Свети Архистратиг Михаил

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Свети Архистратиг Михаил

Свети Архистратиг Михаил (хебр. מיכאל) е еден од најпочитуваните и најпрославените ангели и бестелесни небесни сили; тој е наречен Архистратиг, односно главен заповедник на ангелската војна и архангел, прв ангел, односно ангел серафим (не архангел по чин, туку по служба). Според Светото Писмо и Преданието, неговото застапништо многу пати помогнало во зачувувањето на Вистинската Вера. Неговото име, на хебрејски „Ми ка ел“ значи „Кој е како Бог?“, или „Има ли ко Бог?“ и било борбен извик на ангелите на небесата во борбата против Сатаната и неговите следбеници. Верниците најчесто го повикуваат на помош при одбрана од непријатели и при немири, безредија и војни. Архангел Михаил се празнува на 21 ноември (8 ноември) заедно со останатите Сили небесни и бестелесни, како и 19 септември, кога се празнува споменот на неговите чуда во Колос, со што направил да бликне изворот Хаиротопа близу Колос, кадешто сите болни кои се капеле и ја повикувале Пресветата Троица и Св. Михаил, биле излечени.

Кога сатаната, Луцифер, отпаднал од Бога и со себе ги повлекол во пропаст еден дел од ангелите, тогаш Михаил станал и возвикнал пред неотпаднатите ангели: „Да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ И сите небесни војски на верните ангели громко запеаја: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот исполн небо и земља слави Твојеја!

Православието и ангелските чинови

(за повеќе, видете Ангели)

Од длабоката древност Божјите ангели се празнувани од луѓето. Но тоа празнување често се одметнувало во обожување на ангелите (4 Царства 23, 5). Еретиците прикажувале сешто за ангелите. Некои од луѓето во ангелите гледале богови, други иако не ги сметале за богови ги нарекувале создатели на сиот видлив свет. Лаодикискиот помесен собор којшто се одржал четири или пет години пред Првиот Вселенски собор, со своето 35 правило го отфрлил поклонувањето на ангелите како на богови и го востановил правилното почитување на ангелите. Во времето на папата Силвестер и александрискиот патријарх Александар (4 век), бил востановен овој празник на Архистратигот Михаил со другите небесни Сили, во месецот ноември. И самото сместување на празникот во ноември има значење, затоа што после март, ноември претставува деветти месец. А се смета дека во месецот март било создавањето на светот. А деветтиот месец после март е земен заради деветте ангелски чинови, коишто се најпрво создадени. Св. Дионисиј Ареопагит, ученик на Св. апостол Павле, т.е. на оној апостол којшто бил воздигнат до третото небо, овие девет ангелски чинови ги опишал во книгата „За небесната Хиерархија“. Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, Началата, Архангелите и Ангелите. Војвода на целата ангелска војска е архистратигот Михаил.

Меѓу ангелите владее совршено едномислие, еднодушност и љубов, а покрај тоа и потполна послушност на пониските чинови кон повисоките и на сите заедно кон светата Божја волја. Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар. А на денот на Страшниот Суд сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек.

Архангел Михаил во Светото Писмо

Архангел Михаил се споменува неколку пати во Стариот и Новиот Завет. Иако на некои наврати неговото име не е диркетно посочено, светите отци учат дека се работи за него. На пример, во книгата Исус Навин, се кажува:

Кога Исус се наоѓаше близу до Јерихон, погледна и виде, и ете, пред него стои човек, со истргнат меч во раката. Исус се приближи до него и му рече: "Наш ли си, или си од нашите непријатели?" Тој му одговори: "Не; јас сум водачот на војската Господова, сега дојдов овде." Исус падна ничкум на земја, се поклони и му рече: "Што ќе му заповедаш на својот слуга?" Водачот на војската Господова му рече на Исуса: "Собуј ги обувките од нозете свои, бидејќи местото, на кое стоиш, е свето." Исус така и направи. (Исус Навин 5:13–15)

Во Соборното послание на светиот апостол Јуда од Новиот Завет во стих 9, напишано е како Архангел Михаил се препирал со ѓаволот за телото на Мојсеј. Во Откровението пак, 12:7-8, „И настана војна во небото; Михаил со своите ангели завојува против змевот. И змевот и неговите ангели завојуваа, но не устоија и не им се најде веќе место во небото.“ Свети Јован Богослов опишува како Сатаната е исфрлен од небото три ипол години од крајот на времето, „за едно време, и две времиња, и половина време“ Откровение 12:14. Ова исфрлање од небото на Сатаната завршува со тоа што „ќе настапи мерзост на запустувањето и крајот на предопределената погибел ќе го постигне опустошителот“ според зборовите на пророкот Даниил, 9:27.

Иконопис

Како главен заповедник на небесните Сили, Архангел Михаил најчесто е прикажан како држи меч и штит во раката. Исто така, најчесто е облечен во бело и го победува ѓаволот, кој е прикажан како змеј.

Химнографија

Тропар за Собор на Св. Архистратиг Михаил и остатите Сили небесни бестелесни

Свети Архангел Михаил, руска икона
глас четврти
Водачи на небесните војски, ние недостојните
ве молиме секогаш, со вашите молитви
да не’ заштитите под покривот на крилјата на
вашата бестелесна слава, чувајќи нѐ
нас што усрдно паѓаме и воскликнуваме:
од беди избавете нѐ, како чиноначалници на небесните сили!

Молитва кон свети Архангел Михаил

Целиот си оган и ревност, свети Архангеле Михаиле, затоа ти се молиме: нашите заспани души запали ги со огнот на твојата ревност, та секогаш да Му служиме на нашиот заеднички Господ, сесрдно да те подражаваме тебе, безгрешниот и свет брат наш и врховен војсководач на сите небесни и земни војски Христови. Пречудниот Господ Исус Христос устроил една црква од англеи и луѓе, та и ние луѓето кои таинствено претставуваме херувими на земјата, да ги подражаваме нашите небесни браќа на чие чело стоиш ти, лачезарен и боженствен архистратиже Михаиле. Ти на небото го победи селошиот сатана и го фрли од небото на дното во пеколот - помагај ни и нам секогаш, ти се молиме, сесилен Архангеле, та и ние со сепобедната сила да го победуваме селукавиот сатана, кој нѐ напаѓа од сите страни, и нѐ искушува преку безбожни луѓе, преку нечисти мисли, преку земни наслади и преку опивните страсти.

Сиот си свет, чист и безгрешен, божествен првоангеле Божји; ти се молиме - сесвети; ти се молиме - сечисти; ти се молиме - себезгрешни, учи нѐ дење и ноќе како да живееме свето, чисто и безгрижно; дарувај ни ги твоите херувимски сили за да живееме вистински херувимски на земјата и ние, кои според неизмерливото Божјо човеркољубие, претставуваме херувими на земјата.

Не оставај нѐ во отровната кал на нашите сластољубиви земни желби, туку издигни нѐ во небесните англески височини и оспособи нѐ да живееме ангелски свето и чисто, додека сме во тело на земјата. Милостиво погледни на нас, сепобедлив архангеле, снисходливо спушти се до нас, разбуди нѐ за борба со злото, со гревот, со ѓаволот, со смртта, за да можеме водени и охрабрувани од тебе, лесно да ги совладуваме: секој грев, секоја страст, секој ѓавол и секоја смрт. Знаеме, богоносен архангеле, дека имаш власт над нечистите духови, над смртта, над гревовите: исполни ги нашите души со твојата боженствена сила, за да можекме бестрашно да војуваме и херувимски да ги победуваме сите непријатели на нашето спасение, на нашата вера и на нашата душа.

Сепобедлив војводо на небесните сили, ти си го исчистил н небото од сатаната и неговите црни ангели, исчисти ги и нашите души од секој грев, зашто гревовите наши ги отвараат вратите и прозорците на нашите души; преку нив во нас да не влезат нечистите демонски дили, да ги валкаат и умртвуваат нашите души кои треба да се англески чисти и ангелски бесмртни. Без твојата сепобедлива помош, небесни војсководачу, лесно стануваме плен на нечистите сили. Затоа од сѐ срце ти се молиме: прими нѐ во твојата сепобедлива војска, војувај за нас и пред нас, води нѐ и предводувај нѐ во секоја борба за нашата душа, за нашето спасение, за нашата вечност, обезбедувајќи ни победа над секојн грев и над секој ѓавол.

О, пресвети архангеле, ако ти не ни дојдеш на помош со твојата боженствена сила, ние сме очајни и немоќни пред демонските сили. Со тебе секогаш ќе победуваме во сите борби на нашата душа, а без тебе паѓаме од пораз во пораз, од грев во грев, од пекол во пекол. Затоа ти се молиме, биди секогаш со нас, не напуштај нѐ поради нашите гревови, и поради нашата нечистотија, туку сакајќи нѐ со боженствена љубов направи да го замразиме гревот и сите гревовни сласти, та да ја исполниме нашата душа со слаткиот мирис на ангелските добродетели. Еве, ги предаваме нашите души на тебе, пресвети ангеле Божји, ти се молиме и просиме: води нѐ секогаш по патиштата што водат кон Царството Небесно, за да можеме заедно со тебе, вечно да Го славиме семилостивиот наш Спасител - Преслаткиот Господ Исус Христос, и Неговиот Човекољубив Отец, и Себлагиот Дух Утешител, Кому нека Му е слава и пофалба сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Извори