Недела на митарот и фарисејот
Неделата на митарот и фарисејот претставува почетно поглавје од Посниот Триод, литургиска книга што се користи за време на Великиот пост. Таа е прва од четирите подготвителни недели пред почетокот на Великиот пост. Нејзе ѝ претходи Неделата на Закхеј, а по неа следи Неделата на блудниот син.
Значење
Фокусот на оваа недела е на Евангелието според Лука, 18, 10-14, во која е пренесена параболата за двајцата мажи, од кои едниот е корумпиран митар (цариник), а другиот е фарисеј, надворешно пристоен и праведен религиозен човек. Макар што фарисејот е оправдан пред Законот, неговата гордост заработува осуда од Бога. Митарот пак, иако целосно грешен и виновен, поради неговот смирено просење милост од Бога, бива оправдан според големото човекољубие Божјо.
Средата и петокот што следуваат по оваа недела не се пости, за и на тој начин христијаните да бидат потсетени дека сета нивна аскеза и подвизи, нивната надворешна набожност може да послужат за осуда и вечна погибел, доколку од нив се направи идол и се нема смирение.
Химнографија
Тропар
- глас осми
- Дверите на покајанието отвори ми ги, Животодавче,
- оти утренува духот мој кон светиот храм Твој,
- носејќи го храмот (мој) телесен, сиот осквернет:
- но како штедар очисти ме
- со благоутробната милост Твоја.
Кондак
- глас четврти
- Да бегаме од фарисејското високословие,
- и да се научиме на височините на смиренословието на митарот,
- покајно возвикувајќи:
- Спасителу на светот,
- очисти го слугата Твој.