец и учител на многумина. Пустината заживеала: во околните гори се појавиле населби на монасите; многу луѓе пееле, читале, постеле, се молеле, се труделе, им служеле на бедните. Свети Антониj не им давал на своите ученици некакви определени правила за монашкиот живот. Тој се грижел само да вкорени во нив благочестиво расположение, ги поттикнувал кон преданост на Божиjата волја, молитва, откажување од сè што се земно, кон постојан труд.

Но, свети Антониj во самата пустина се заморувал од многубројниот народ и сакал ново оддалечување. „Каде сакаш да одиш?” — слушнал глас од небото, кога на брегот на Нил го чекал коработ, за да замине од луѓето. „Во горна Тиваида” — одговорил Антониj. Но, истиот глас му рекол: „И да запловиш нагоре — кон Тиваида, или надолу — кон Буколија, ќе немаш мир ни таму, ни овде. Оди во внатрешната пустина”. Така се нарекувала пустината што лежела крај бреговите на Црвеното море. Таму и тргнал Антониj, следејќи ги сарацените што минувале.

По три денови патување, тој нашол дива висока гора со воден извор и малку палми во долината. На таа гора тој и се населил. Овде тој обработувал мало поле, така што сега не морало никој да доаѓа кај него за да му носи леб. Повремено ги посетувал браќата. Камила ги носела лебот и водата за да ги заштеди неговите сили за време на тие тешки патувања по пустината. Впрочем, почитувачите на свети Антониј го откриле и неговото последно сместувалиште. Многумина почнале да пристигнуваат кај него, барајќи ги неговите молитви и поуки. Доведувале кај него болни; тој се молел за нив и ги исцелувал.

Свети Антониj веќе седумдесетина години живеел во пустината. Против неговата волја, започнала да го напаѓа помислата на гордоста, дека тука тој е најстар. Тој барал Бог да ја тргне од него таа помисла и добил откровение, дека некој отшелник многу порано од него се населил во пустината и повеќе од него му служи на Господа. Антониj станал рано наутро и тргнал да го бара подвижникот кого што светот не го познавал. Поминал цел ден и не сретнал никого, освен пустински ѕверови. Пред него се распослало недогледно пространство, но тој не ја губел својата надеж. Рано наутро тој повторно тргнал. Пред неговите очи претрчала волчица, и отишла кон некој поток. Свети Антониj се приближил кон тој поток и крај него видел пештера. При звукот од неговите чекори, вратата на пештерата цврство се затворила. Свети Антониj до пладне викал пред вратата по непознатиот подвижник и го молел да се појави. Конечно, вртата се отворила и пред него излегол длабок старец, сосема обелен. Тоа бил свети Павел Тивеjски. Тој веќе околу девеесет години живеел во пустината.

По братскиот целив, Павел го прашал Антониј: „Во каква состојба е човечкиот род? Каква е власта во светот? Има ли уште идолопоклоници?” Престанокот на гонењата и победата на христијанството во римската империја биле за него радостна новост, а појавата на аријанството — горка. Додека старците разговарале, крај нив слетал гавран и оставил леб. „Изобилен и милостив е Господ — воскликнал Павел. — Еве, колку години секој ден добивам од Него половина леб, а сега, заради твоето пристигнување, Тој испрати цел леб”.

Следното утро Павел му открил за себе на Антониј, дека наскоро ќе замине од светот; затоа го замолил Антониј да му ја донесе мантијата на епископот Атанасиј, за во неа да го завитка неговото тело. Антониj побрзал да ја исполни желбата на светиот старец. Тој се вратил во својата пустина многу возбуден и на прашањата од браќата – монаси, можел само да рече: „Грешниот јас, уште се сметав себе за монах! Го видов Илија, го видов Јован, го видов Павел во рајот”. Враќајќи се кон свети Павел, тој го видел како се вознесува на небото среде собор од ангели, пророци и апостоли.

„Зошто, Павел, не ме почека? — воскликнал Антониj. — Толку доцна дознав за тебе и толку рано ти заминуваш!” Сепак, кога влегол во пештерата на Павел, го нашол како во тишина и недвижно стои на колена. Антониj исто така застанал на колена и почнал да се моли. Дури по неколку часови молитва тој се убедил дека Павел не се движи, бидејќи е мртов. Тој благоговеjно го измил неговото тело и го завиткал во мантијата на светителот Атанасиј. Одеднаш се појавиле два лава и со своите канџи ископале доволно длабок гроб, каде што Антониj и го погребал светиот подвижник.

Преподобен Антониj се упокоил во длабока старост (на 106 години, во 356 година) и за своите подвизи го заслужил наименувањето: Велики.

Отшелничко монаштво

Преподобен Антониj го основал отшелничкото монаштво. Неколку отшелници, наоѓајќи се под раководство на еден учител — авва (отец), жиевееле одделно еден од друг во колипки или пештери (скитови) и се предавале на молитва, пост и трудови. Неколку скитови, соединети под власта на еден авва, се нарекувале лавра. Но, уште при животот на Антониј Велики се појавил друг вид монашки живот. Подвижниците се собирале во една општина, имале заеднички трудови, секој според своjата сила и способности, споделувале заедничка трпеза, се потчинувале на исти правила. Таквите општини се нарекувале киновии или манастири. Аввите на тие општини започнале да се нарекуваат архимандрити. Како основател на општожителното монаштво се почитува преподобен Пахомиj Велики.

Химнографија

Тропар

глас четврти
Наравот на ревнителот Илија подражавајќи го,
Крстителот по прави патеки следејќи го, отче Антоние,
на пустината беше жител и вселената ја утврди со твоите молитви.
Затоа, моли го Христа Бога да бидат спасени нашите души.

Кондак

глас втори
Животниот метеж го отфрли, тивок живот заврши,
Крстителот подражавајќи го на секој начин, најпреподобен,
со него, затоа, те почитуваме, на отците началнику, Антоние.

Надворешни врски