Свети Тајни

Од Православна-енциклопедија
Скокни на: содржини, барај

За Свети Тајни во Православието се сметаат сите нешта, од најмалото до најголемото, и за неа сѐ е Света Тајна. Сиот живот во Бога е светотаински. Животот на Господ Исус Христос непрестано се оприсутнува во Свeтата Црква, а Светата Црква по зборовите на Свети Никола Кавасила е присутна во Светите Тајни. Тајни, или misteryon, се свети дејства во кои преку видливо дејство на душата на човекот кој верува, невидливо и се дарува Божјата благодат. Светите Тајни се постојана мистична врска која го соединува човековиот живот со Бога. Тие се плодови на животот и смртта на Господ Исус Христос и низ нив тече скапоцената крв на Спасителот. Светите Тајни, исто како и Црквата, се и видливи, и невидливи и во секоја од нив се наоѓа надворешен, видлив знак и внатрешна духовна благодат. Според зборовите на Свети Јован Златоуст, тие се нарекуваат тајни токму поради тоа што она во што веруваме за нив не е исто со она што го гледаме; ние гледаме едно, а веруваме во друго.

Како продолжение на тајната на Христовото присуство на земјата, носат во себе две битни обележја: тие се како икона на идниот век и, секогаш се остваруваат во заедница Света Црква. Во нив верниците задобиваат предвкус на Царството Божјо кое дошло и доаѓа, иако сеуште не во својата полнота.

Бидејќи се наоѓаат во Светата Црква, тие се неопходни за сите нејзини членови. Тоа Светата Црква го изразила во десеттиот член од Символот на Верата кој гласи: ” Исповедувам едно крштение за опростување на гревовите ”. Иако во овој член се спомнува само Св. тајна Крштение, се подразбираат и останатите Св. Тајни, а тоа е спомнато затоа што преку него се влегува во Св. Црква, а и се стекнува право на сите Свети Тајни.

Содржина

Седумте Свети Тајни

Иако во Црквата сѐ е Света Тајна - од најмалото до најголемото, за потребите на човекот т.е. за негово осветување и спасение, Светата Црква според своите свети Канони има одредено седум Свети Тајни, и тоа:

Значење

  • Преку Светата Тајна Крштение, на таинствен начин , преку трикратно потопување во вода во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух човекот повторно се раѓа за нов духовен живот (Јн. 3.5; Мк.16.16). Со Крштението се станува член на Светата Христова Црква, и без оваа тајна, не се можни другите Свети Тајни. При Крштението човекот се откажува од сатаната, се покајува и го исповедува Символот на верата. Основен предуслов за Светото Крштение е верата во Господ Исус Христос, дека Тој е Син Божји, дека пострада на Крстот и воскресна, и дека повторно ќе дојде да им суди на живите и мртвите.
  • Миропомазанието е Света Тајна во која преку помазување на одредени делови од телото (чело, уши, нос, уста, гради, рамена, раце и нозе) со Свето миро, во името на Пресвета Троица, на крстениот му се даваат посебни дарови на Светиот Дух, кои го крепат, осветуваат и усовршуваат во духовниот живот (Мт.3.16; Мк.1.10; Лк.3.2). Се извршува после Светото Крштение. Тоа што за телесното напредување на новороденчето е мајчиното млеко, тоа за духовниот напредок на новокрстеното новороденче е Светото Миропомазание.
  • Светата Евхаристија, односно Причеста по зборовите на Свети Теодор Студит преставува повторување на целиот Домострој на спасението. Овде човекот во вид на леб и вино се причествува за вечен живот со вистинското тело и крв на Својот Спасител Господ Исус Христос (Мт.26.26-28; Лк.22.19). Светата Евхаристија се припрема и прима за време на Светата Литургија, а е востановена од самиот Господ Исус Христос. Постојат поделени мислења околу тоа колку често треба некој да се причестува. Секој верник ова прашање го решава со својот духовник.
  • Целта на Св. тајна Покајание е повторно да нѐ измири со Бога. Секој грев нѐ одвојува од Бога, но покајанието е лек за секој грев, а со тоа и лек за секоја духовна смрт. Нема грев од кој човек не може да се ослободи преку покајанието и покајничката исповед (Мт.18.18; Јн.20.23). Епископите и свештениците, како наследници на Светите апостоли ја имаат моќта да опростуваат гревови. Во некои случаи, зависно од тежината на гревовите кои се исповедани, свештеникот одредува и епитимија, односно дополнителна мера за увидување на грешките, која може да биде во вид на додатен пост, молитвено правило, милосрдие или забрана за причестување на определено време, согласно каноните.
  • Свештенството е тајна во која Св. Дух преку молитва и полагање на раце од страна на епископ за време на Света Литургија дава на правилно избрано лице, благодат за вршење на Св. Тајни и раководење на Христовото стадо во вера и побожност. Значи, свештеникот станува посредник пред Бога по примерот на Христа (Тит 1.5). Во оваа тајна постојат три чина: ѓаконски, свештенички и епископски. И оваа Света Тајна е востановена од Господа Христа, а ја вршеле неговите свети ученици.
  • Бракот е Света Тајна во која младоженецот и невестата пред свештеникот и Светата Црква, даваат слободно ветување на брачна верност и взаемна помош во нивниот евангелски живот, поради законско раѓање и христијанско воспитување на деца (Јн.2.2; Еф.5.31-32; Д.ап.20.28). Бог уште во рајот ја осветил брачната врска кога го благословил Адама со Ева. Самата тајна се извршува во средината на Црквата, пред Светиот Крст и Светото Евангелие.
  • Елеосвештенството е Св.Тајна, во која на христијанинот со осветен му се помазуваат одредени делови од телото и, невидливо му се дава благодат Божја, која ги исцелува не само духовните туку и телесните болки (Јак.5.14-15). И оваа Света Тајна е востановена од Господа Исуса Христа. Се извршува над тешко болни верници за излекување од нивните болести.

Циклуси

Земено во поширок смисол, сиот живот на Христијаните мора да се гледа како една единствена и голема Света Тајна. Различните аспекти на оваа Света Тајна се согледуваат во различните Свети Тајни од кои некои се изведуваат еднаш во животот, како Крштението и Бракот, а некои редовно и често, како Покајанието и Причеста.

Извори

  • Пено М. Здравко, Катихизис, Основе Православне Вере, Никшиќ, 2002 год.
  • Поповиќ Јустин, Догматика Православне Цркве, Београд, 1978 год.
Лични алатки
Именски простори
Варијанти
Дејства
Навигација
Интеракција
Donate

Please consider supporting OrthodoxWiki. FAQs

Алатник
Други јазици