== Поуки ==
=== За молитвата ===
Кога за прв пат, или само понекогаш читаме некои молитви, ги читаме како нешто ново, радосно и чувствително; но, кога ги повотруваме повторуваме често, помала и помала е нашата радост; престанува за нив нашиот интерес и тешко се совладуваме да ги прочитаме повторно со она претходно чувство. Еве што треба да се прави против тоа: мораме да замислиме дека по прв пат ги читаме оние прекрасни молитви на кои сме навикнале и кои толку силно нѐ интересирале на почетоците; со срцето да проникнеме во секој збор и длабоко да го почитуваме. Оваа појава во душата наша последица е на гревот првороден - последица на нашата прва непостојаност во вистината. И сѐ до сега ние не сме во состојба во вистината да застанеме непоколебливо: само што ќе ја допреме, веднаш се сомневаме во неа. Тоа често се случува со молитвата, се случува со верата, со пријателството кон другите, и со љубовта кон Бога и ближниот свој, и со добродетелите воопшто тоа често се случува: на секаде се покажуваме непостојани во вистината.
За време на молитвата, најмногу труди се со срцето да ја проникнеш вистината или силата на зборовите молитвени; храни се со нив како со нетрулежна храна, напој го со нив срцето свое, греј се со нив ко со благодетен оган.