Свети маченик Епимах
Светиот маченик Епимах е родум од Мисир, во Мисир се подвизуваше, во Мисир маченички и го заврши овоземниот живот. Подражавајќи го Свети Јован Крстител уште како млад се оддалечи во пустината.
Заради неговата голема љубов кон Бога Светиот Дух го поучи во секоја вистина, за тоа како треба да се подвизува. Но Епимах дозна дека неверниците ги мачат и ги убиваат христијаните во Александрија заради Христа. Па сиот распален од ревност кон верата отиде во градот и ги урна идолите. Кога незнабожците почнаа да го мачат заради ова, тој возвикна: „Удирајте ме, плукајте ме, ставете ми трнов венец на главата, дајте ми трска во рацете, напојте ме со жолчка, распнете ме на крст и потоа прободете ме - тоа го претрпе мојот Господ, тоа и јас сакам да го претрпам“.
Во толпата народ што го гледаше мачењето на Свети Епимах имаше и една жена со слепо око. Таа плачеше горчливо од жал гледајќи го бездушното мачење на Божјиот угодник. И кога мачителите го стружеа телото на Светиот Христов маченик, од него прсна крв и една капка од крвта падна на слепото око на онаа жена. Одеднаш жената прогледа и слепото око ѝ стана здраво како другото. Тогаш жената возвикна: „Голем е Бог во Којшто верува овој страдалник!“
По ова на Свети Епимах му ја отсекоа главата и неговата душа се пресели во вечната радост, околу 250 година.
Изворниот материјал користен за креирањето на оваа статија е заштитена содржина © од Македонската Православна Црква.
Администраторите на страницата на Македонската Православна Црква го дадоа нивниот благослов за користење на овие материјали за потребите на Православната енциклопедија (од страна на администраторите и соработниците), при што е потребно да се нагласи изворната содржина, односно да се постави врска кон оригиналната страница. Статијата може да биде променета и надополнета од страна на администраторите, соработниците и корисниците на OrthodoxWiki. |