Преподобна Параскева

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Житие

Оваа славна светителка се родила кон крајот на IX или во почетокот на X век, во градот Епиват, меѓу Силимврија и Цариград. Нејзините родители биле богати и благочестиви христијани. Освен Параскева имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал угледен епископ Малитски.

По смртта на своите родители, девојката Параскева, желна за подвижнички живот го напуштила родителскиот дом и отишла најнапред во Цариград, потоа престојувала во Халкидонскиот манастир, а од таму заминала во Ираклија, каде што пет години престојувала во Богородичната црква. Од Ираклија заминала во Светата земја и откако се поклонила на светите места, осветени со животот на Спасителот, во Јорданската пустина останала до својата длабока старост. Само едниот Бог ги знае сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпела света Параскева во долгата низа години исполнети со подвизи, пост и молитви? Таму таа ги отфрлила суетните грижи за работите од овој свет: таа се грижела единствено за очистувањето на својата душа, за тоа каков одговор ќе даде на идниот Суд и за средбата со Небесниот Младоженец.

На старост ѝ се јавил ангел Божји и ѝ рекол: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господа.“ Задлабочувајќи се во смислата на ова видение, преподобната сознала дека тоа е заповед од Бога. Покорувајќи се на небесната волја, преподобната тргнала во својата таковина. Кога пристигнала во престолнината Константинопол, ја посетила прекрасната црква Света Софија; а исто така ја посетила и црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, и откако се поклонила на чудотворната икона на Богомајката, отпатувала во своето родно место Епиват. Таа таму проживеала уште две години, не менувајќи го начинот на својот пустински живот, туку минувајќи го целото време во труд, пост и молитва. А, кога дошло времето за нејзиното заминување при Бога, преподобната усрдно се помолила на Бога за себе и за светот и така во молитва ја предала на Бога својата блажена душа.

Бидејќи нејзините сограѓани ја сметале за туѓинка, по нејзината смрт ја погребале надвор од христијанските гробишта. Кога поминале многу години од нејзината смрт, во градот требало да се погреба некој непознат давеник. Бидејќи бил туѓинец решиле да го погребаат надвор од гробиштата и тоа на истото место каде што била погребана светицата. Кога го отвориле нејзиниот гроб, забележале дека нејзиното тело не е распаднато, се зачудиле, но помислиле: Ако ова тело е свето, Бог тоа ќе го открие преку некакви чуда. Со таа мисла, тие повторно го затрупале гробот.

Ноќта, еден од работниците што учествувал на погребот по име Георгиј, на сон видел некоја царица седната на пресветол трон и окружена со светли војници. Еден од војниците му се доближил, го фатил за рака и му рекол: Георгиј, зошто така го омаловаживте телото на преподобна Параскева и крај неа погребавте смрдлив труп. Потоа и светлата царица му рекла: „Побрзај и извади ги моите мошти и положи ги на чесно место, зашто не можам повеќе да ја трпам смрдеата од оној труп. Зашто и јас сум човек, а моја татковина е Епиват, каде што вие сега живеете.” Таа ноќ ист сон сонувала и некоја благочестива жена по име Ефтимија. Утредента тие двајцата ги раскажале своите виденија на сите. Кога тоа го слушнал благочестивиот народ, со свеќи побрзале кон моштите на преподобна Параскева, и со стравопочит ги извадиле од земјата, радувајќи се како на скапоцено богатство. Светите мошти свечено биле положени во црквата „Св. Петар и Павле”, во Епиват. По молитвите на преподобната Параскева се давале многу исцеленија на болните: слепи – прогледувале, куци – проодувале, секакви болни и демоноопседнати добивале здравје.

Два века по смртта на света Параскева, со Константинопол и околината владееле крстоносците. Во 1238 г. бугарскиот цар Јован Асен успеал од нив да ги преземе светите мошти и да ги пренесе во својата престолнина Трново. Тогаш царот го испратил блажениот Марко, митрополитот Преславски, со многу епископи и свештеници, за светите мошти на преподобната да ги пренесат во Трново. Во Трново светите мошти биле свечено пречекани и положени во придворната црква, каде што, почивајќи негнилежно, точеле разновидни исцеленија на сите што со вера им пристапувале.

Кога турскиот султан Бајазит (1389-1402) го зазел Трново, моштите на света Параскева се пренесени во Валахија (Романија). А, кога во 1396 г. и Романија паднала под Османлиската власт, српската царица Милица го замолила султанот Бајазит да ѝ дозволи да ги пренесе светите мошти во Србија. Султанот се согласил и моштите на светицата биле пренесени во Белград, на месноста Калемегдан. Кога во 1521 г. султанот Сулејман II го зазел Белград, ги запленил и светите мошти на света Параскева и ги поставил во своите дворци. Таму почнале да се случуваат чудеса, па затоа освен христијаните, светицата почнале да ја слават и муслиманите. Тоа ги загрижило муслиманите, и тие плашејќи се верата во чудотворната сила од светите мошти на света Параскева да не се прошири уште повеќе меѓу муслиманите, а и заради молбите и застапништвата на христијаните, ги предале овие свети мошти на константинополските христијани, кои чесно ги положише во Патријаршиската црква.

Во 1641 г., војводата Василиј Лупул, војводата на Молдавија, добил вест дека светите мошти на преподобна Параскева се наоѓаат во Патријаршиската црква. Тој од сето срце посакал тие чесно да бидат пренесени во неговата држава. Оваа негова желба, Господ Кој се слави во неговите свети, ја помогнал и посакувајќи и во Молдавија да ја прослави својата светителка, Тој го вдахнал Цариградскиот патријарх Партениј да го исполни барањето на Молдавскиот господар. Тогаш патријархот, со согласност на целиот свештен собор и со дозвола на другите пресвети патријарси, ги испратил чесните мошти на нашата преподобна мајка Параскева на благочесгивиот господар, војводата Василиј, во неговиот престолен град Јаши. Во 1641 г., на 14 октомври, со голема свеченост и огромна радост на жителите на цела Молдавија, нераспаднатите мошти на света Параскева биле положени во Соборната црква на градот Јаши „Св.Три Ерарси”, каде што се наоѓаат и денес.

Химнографија

Тропар

глас четврти
Го засака пустинскиот и тих живот
и ревносно тргна по Христа, твојот Жених.
Неговиот благ јарем во својата младост примајќи го,
со крстниот знак храбро се вооружи против духовниот непријател.
Со испоснички подвизи, постот и политвата и солзните капки,
си го изгаснала жарот на страстите, достојнославна Параскево.
И сега во небесните дворови со мудрите девојки, стоејќи пред Христа,
моли се за нас кои го почитуваме твојот вечерн спомен.