Отвори го главното мени

Православна-енциклопедија β

Свети Јован Дамаскин

Свети Јован Дамаскин (грч: Ιωάννης Δαμασκηνός) е еден од најзнаменитите богослови на Православната Црква, кој живеел околу 675-749 година, познат како врвен Црковен поет, заштитник на иконопочитувањето, независноста на Црквата и Православието воопшто. Неговиот спомен се слави на 4, односно 17 декември.

Свети Јован Дамаскин

Житие

Свети Јован Дамаскин е роден околу 675 година во Дамаск, во гетоизираната христијанска заедница во исламска околина. Исламската власт управувала со христијаните преку чиновниците кои ги бирале од нив, а чија улога била прибирање данок за господарите. На таа функција на „голем логотет“ бил избран и Јовановиот татко, Сергиј. Токму оваа функција на неговиот татко овозможила младиот Јован да се стекне со добро образование кај еден калабриски монах од грчко потекло, Козма. Кај него св. Јован се здобил со знаење од областа на аритметика, геометрија, музика, астрономија, реторика, дијалектика и етика по Платона и Аристотела, и секако, теологија. По смртта на неговиот татко, Јован го наследил на уште поголема функција, како „првосоветник“ на дворот на калифот Валид (705-715).

Во истото време, во Византија се појавила и проширила иконоборската ерес, поддржана од царот Лав III (717-741). Јован Дамаскин бил меѓу првите кои се спротивставила на оваа ерес; тој започнал и писмена борба за одбрана на нападнатите свети икони. Ова негово делување го разгневило византискиот цар, кој неможејќи да го уапси ни осуди бидејќи не бил жител на Византија, го наклеветил кај калифот дека Јован сака да им пружи помош на Византијците во освојувањето на Дамаск. Калифот веднаш го симнал Јован од високата положба во калифатот, му ја отсекол десната рака и го вовел во градот сиот окован. Истата ноќ свети Јован се молел пред иконата на Пресвета Богородица, која му се јавила во сон, и велејќи му дека раката му е исцелена, му укажала на неопходноста од неговата борба, со нејзина помош, против иконоборската ерес. Кога се разбудил, светителот видел дека раката му е исцелена. Штом дознал за чудото, калифот му побараш прошка и му ја понудил истата позиција која ја имал, но св. Јован тоа го одбил, и заедно со својот учител Козма заминал во манастирот на св. Сава Освештен во Ерусалим. Токму таму Јован Дамаскин заблескал во полниот подвижнички и богословски сјај, учејќи се на смирение и умртвување на гордоста. Во 734 година бил ракоположен за иеромонах од страна на ерусалимскиот патријарх. Својот манастир го напуштил само за да ги осуди иконоборците кои одржале еретички собор во Цариград во 754 година, каде бил затворен и мачен, но преживеал. Се упокоил во молитвена тишина во Савината Лавра 749 година.

Дела и учење на Св. Јован Дамаскин

Свети Јован бил разноврстен и плоден црковен писател, со оригинален, методичен и концизен начин на изразување. Пишувал на висок стил на грчки јазик, и сите дела ги напишал во лаврата на свети Сава. Неговите дела ги вклучуваат:

Рани дела

  • Три расправи против оние кои ги отфрлаат светите икони (нашишани помеѓу 726 и 731 година).
  • Неколку расправи против несторијанците, јаковитите (монофизитите), монофизитските акефалити итн.

Учења и догматика

  • Источник на знаењето (Πηγή γνώσεως), книга во три дела:
  1. „Дијалектика или Философски поглавја“ составени според Аристотел, и каде се објаснуваат поимите како битие, суштина, природа, ипостас, случај, род, вид, индивидуа, идентитен и др.
  2. „За ересите накратко“, каде набројува 103 ереси и заблуди, користејќи ги списите на Епифаниј Критски. Овој ересиолошки преглед го завршува со богословско исповедање на верата. Карактеристично е што во овој дел го нуди првото апологетско дело против Исламот од Христијанска гледна точка.
  3. „Правилно изложување на Православната вера“ е третиот и најважен дел, кој е обид за составање на догматски систем по теркот на раните црковни философи на Кападокиската школа, како свети Григориј Богослов, Кирил, Лав Римски, Леонтиј, Дионисиј и Максим.
  • „Свети паралели“

Дамаскин во својата работа настојува верно да го изложи учењето на црквата, при тоа слободно и творечки движејќи се во богословското предание.

Химни и помали дела

  • Осмогласник (или Октоих)
  • Пасхална служба
  • Воскресни догматици и Воскресни канони
  • Канон на Рождество Христово, Богојавление, Преображение, Вознесение, Благовештение, Успение итн.
  • Погребни стихири и антифони
  • „Разговор помеѓу Сарацен и Христијанин“
  • „Вовед во елементарна догматика“