Преподобен маченик Лукијан, презвитер антиохиски

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Преподобен Лукијан роден е од благородни родители во Самосат во Сирија.

Во младоста стекна мошне широко светско и духовно образование. Овој маж беше познат по ученоста и по подвижничката строгост на животот. Откога го раздаде својот имот на сиромашните, се издржуваше од своите поучни дела и од тоа се хранеше како од некое ракоделие. Ѝ направи на Црквата мошне голема услуга со тоа што според еврејскиот текст поправи многу места од Светото Писмо коишто еретиците сходно на своето изопачено учење ги беа расипале. Заради ученоста и духовноста беше ракоположен за презвитер во Антиохија.

Во времето на гонењето на Максимијан, кога беа измачени Св. Антим Никомидиски и Св. Петар Александриски и Лукијан беше на списокот на оние коишто царот сакаше да ги погуби. Тој побегна од градот и се скри, но го поткажа некој завидлив еретички свештеник Панкратиј. Во тоа време гонењето беше ужасно. Не беа поштедени ниту малите деца. Две момченца кои не сакаа да јадат од идолските жртви беа фрлени во врела бања, каде што во маки ги предадоа светите души на Бога. Една ученичка на Лукијан, по име Пелагија, за да ја зачува својата девственост се качи на покривот на куќата, а оттаму падна и се разби. Лукијан го одведоа во Никомидија пред царот. Патем со своите совети успеа да обрати во верата четириесетмина војници. И сите завршија маченички. После испитување и биење го фрлија во затвор и го мореа со глад.

Свети Јован Златоуст за него пишува: „Тој го презре гладот, да го презреме и ние раскошот и да ја уништиме власта на цревата, за кога ќе дојде време да се бара од нас таква мажевност, однапред подготвени преку помалите подвизи, да се јавиме славни во времето на борба.“ На Богојавление се причести во затворот, а утредента Му го предаде својот дух на Бога. Пострада на 7 јануари 311 година.


Изворниот материјал користен за креирањето на оваа статија е заштитена содржина © од Македонската Православна Црква.

Администраторите на страницата на Македонската Православна Црква го дадоа нивниот благослов за користење на овие материјали за потребите на Православната енциклопедија (од страна на администраторите и соработниците), при што е потребно да се нагласи изворната содржина, односно да се постави врска кон оригиналната страница.

Статијата може да биде променета и надополнета од страна на администраторите, соработниците и корисниците на OrthodoxWiki.