Свети Јован Златоуст

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Свети Јован Златоуст бил патријарх Цариградски.

Житие

Роден е во Антиохија во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Татко му починал набрзо по неговото раѓање, така што Јован растел покрај неговата мајка. Крстен е во 370 година. Изучувајќи ја грчката философија Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како едиствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители.

Свети Јован Златоуст

По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија Светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање. Кога требаше да биде посветен за свештеник се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на Светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го растолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу драгоцени книги со неговите беседи. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство.

Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и Светиот маченик Василиј, во чијашто црква ја прими Светата Причест. „Слава Му на Бога за сѐ!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на Св. Јован Златоуст главата почива во Успенскиот храм во Москва, а телото во Ватикан во Рим.

Свети Јован Златоуст за покајанието

Никој да не паѓа во очајание и да не го пренабрегува своето спасение!

Нека се обрати кон Лекарот, Кој со едно посакување може да не’ излекува, зашто Он е семоќен. Погледни, како го излекувал матеја и како го исцелил Павлета! Едниот од нив е цариник, а другиот хулител: грабителот на туѓото не останал грабач, туку станал Евангелист; и хулителот на Христа не останал хулител, туку станал Апостол! Јас, најпрво говорам за нивните пороци, а потоа за нивните добродетели, за да се види силата на покајанието и никогаш да не се очајува за спасението. Нашите учители најпрво биле познати по своите гревови, а потоа се прославиле со праведноста. Цариник и богохулник - тоа се највисоки степени во нечестието. Какво занимање е цариник - несправедливост преку законот, дрско насилие над потребата и ополномоштени грабање. Законите се лекари за граѓаните, но овде се покажуваат како мачители, зашто не ја лекуваат раната, туку ја зголемуваат. Но и покрај сето тоа, цариникот наеднаш станал Евангелист. Како и на кој начин? Евангелието одговара: „Кога си одеше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на царината, и му рече: ’Врви по Мене’. И тој стана и тргна по Него“. (Матеј, 9,9). О, колку голема сила има Словото! Ја фрлил мрежата, заробеникот постанал војник, тиата постанала злато, од длабочината на нечистието цариникот се искачил до највисоката добродетел, откако станал и тргнал по Христа.

Возљубени, никој да не очајува за своето спасение!

Порокот не е во нашата природа, ние сме создадени со разумна волја и слобода. Ти си како цариникот - можеш да станеш Евангелист. Ти си како богохулникот - можеш да станеш Апостол. Ти си како разбојникот - можеш да го придобиеш Рајот. Ти си како мудрецот - можеш да Му се поклониш на Христа. Не постои порок или грев кој што не може да се искупи преку покајание, затоа и Христос ни ги посочува најголемите степени на нечестието, за да не може никој, на било кој начин да се извини. Не вели ми: „Што да правам, загинувам?“ Не ми кажувај: „Јас згрешив, што да сторам?“ Ти имаш Лекар, Кој стои над болеста; ти имаш Лекар, Кој ја победува силата на болеста; ти имаш Лекар, Кој лекува со еден замав, Кој исцелува со едно посакување; ти имаш Лекар Кој може и сака да лекува! Ако Он те создал од небитие и ти дал живот, тогаш колку повеќе може да те поправи и исцели, кога суштествуваш и си повреден. Ти не можеш да кажеш на кој начин си создаден, како што не можеш да објасниш на кој начин се очистуваат гревовите. Ако огнот, кој падне меѓу трње, изгорува и уништува се’, тогаш колку повеќе е возможно за волјата Божја да ги исчисти и да ги искорени нашите прегреженија, правејќи и од греникот свет човек?! Не прашувај како тоа станува, не испитувај како тоа се извршува, но верувај во чудо! Ќе речеш: „... и многу големи се моите гревови - но кој е без грев?!“ Признај дека си згрешил, и тоа ќе ти послужи на почетокот за поправање. Дојди на себеси, покај се и пролеј созли! Нема друг начин по кој постапила блудницата: преку покајание и солзи таа се доближила до изворот на спасението.

Химнографија

Тропар

глас осми
Од твојата уста како светлина од оган кога засвети благодатта/
целата вселена ја просвети:/ за светот стекна ризници на несреброљубие,/
ни ја покажа височината на смиреномудрието,/
но, со твоите зборови поучувајќи, отче Јоване Златоуст,//
моли го Словото - Христос Бог, да ги спаси нашите души.

Кондак

глас шести
Од Небесата прими Божествена благодат/ и со твојата уста сите ги учиш/
да се поклонуваат на Едниот Бог во Троица,/ Јоване Златоуст, себлажен преподобен,/
достојно те фалиме :/ зашто си наставник,// кој Божествени јавуваш.