Разлика помеѓу преработките на „Свети великомаченик Георгиј Победоносец“

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
(нема разлика)

Преработка од 20:13, 5 мај 2008

Свети Георгиј Победоносец, руска икона на прободување на ламјата

Свети Великомаченик Георгиј Победоносец живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 - 305 година).

Житие

Неговите родители биле богати, доброчесни и побожни. Неговиот татко маченички пострадал за верата што и придонело малиот Георгиј така силно да го засака Христа и сецело да Му се предаде, да Му служи и со својот живот маченички да ја потврдии исповеди својата вера и љубов кон Христа Господа. Неговата мајка била родена во Палестина која, исто така, уште од неговото детство успеала да го воспита и насочи својот син во вистинската спасоносна вера и наука. По смртта на својот сопруг, таа се вратила во своето родно место во Палестина, каде поседувала огромен имот. Таму малиот Георгиј ги посетувал светите места кај што се движел и поучувал Господ Исус Христос. Со прекрасен став и убавина, висок и храбар, младиот Георгиј бил регрутиран во елитната војска на царот. И уште на неговата 20 годишна возраст, тој постанува трибун во војската, чин кој соодвествува на денешен полковник,(машала) а тоа било високо место за неговата возраст. Набргу потоа, тој успеал да ги освои симпатиите кај царот кој го поставил на уште повисоко место, член во Советот на државата. Тоа било така се додека царот имал толерантен однос кон христијаните, но кога побарал од војската секој да принесе жртва пред мртвите идоли и кога сурово отпочнало прогонувањето на невините христијани од незнабошците, Георгиј прв се спротивставил на таквата наредба.

Кога царот Диоклецијан издал наредби за прогонување на христијаните, ги повикал управниците на источните провинции во империјата и им дал посебни упатства како да постапуваат со христијаните. Откако го презрел човечкиот страв, храбриот воин Георгиј смело изјавил пред Советот: - До кога ти, цару, и вие кнезови и советници, ќе го распалувате својот гнев против христијаните? До кога ќе ги прогонувате и измачувате невините и добродетелни луѓе, кои никого и со ништо не повредиле, а за сите служат како пример на благочестив живот? Вие сте, господа, во заблуда, зашто вашите идоли не се богови. Исус Христос е вистинскиот Бог. Или познајте ја Вистината и научете се на благочестие, или пак престанете со своите прогони и безумие кон тие што ја познале Вистината.

Сите членови на Советот биле вчудовидени од настапот на Георгиј. Меѓутоа, и самиот Диоклецијан вџашен од тоа што го слушнал од својот миленик, долго молчел. Најпосле му дал знак на проконсулот Магнециј да одговори на Георгиј. Магненциј го запрашал младиот воин: „Кој те поучи така дрско, смело и противзаконо да одговориш?“ - Вистината - одговорил Георгиј. - Која е таа вистина? - Вистината е самиот Христос, прогонуван од вас. - Значи и ти си христијанин? - прашал Магненциј. - Јас сум слуга на Христа, мојот Бог; со надеж во Него јас дојдов доброволно тука пред вас, за да посведочам за Вистината.

Се создал невообичаен шум. Настанале расправии и караници и никој ништо не можел да разбере. Најпосле самиот император заповедал на сите да замолчат, се обрнал кон Георгиј и рекол:

- Те познавам одамна, Георгиј, и секогаш сум се восхитувал на твојата храброст и мажественост. Те удостоив со висок чин. И сега сум спремен да ти ги простам твоите испади заради поранешните заслуги. Како татко те советувам: не губи ја својата младост, не лушувај се од воената слава и од честа на чинот. Принеси жртва на идолите и ќе бидеш удостоен со уште поголема чест. - Подобро ти , царе, познај го вистинскиот Бог, одговорил храбриот Георгиј, поверувај во Него и принеси Му благодарствена жртва, и Он ќе те удостои со Царството небесно. Земното царство е времено, а богатството трулежно. А мене никакви земни богатства нема да ме разделат од мојот Бог, никакви маки не ќе ме уплашат и нема да ја поколебаат мојата вера!

Разбеснетиот Диоклецијан не го оставил да се доискаже туку, веднаш наредил да го затворат во темница со што започнуваат маките на Георгиј. Георгиј го положиле со грб на под, нозете му ги ставиле на клади, а на градите му положиле огромен камен. Во таква положба Георгиј поминал цела ноќ, мажествено поднесувајќи ги страданијата и фалејќи Го Бога.

Наредниот ден, Диоклецијан го повикал кај себе и го запрашал: - Дали се покаја, Георгиј? Маченикот едвај можел да говори, но смирено и достоинствено одговорил: - Царе, зар мислиш дека сум паднат во немоќ од твоите измачувања и не ќе можам да ти одговорам и ќе се откажам од својата вера? Побргу ти ќе се измориш измачуваќи ме, отколку јас, кој ги трпам страданијата!

Потоа царот наредил да се постави тркало на кое бил врзан Георгиј, а под тркалото поставиле штици на ки биле заковани шајки и други железни предмети. И како што се вртело тркалото, така се корнеле парчиња од живото тело на малдиот маченик. За целото време маченикот нипто не изустил. Во почетокот Го славел Бога, потоа се молел, и на крај замолчил, како да заспал. Царот помислил дека Георгиј е мртов и за да го исмее и омаловажи христијанскиот Бог, извикал: - Каде е живиот Бог, Георгиј? Зошто не те избави од маките? Потоа заповедал да го симнат искрвавеното тело од тркалото, а самиот пошол во храмот на Аполон да принесе жртва и да му благодари. Наеднаш небото се затворило, се појавиле молскавици и силен грмеж и многумина слушнале глас од небото: - Не бој се Георгиј. Јас сум со тебе!

По малку блеснала необична светлина, ангел Божји во вид на младо момче се јавил, застанал до тркалото, ја положил својата рака на телото од маченикот и му ги излекувал раните. Георгиј самиот слегнал од тркалото, застанал на нозе и Му благодарил на Бога. Избезумените војници кога го виделе ова побрзале во идолскиот храм за да му јават на царот за се што станало. По нив и самиот Георгиј отишол во истиот храм и застанал пред императорот. Настанал молк и вчудовиденост. Диоклецијан не верувал на сопствените очи, но самиот Георгиј проговорил: - Јас сум Георгиј!

Таму имало и двајца виши службеници, Анатолиј и Протолеон, кои тајно биле поучени во христијанската наука. Кога го виделе ова чудо, како маченикот е, жив и здрав и убедени во силата Божја извикале:

- Има само еден вистински Бог. Тој е Бог на христијаните!

Царот наредил веднаш да ги казнат со смрт. И многумина други поверувале, но не смееле јавно да ја исповедаат верата. Во тоа време и сопругата на царот, Александра, се наоѓала во храмот. Кога го видела маченикот исцелен и кога слушнала за јавувањата на ангелот таа ја познавала Вистината и сакала, пред сите, јавно да ја исповеди верата во Христа. Дворјаните, пак, кои ја опкружувале, не и дозволиле, туку пред да дознае царот ја отпратиле до нијзиниот дом. И овој пат, тиранинот, Диоклецијан не се вразумил од пројавите на Божјата сила, туку заповедал нови мачења.

Она што најмногу го измачувало самиот цар, била блажената и светла состојба на Геогиевото лице, секогаш спокојно и весело. Вџашен од таквата состојба царот го запрашал: - Кажи ни, до кога ке нѐ збунуваш со твоите дела и кое е учењето на твојот Христос, а ние спокојно ке те ислушаме. - Христос, одговорил маченикот, предвидувајќи ја вашата злоба, нѐ научи да не се боиме од оние кои го убиваат телото, но неможат да ја погубат душата. На оние, кои ги исполнуваат Неговите заповеди, им дава голема благодат и им вети да има даде сила да вршат дела, како што Тој самиот прави. - Какви се тие дела? - прашал императорот. - Христос лечел болни, воскреснувал мртовци, на слепите им давал вид, на глувите слух...

Во непосредна близина имало пресен гроб во кој бил погребан човек, кој починал пред неколку дена. Присутните многубожечки жреци со цел да го посрамат маченикот побарале од него да го оживи умрениот. По молитвите на светителот, Господ го воскреснал умрениот. Пред насобраниот народ, кои биле очевидци на се што се случувало, излегол самиот жрец Атанасиј, паднал пред вистински и семоќен Бог и го молел маченикот да му ги прости направените гревови од незнаење. Разбеснетиот цар исполнет со сатанска злоба, заповедал на војниците веднаш да им ги отсечат главите на Атанасиј и на воскреснатиот. Потоа заповедал да го однесат маченикот во затвор и да го чуваат таму додека не се одлучи што ке се прави со него. Светиот маченик и во затворот ги поучувал верните кои пристапувале и го исповедувале вистинсиот Бог. Многумина ја подмитувале стражата за да им дозволи да ги слушнат поуките и упатствата на светителот кои ги поучувал во законот Господов. Доаѓале и многубошци кои тој ги советувал да се откажат од идолопоклонство и да поверуваат во Христа. Доаѓале и болни кои ги лекувал со молитва. Во предвечерието на маченичката смрт, самиот Спасител му се јавил на свети Георгиј и го утешил, ветувајќи му небесна радост. Утредента царот седнал на судскиот стол и пред него го извеле светиот маченик. Сокривајќи го својот гнев кон него бидејќи многу го сакал, почнал да му говори: "Не гледаш ли Георгиј дека многу те сакам, повеќе од свое родено чедо. Јас сакам заедно со мене да царуваш и да бидеш втор човек во моето царство. Ја почитувам твојата храброст, надворешната убавина и внатрешната големина. Откажи се од својот Бог и принеси жртва на моите богови". Наместо одговор, маченикот му предложил на царот да појдат до храмот на Аполон за да ги видат боговите на кои царот им служел и почитувал. Императорот помислил дека Георгиј го послушал неговиот совет и затоа бара да појдат во незнабожечкиот храм.

Но кога пристигнале во храмот, пред многубројните присутни, светителот наместо да ја принесе приготвената жртва, тој пристапил кон Аполоновиот кип пружил рака кон него и го запрашал како живо суштество: - „Ти ли сакаш да ти принесам жртва како на Бог?“ Говорејќи го тоа, светителот го осенил идолот со крсен знак. Демонот што живеел во кипот испуштил силен глас: - Не, јас не сум Бог! Ниту еден од сличните на мене не е Бог. Само еден е Бог, и тоа оној кој ти го проповедаш. Ние пак, кои отпаднавме од ангелите, кои некогаш му служевме на вистинскиот Бог, исполнети со завист ги лажеме луѓето. Светителот на тоа му рекол: - Како тогаш се осмелувате да останете овде кога овде сум дошол јас, служителот на вистинсиот Бог? - По овие светителски зборови сите идоли паднале на земјата и се искршиле. Тогаш сите жреци и многубројниот многубожечки народ исполнети со гнев го удриле и го врзале светителот, а на царот му довикувале: "Погуби го овој магионичар, царе, погуби го додека тој нас не не погуби!" Кога го слушнала тоа царицата Александра, не можела повеќе да го крие своето христијанско убедување и во храмот гласно изјавила: " Боже на Георгиј, помогни ми, зашто Ти единствен си семоќен."

Тогаш царот им изрекол и на двајцата пресуда:

- Наредувам, главата на врзаниот Георгиј, со меч да се пресече, кој изјави дека е Галилеец и кој многу хулеше на боговите и на мене. Заедно со Георгиј со иста пресуда ја казнувам и царицата Александра, која ја упропасти и заведе со маѓии Георгиј, зашто и таа како и тој безумно ги навредуваше моите богови. Веднаш по пресудата, војниците, врзаниот Георгиј заедно со царицата ги повеле кон нивната голгота. Напорниот и тежок пат многу ја изморил нежната царица, која побарала малку да се поодмори. Наслонувајќи ја својата глава на еден ѕид, смирената царица топло се помолила и пред да ја извршат смртната казна и пред мечот да и ја пресече главата, таа ја предала својата душа на христијанскиот Бог, со благодарствена молитва кон Бога што ја удостоил со маченичка смрт. Светиот маченик кога ја видел блажената смрт на благородната царица, Му благодарел на Господа и побарал и неговиот крај да биде сличен.

Кога стигнале на местото одредено за смртната пресуда тој вака се помолил:

- Благословен си Господи Боже мој, Кој не дозволи со заби да ме растргнат оние кои ја бараа мојата душа. Услиши ме и сега Господи и биди покрај мене, твојот слуга во овој последен час, и избавија мојата душа од лукавството на воздушниот кнез и од неговите нечисти духови. На оние пак кои во незнаење се огрешија кон мене не пишувај им за грев, туку подари им прошка и љубов како би можеле и тие да добиат дел во небесното царство со Твоите избраници. Прими ја мојата душа со оние кои ти угодиле од памтивек неземајќи ми го за грев она што погрешив свесно или несвесно. Спомни си Господи и за оние кои го повикуваат Твоето величествено име зашто си благословен и препрославуван сега и во вечни векови. Амин.

Својата глава ја преклонил под мечот и бил посечен на 23 април 303 година. Верниот слуга на Св. Георгиј ја извршил неговата последна желба. За време на цар Константин Велики светите и чудотворни мошти на Св. Георгиј биле пренесени во Лида и погребани во храмот посветен на неговото име, кој го изградиле побожните христијани. Чесните мошти ги пренеле на денот на осветувањето на храмот. Значи, на трети ноември, или на 16 ноември - по нов календар, се прославува пренесувањето на моштите на славниот Свети Великомаченик Георгиј Победоносец од Никомидија (Мала Азија), во градот Лида во Палестина. Светите мошти и денес таму почиваат.

Химнографија

Тропар

глас четврти
Како ослободител на плениците,
и заштитник на сиромашните, лекар на немоќните,
помошник на владетелите, победоносецу,
великомаченику Георгие, моли Го Христа Бога
да ги спаси нашите души.