Велики Понеделник
Велики Понеделник (грч: Μεγάλη Δευτέρα) е првиот ден на Страстната седмица. Во него, Црквата се потсетува на последните денови на Христос во Ерусалим, неговото влегување во Храмот и растерувањето на трговците од него, оти тоа е место за молитва, а не пазар. Христос на Своите ученици во повеќе наврати им зборува за Своето страдење кое Му претстои, како и крајот на времињата и Страшниот Суд. На Велики Понеделник Црквата говори и за Неговата беседа во Храмот, за злобните лозари, како и проколнувањето на бесплодната смоква, која го претставува јудејскиот собор, (во кој Исус Христос не нашол вистински плод, туку само лицемерна сенка на законот), но и човечката душа која не ја познава молитвата, покајанието, и која не носи духовни плодови.
На овој ден, Црквата го споменува и старозаветниот патријарх, целомудрениот Јосиф Прекрасен, кој поради зависта на своите браќа бива продаден во Египет; на тој начин, овој старозаветен патријарх е праобраз на безгрешното страдание на нашиот Спасител. Христос, како и Јосиф, станува жртва на зависта на Неговите браќа по крв и вера, и на ист начин е предаден и продаден. На крај, Јосиф завладејува со Египет, и ги храни своите браќа со леб, исто како што и Христос седнува на Својот Престол на мирот и нѐ храни сите нас со небесниот Леб - со Своето Тело и Својата Крв.
Химнографија
Тропар, глас 8:
- Еве Младоженецот доаѓа на полноќ,
- и блажен е слугата што ќе го најде буден:
- недостоен пак, е оној што ќе го најде заспан.
- Внимавај значи, душо моја, не отежнувај со сонот,
- да не бидеш на смрт предадена и надвор од Цaрството да се затвориш,
- туку сепни се викајќи: Свет, Свет, Свет си, Боже,
- заради Богородица помилуј нè.
Кондак, глас 8:
- Јаков ридаше заради лишувањето од Јосиф
- и добриот седеше на кола, како цар почитуван:
- затоа што пред сластите на египќанката тогаш не се пороби,
- повторно беше прославен од Познавачот на човечките срца
- и Давателот на негнилежен венец.
Ексапостилар:
- Твојот дворец го гледам, Спасу мој,
- украсна облека немам, за да влезам внатре.
- Осветли ја облеката на мојата душа,
- Просветителу, и спаси ме.
Нов Завет
- Утрена: Матеј 21:18-43
- Литургија на претходно осветени дарови: Матеј 24:3-35
Стар Завет
- Час Шести: Језекиил 1:1-20
- Вечерна: Исход 1:1-20; Јов 1:1-12