Разлика помеѓу преработките на „Свети Николај Чудотворец“

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
(Химнографија)
с (Химнографија: el)
Ред 63: Ред 63:
 
[[Категорија:Чудотворци]]
 
[[Категорија:Чудотворци]]
  
 +
[[el:Άγιος Νικόλαος]]
 
[[en:Nicholas of Myra]]
 
[[en:Nicholas of Myra]]
 
[[es:Nicolás de Myra]]
 
[[es:Nicolás de Myra]]
 
[[ro:Nicolae al Mirelor]]
 
[[ro:Nicolae al Mirelor]]

Преработка од 17:53, 2 јуни 2008

Св. Николај Чудотворец

Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мириклиски е славен Божји светител кој се слави низ сиот свет. Славен е од како од Православните, така и од другите христијани и иноверци: муслиманите од Турција исто така многу го почитуваат овој светител. Зел учество на Првиот вселенски собор во Никеја, каде од ревност го нападнал еретикот Ариј. Најстарото житие за него потекнува од 10 век.

Житие

Роден е во градот Патара, Ликија (на јужниот брег од Мала Азија), како единствено и измолено од Бога дете на верните, богати и угледни родители Теофан и Нина, кои решија да Му го посветат на Бога, принесувајќи Му така дар. Уште со самото негово раѓање, почна да твори чуда. Неговата мајка, Нона, чудесно се излечи од болестите откако го роди. На денот на неговото Крштевање, без човечка помош стоеше на своите нозе три часа, за што подостојно да ја прослави Пресветата Троица. Уште од најрана возраст, како бебе го почитуваше и се придржуваше на постот в среда и петок, така што не го прифаќаше мајчиното млеко во тие денови додека неговите родители не завршија со вечерните молитви. Како дете, со голем восхит пристапуваше кон проучувањето на Светото Писмо; преку ден не го напушташе Храмот, а ноќе се молеше и читаше книги на тој начин станувајќи достојно место за пребивање на Светиот Дух. Знаењето за духовниот живот Св. Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, кој го назначи прво за чтец, а потоа и за свештеник. Ревносен за верата, овој млад свештеник имаше вера на Старец, чие почитување се зголемуваше од ден на ден. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостиња, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Во тоа време постоеше еден богат човек во Патара, кој изгуби сѐ и не можеше да го прехрани своето семејство. Бидејќи имаше три ќерки стасани за мажење, а за нив немаше приготвено мираз, му дојде погубна мисла - да почне да ги продава телата на неговите ќерки, за да спечали некој денар и да може да се прехранат. Дознавајќи за неговата крајно погубна намера, свети Николај тајно го посети и му фрли кесичка со пари преку прозорецот, вардејќи да не го види случајно некој. Со тие пари, кој таткото ги најде, ја омажи првата ќерка. Истото овој светител го стори и за другите две негови ќерки, на тој начин спасувајќи го сето семејство од духовна смрт. Наскоро чичкото на овој светител реши да оди на свето поклонување во Ерусалим, препуштајќи му ја грижата за стадото на својот внук. Овој не само што се покажа достоен и вреден за довербата, туку сето тоа го правеше со крајна послушност и љубов. Откако неговиот чичко се врати од поклонението, свети Николај побара благослов за тој да оди во Светата Земја. На своето патување низ Светата Земја тој направи безброј чуда: предвиде дека морето ќе го зафати страшна бура која потоа ја смири со неговите молитвни и вера и го спаси од смрт морнарот кој беше смртно повреден преку своите молитви. Пристигнувајќи во Ерусалим, Му заблагодари на Создателот токму на местото наречено Голгота. Ги посети сите места во Светата Земја, и посака да се повлече во пустинаата и да се замонаши на Синај. Но Божествен глас му се јави, велејќи му да се врати во родната земја.

Кога се врати во Ликија, се замонаши во манастирот Новиот Сион, основан од тој негов чичко, длабоко посакувајќи го мирот и тишината. Но уште еднаш Божјата Волја покажа дека има други планови за него. Му се јави божествен глас, велејќи му да го напушти манастирот и да се врати во светот, во Мир, каде најдостојно би Го прославил Бога. Светителот, со целосно послушание ја напушти Патара. Набрзо по неговото пристигнување во Мир, архиепископот Јован се претстави пред Бога, и местото беше сеуште непополнето. Светителот беше избран за Епископ на Мира, откако еден од епископите на Советот кој го бираше наследникот на Јован одлучи новиот епископ да биде назначен од Бога, а не од нив: така, еден од постарите епископи добил визија на сјаен човек кој му рекол дека првиот човек кој ќе влезе во Црквата истата вечер треба да биде следниот архиепископ; и дека неговото име ќе биде Николај. Стариот епископ веднаш поитал кон Храмот Божји, во исчекување на човекот кој ќе биде таму. Пред портите го чекал св. Николај, кој секогаш прв пристигнувал на Литургија. Откако го прашал како се вика, светецот одговорил: „Се викам Николај, Учителу, и твој слуга сум.“ Милостив, мудар, неустрашлив, св. Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, но тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји, не допуштајќи да се поколебаат во верата.

Со доаѓањето на власт на светиот цар Константин, христијаните веќе не беа гонети и добија рамноправно место во Римското Царство. Токму во тој период, овој милостив зилот со чисто срце разурна многу пагански храмови и идоли во Мир и неговата околина, изгонувајќи ги лошите духови. Во 325 година учествуваше на Првиот вселенски собор, каде го посрами Ариј заедно со Св. Силвестер, Александар, Спиридон и другите свети отци на Соборот. Од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архиерејската служба, сѐ додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај, враќајќи му го омфорот и Евангелието. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето, насекаде сеејќи мир и благодат.

Св. Николај Мириклиски

На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре ангел Божји. Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Многу пати им помагаше и на давениците, затворениците и ги избавуваше од неволји морепловците. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост малку се разболе и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог.

Неговите мироточиви мошти беа поставени во локалниот храм, и многу луѓе најдоа спас преку нив. Но во 1087 година, откако градот беше разорен и уништен, тие беа чудотворно пренесени во Бари, Италија, каде што се наоѓаат и ден денес. Неговото име се слави насекаде низ светот, а заштитник е и на Русија и Грција.

Комерцијална употреба во западната култура

Празникот на свети Николај во модерното западно општество има огромно комерцијално значење, посебно во земјите на Западна Европа и САД. Искористувајќи го и извитоперајќи го фактот дека овој голем светител им помагал на луѓето не ретко и на материјален план, капиталистичката машинерија врши силна кампања за масовно купување и подарување на подароци, најмногу слатки работи. Ултрапотрошувачката култура која е превземена од САД има главна улога во овој процес.

Чуда

Сибир

Тоа се случило во Сибир. Белата армија се повлекувала под Колчак. Евгениј Николаевич, со тешка рана што ја здобил во првата светска војна, служел во Колчакската војска како поручник. Било сурова зима. Кога влегле во некое село, партизаните фатиле некој селанец осомничен за соработка со Црвените. Решиле да го убијат. Евгениј Николаевич наредил да го затворат заробеникот. Таа ноќ, кога поручникот седел сам, пишувајќи го обвинението, слушнал чукање на вратата. Тој отворил и внатре влегол стар човек со скуфија на главата, како оние изветвените на монасите, и во стара мантија. „Господине офицер” – рекол тој – „овде имате затворено селанец. Не убивајте го. Тој не е виновен.”

„А, кој си ти?” – прашал Евгениј Николаевич. „Јас сум старешината на местната црква, отец Николај” – одговорил стариот човек и заминал. Евгениј Николаевич размислил доборо и решил да го ослободи затвореникот. Рано наутро тој наредил да подготват санка, го качил затвореникот, зел малку леб и им рекол на стражарите: „Одам да го застрелам.” Кога стигнал во шумата, го одврзал заробеникот, му дал од лебот и му рекол: „Бегај во шумата и никогаш повеќе да не ни се вкрстат патиштата!” Кога се вратил во селото, Евгениј Николаевич отишол во црквата. Таа била заклучена. Тој прашал некој селанец што поминувал таму: „Каде живее отец Николај?” „…Црвените одамна го убија” – му одговорил тој. Евгениј Николаевич се изненадил, но решил да разгледа околу црквата. Некој му ја отворил вратата и тој влегол. Одеднаш ја здогледал оддесно иконата на свети Николај и веднаш го познал ноќниот посетител; на иконата Чудотворниот јерарх бил прикажан со сосема истата скуфија. //Александра Дабарт, „Novoye Russkoe Slovo”

Од спомените на aрхимандрит Филаделф (Мишин)

Бев во прогонство. Гладна година. Немаше ништо за јадење. Работата сè потешка. А, за јадење ништо. Уште и зимата сурова, тмурна. Транспортот не можеше да се одвива и доставата прекина. Ние неколку деноноќија бевме сосем гладни и премрзнати. Да, уште како за грев, студот достигна четириесет степени. Птица во лет смрзнуваше. Многу мои собраќа полегнаа преморени и не можеа да одат. Јас, исто така, се подготвував да умрам од глад и студ.

Ноќевавме во одделни колипки, едни мали и многу лоши. Прозорите се затворени со партали. На подот - снег, навеал низ пукнатините. Вратата полуотворена. На неа се натрупал мраз еден вагон.

Беше студена вечер. Лежев завиткан во партали. Студот стегаше и го смрзнуваше целото тело. Одеднаш ми се приспа. Одлично знаев дека тоа е предзнак на смртта. Само заспиј и… не ќе се разбудев никогаш. Со сила кревајќи се, решив последен пат да му се помолам на светителот и чудотворец Николај: „Угоднику Божји − му реков − еве, умирам. Ти сè гледаш. Ти си брз помошник и самиот дојди кај мене, помогни…” Понатаму не паметам, дали зборував и што зборував − не паметам. Само слушнав силно тропање на вратата. Отворив. Бран од силниот ветар со студен снег ме навеа в лице. Немаше никого.

Но, што е она? Свежи траги пред вратата. Погледнав подалеку зад аголот… Стои голема торба. Ни снегот сè уште не ја покрил. Боже мој, какво е ова привидение? Уште еднаш ги погледнав трагите. Тие се протегаа кон шумата. Наоколу никој. Само бурата посилно беснееше.

Ја зедов таа торба. Тешка е. Ја внесов во куќарката, ја отворив… Мили мои деца… − и старецот заплака на глас. − Во торбата имаше свежи лебови. Уште и топли, сосем жешки! Како тукушто од печка извадени. А, од каде печка таму?! На педесет версти немаше никаква домашна куќичка, само прогонети заробеници.

И со тој леб живеевме цела недела. Кога стивна бурата, ни донесоа оброк. Тогаш никој не умре. А, во другите логори − се раскажуваше − многумина замрзнале во таа виулица. А од нашите никој не замрзна. Чудотворецот Николај нè спаси!

„И на Овчем Полѣ свети Никола очи ѣму дарова въ црьквi...”

Српскиот крал Милутин наредил да му ги извадат двете очи на неговиот син Стефан, кој бил наклеветан за наводно подготвување заговор. При ослепувањето, во манастирот на Свети Николај Чудотворец во Овче Поле (околината на Свети Николе), свети Николај, архиепископот Мирликиски, му се јавил на Стефан Дечански и му рекол: „Стефане, не плаши се; еве ги твоите очи на мојата дланка. Своевремено, јас ќе ти ги вратам.” По пет години, време кое светиот маченик Стефан Дечански го поминал затворен во Цариград, повторно му се јавил свети Николај: „Дојдов да го исполнам ветувањето.„ Потоа со крстниот знак го прекрстил слепиот крал и тој прогледал. Како благодарност кон Бога, тој го изградил храмот Високи Дечани, една од најубавите градби на средновековната византиска уметност и архитектура.

Химнографија

Тропар

Вистината на сѐ како правило на верата, образец на кроткоста
и учител на воздржаноста те покажа стадото твое;
заради тоа си го придобил со смирението - возвишеното,
а со сиромаштвото - богатството; оче свјаштаноначалниче Никола
моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.

Кондак

О, пресвет и пречуден отче Николае, утехо на сите нажалени,
сегашниот наш принос прими го, и од геената да се избавиме
со пријатното твое застапништво Господа намоли го, со тебе да воспеваме: Алилуја.

Икос