Грев

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Грев (грч: άμαρτία – беззаконие, промашување, заблуда), видено во Православието како неисполнување на заповедите Божји, непостапување на човекот во согласност со првичниот Божји план за создавањето на светот и човекот, и со Божјата промисла и волја. Оттука гревот може да се дефинира како егзистенционално промашување. Бидејќи ако целта на човековото постоење е заедницата со Бога, тогаш гревот како слободен избор е промашување на таа цел и живеење според својата волја, живеење во страстите и себељубието, и во таа смисла промашување и на целта на постоењето. Оттука Светите Отци на гревот гледаат како на најголемо зло кое ја разорува човековата природа, ги ослабува човековите сили, и кој што е неопходно преку покајанието да се лекува.

Светите отци за гревот

Гревот започнува со гордоста или негирањето на Божјата трансцедентност, преку одвраќањето на духот да Го созерцува Логосот. На тој начин доаѓа до пад во идолопоклонство и егоистична вљубеност во надворешниот свет, при што душата попушта на телесните похоти. Токму затоа Светите Отци го имаат на ум развојот на гревот, и предложуваат стратегии за борба против него, започнувајќи ја борбата уште во помислите кои наведуваат на грев. Така, според свети Максим Исповедник, во борбата со гревот треба најпрво да се настојува да не дојде до грев со дело, потоа да се зајакне волјата да не се согласува со гревот, па да се победи страстната желба, која е и победа над нечистите помисли.

Видови на грев

Прва и најсуштинска поделба на гревот е на покајани и непокајани. За најтежок грев се смета токму оној грев кој не е покаен колку и да е мал, затоа што тоа е жива рана за душата на човекот, која треба што побрзо да се лечи преку Светите Тајни.

Понатаму, следат следните видови на гревови:

Гревови што викаат кон небото

  1. Намерно убиство
  2. Содомија во која спаѓаат хомосексуалноста, зоофилијата, и слично
  3. Измачување на сиромаси и вдовици
  4. Скусување на работничка плата

Смртни гревови

  1. Гордост
  2. Среброљубие
  3. Блуд, во кој спаѓа секоја сексуална активност надвор од брачната заедница
  4. Завист
  5. Неумереност во јадење и пиење
  6. Гнев
  7. Мрзливост

Гревови против Светиот Дух

  1. Горделива претерана надеж во Божјата милост и поради тоа непрестајно грешење
  2. Очајување и губење на надеж во Божјата милост
  3. Спротивставување на познатата вистина
  4. Завидување на туѓа среќа
  5. Непримање на добри совети
  6. Тврдоглаво останување во непокајание

Туѓи гревови

  1. Советување на грев
  2. Заповедување
  3. Дозволување на други да грешат
  4. Наговарање други да грешат
  5. Фалење
  6. Премолчување на вистината
  7. Неказнување или неспречување доколку имаме можност за тоа на туѓиот грев
  8. Учествување во туѓ грев и давање на лош пример.

Видете исто така