Втор вселенски собор

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Икона на Светите Отци на Вториот вселенски собор

Втор вселенски собор (грч: Η Β΄ Οικουμενική Σύνοδος; Πρώτη Σύνοδος της Κωνσταντινούπολης - Прв Цариградски Собор) е вселенски собор одржан во Цариград од мај до 9 јуни 381 година. Соборот е свикан од страна на царот Теодосиј I Велики (379-395), православен император со шпанско потекло, со цел да се стави крај на аријанскиот спор кој продолжил и после Првиот вселенски собор во Никеја. На продолжување на аријанската контроверза придонело и прогонството на свети Атанасиј Велики, како и поддршката која аријанците ја добивале од страна на наследниците на Константин Велики - Констанциј, Констанца и Валенса.

Историски околности

Свети Григориј Богослов бил архиепископ Цариградски во 379 година. Во тоа време, во Цариград сеуште биле присутни голем број на еретици - аријанци, поради што свети Григориј вршел богослужби во обична куќа, која подоцна е наречена анастасија (Воскресение) затоа што преку неа навистина воскреснало Православието. На соборот во Цариград биле присутни околу 150 (сто и педесет) Епископи.

Карактер и цели

На овој Собор потврден е Никејскиот Символ на верата, како и свети Григориј Богослов како единствен вистински Архиепископ Цариградски, наспроти обидите на другата страна на незаконски начин да го постават нивниот кандидат, Максим Киник.

Исто така, осудени се следните еретици и нивните следбеници: евномијанците (по Евномиј Кизички), савелијанци (по Савелиј), фотиновци (по Фотин, Епископ Сирмјумски), аполинариевци (по Аполинариј Лаодикиски), маркелијанци (по Маркел Анкирски), а пред сите нив, осудени се духоборците (пневматомахи) или трпици, кои уште се наречени и македонијани, по Епископот Македониј, нивниот духовен отец. Духоборците во завршните соборски списи се нарекуваат и полуаријанци; на самиот Собор биле присутни дури 36 Епископи македонијани, предводени од Елевсиј Кизички. Тие признавале дека Синот Божји е единосуштен на Отецот, но не исповедале дека Светиот Дух, Третата Ипостас на Света Троица е вистински Бог. Напротив, хулеле и сметале дека «Светиот Дух е створен, и дека не е достоен за божествено почитување и поклонување» Поради тоа што не се покајале, биле осудени и го напуштиле Соборот.

Тек и одлуки

Со Соборот на почеток претседавал свети Мелетиј Антиохиски кој се упокоил додека Соборот траел. На тој начин, Антиохиската катедра останала испразнета, додека истовремено бил актуелен антиохискиот раскол со кој овој Собор исто така се занимавал. И покрај контроверзите околу изборот на Павлин зе Епископ, за наследник на Мелетиј бил избран презвитерот Флавијан. Во текот на Соборот, свети Григориј тешко ги прифатил критиките упатени поради наводното незаконско поставување на Цариградската Катедра, и тој се повлекол во местото Аријанз, каде и останал сѐ до упокојувањето во 390 година.

За Архиепископ Цариградски бил избран градоначалникот Нектариј, кој и претседавал со Соборот наместо упокоениот Мелетиј. На овој Собор се дополнил Символот на верата, добивајќи ја конечната верзија која до ден денес во неизменет облик се користи во Православната Црква. Најважно догматско дело на овој Собор е учењето за Бога Светиот Дух, содржано во осмиот член на Символот. Покрај овој член, дефинирани се уште 3 други со кои се исповеда верата во Црквата, Крштението, Воскресението на мртвите и вечниот живот.

Светите Отци на Вториот вселенски собор, без употреба на зборот „единосуштен“, потврдуваат дека Светиот Дух е „сопоклонуван и сославуван заедно со Отецот и Синот.“ Аполинаријанството е отфрлено со додавањето на: „од Светиот Дух и Марија Дева“ во членот за раѓањето на Синот Божји.

Донесени се и седум канони, кои ги регулираат правата на Епископите, првенството по чест, како и примањето на еретиците назад во Црквата.

Видете исто така