Свети маченик Вар

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Светиот маченик Вар беше римски офицер во Мисир и притоа потаен христијанин.

Кога седуммина христијански учители беа фрлени во затвор, Вар ги посетуваше во затворот, ги снабдуваше со потребното, им служеше усрдно. Им се восхитуваше на мачениците и жалеше што и тој од страв не може да стане маченик за Христа. Оние Божји луѓе го охрабрија и Вар реши и самиот да појде со нив на маки. Еден од тие Божји луѓе се упокои во затворот. Кога нечестивиот кнез ги изведе мачениците пред себе и виде дека се шест, запраша каде е седмиот. Вар извика дека самиот е седмиот. Тогаш разјарениот кнез прво го зеде и го мачеше Вар. Нареди и го биеја гол со суви стапови; потоа го приврзаа за едно дрво и со ножеви му сечеа парче по парче од месото, додека не ја предаде светата душа на Господ. Неговот тело го фрлија на ѓубриште.

Некоја жена, Клеопатра, родум од Палестина и вдовица на некој офицер, се најде тука со нејзиниот син Јован. Тајно ги зеде моштите на Св. Вар од ѓубриштето и ги погреба во својот стан. Потоа измоли од кнезот дозвола да може да го пренесе од Мисир во Палестина телото на својот упокоен маж. Како на офицерска жена кнезот тоа веднаш ѝ го дозволи. Но блажената христијанка Клеопатра не го пренесе телото на својот маж, туку моштите на Св. маченик Вар. Таа ги однесе овие Свети мошти во своето родно село Едра близу Тавор и таму чесно ги погреба. Потоа на Св. Вар му подигна и храм. Светиот маченик често ѝ се јавуваше од оној свет, светол како ангел Божји.


Изворниот материјал користен за креирањето на оваа статија е заштитена содржина © од Македонската Православна Црква.

Администраторите на страницата на Македонската Православна Црква го дадоа нивниот благослов за користење на овие материјали за потребите на Православната енциклопедија (од страна на администраторите и соработниците), при што е потребно да се нагласи изворната содржина, односно да се постави врска кон оригиналната страница.

Статијата може да биде променета и надополнета од страна на администраторите, соработниците и корисниците на OrthodoxWiki.