Епископ

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 14:11, 4 април 2009; направена од Iacovibus (разговор | придонеси) (New page: '''Епископ''' (грч: επίσκοπος, од глаголот επισκοπέω - да пазиш, да надгледуваш, да внимаваш) е највисокиот ...)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Прејди на: содржини, барај

Епископ (грч: επίσκοπος, од глаголот επισκοπέω - да пазиш, да надгледуваш, да внимаваш) е највисокиот степен (чин) на црковната иерархија. Епископот е непосреден наследник на апостолите (кој сведочи за континуитетот на Црквата со апостолите), и кому му припаѓаат највисоката свештеничка, учителска и пастирска власт и обврска во управувањето со делот на автокефалната црква (епархија).

Во Новиот Завет

Во почетокот на Христијанството, Господ Исус Христос ја пренел свештеничката, учителската и пастирска власт (и обврска) на апостолите и нивните наследници за сите времиња. Овие наследници на апостолската служба (кои ги поставиле самите апостоли) биле најблиските ученици на апостолите и нивни помошници во секојдневниот труд (Тимотеј, епископ Ефески и Тит, епископ Критски, биле ученици на светиот апостол Павле, а Поликарп Смирнски и Игнатиј Богоносев, ученици на светиот апостол и евангелист Јован Богослов). На тој начин востановено е преемството (наследност, наследување) меѓу апостолите и првите управители на христијанските заедници.

Токму овие црковни настојатели се наречени епископи и се одликувале со високи морални особини, длабоко познавање и проникување во христијанските догмати, како и иксуство во управување и служење на Црквата. Во Новиот Завет, самиот збор епископ се среќава пет пати:

  • 1 Пет 2,25
  • Дап 20,28
  • Флп 1,1
  • 1 Тим 3.2
  • Тит 1,7

Технички, во Новиот Завет не постои јасно разграничување помеѓу епископот и презвитерот (свештеникот). Тоа е затоа што епископите во својата суштина се свештеници со посебно достоинство и хиротпнија, од каде произлегува и нивната посебна улога во Црквата. На пример, епископите ги наградуваат презвитерите и ракополагаат достојни кандидати за презвитер (1 Тим 5,17).