Обрезание на Господ Исус Христос
Обрезание на Господ Исус Христос, Православната Црква го одбележува на 1 јануари според јулијанскиот календар, а на 14 сп. грегоријанскиот.
Значење и празнување
Богомладенецот, на осмиот ден по Своето Раѓање, според старозаветната традиција, примил обрезание, коешто било востановено за сите новороденчиња од машки пол во знак на Заветот на Бога со патријархот Авраам и неговите потомци. Притоа, Нему му било дадено името Исус (што значи - Спасител). Самото наречение на ова име е знак на најголемото служење на вочовечениот Син Божји, „зашто Тој ќе ги спаси Своите луѓе од нивните гревови” (Мт. 1, 21). Ова име: Исус, било предречено од Архангелот Гавриил уште при Благовештението на Дева Марија и предвозвестено од Ангелот на праведниот Јосиф. Во Новиот Завет обредот обрезание го отстапил своето место на светата Тајна Крштение. Како печат на Христовото служење во делото на спасението на светот, овие два настана: именувањето и обрезанието, ги потсетуваат христијаните, дека тие влегле во Нов Завет, Нов Сојуз со Бога и дека се „обрезани со неракотворено обрезание, со соблекувањето на гревовното тело на плотта, со обрезанието Христово” (Кол. 2, 11). Самото име христијанин, сведочи за влегувањето на човекот во Новиот Завет со Бога.
Во Стариот Завет обрезанието било востановено како праобразец на новозаветното Крштение, во знак на Завет со Господа, во знак на очистување од првородниот грев. Тоа сè уште не било целосното, вистинско очистување, кое го востановил Господ наш Исус Христос, земајќи ги на Себе гревовите на светот и пролевајќи ја Својата Крв на Крстот.
Обрезанието како обред на посветување на Божеството, постоело кај многу народи. Кај Евреите овој обред почнал да го означува стапувањето во сојузот - заветот на Авраам и избраниот народ со Бога, и требало да му напомнува на народот за должностите што произлегувале од тоа.
Според толкувањето на Отците на Црквата; Господ, Творецот на законот, примил обрезание, давајќи пример, како луѓето треба да ги пазат Божествените заповеди, и уште затоа; никој подоцна да не може да се посомнева во тоа, дека Тој бил вистинит Човек, а не носител на привидно тело (како што учеле некои еретици).
Господ, бидејќи во сè сличен со нас, освен во гревот, немал потреба од никакво очистување, како Син Божји и Вистинит Бог. Според своето смирение Тој ја прифаќа положбата на грешните луѓе, за што Самиот за Себе потоа ќе рече: „’Јас не дојдов да го нарушам Законот, туку да го исполнам.” Св. Димитриј Ростовски напишал: „’Со обрезанието нашиот Владика покажал поголемо смирение, отколку со Своето раѓање: со раѓањето Тој прими образ на човек…, а со обрезанието Тој прими образ на грешник, како грешник претрпувајќи болка, која е поставена заради гревот.”
Најраните сведоштва за празнување на Обрезанието Господово во Источната Црква потекнуваат од IV век. Празникот Обрезание Господово трае еден ден и се соединува со празнувањето на споменот на св. Василиј Велики, архиепископ на Кесарија Кападокиска.
Химнографија
Тропар
- глас први
- Ти што седиш во висините на огнозрачен престол
- со Беспочетниот Отец и Боженствениот Твој Дух,
- си благоволил да се родиш на земјата од Девојка,
- недопрена од маж Твоја Мајка, Исусе. Поради тоа
- си бил обрезан како човек осмодневен. Слава на
- Твојата себлага одлука; слава на Твојата грижа;
- слава на Твојата милост, единствен Човекољупче.
Кондак
- глас трети
- Господ на сите обрезание трпи
- и човековите гревови, како Добар, ги обрезува,
- му дава спасение денес на светот.
- А, се радува во Висините и јерархот на Творецот,
- и светлоносниот, Божествен тајновршител Христов Василиј.