Ангели

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 12:44, 25 јули 2014; направена од Iacovibus (разговор | придонеси)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Прејди на: содржини, барај

Ангелите се створени пред да биде створен светот. Ангелите според природата се божествени духови, второстепени светлини, нематеријален огнен пламен, брзодвижни умови. Тие се словесни, самовластни (имаат слободна волја самите да одлучуваат), според Божјата благодат се бесмртни, бавни се кон злото, но не и неизменливо добри. Сепак, сега навистина се неподвижни кон злото, но не според природата, туку според Божјата благодат и својата доброволна присност со Доброто.


Ангелски јерархии и чинови

Ангелите се разликуваат според славата, достоинството и службата. Се делат во девет чинови, кои пак, се поделени во три јерархии:

  • Прва јерархија
    • Серафими – разгоруваат огнена љубов кон Бога
    • Херувими – просветуваат со премудрост и богопознание
    • Престоли - разумни и според благодатта богоносни, им даваат сила на правосудност на престолите на земните судии и владетели
  • Втора јерархија
    • Господства - господарат со пониските чинови кои не им се робови, туку служат со радост, им даваат сила и мудрост на земните господства, нè учaт да владееме со волјата и чувствата
    • Сили - даваат сила за чудотворства и им помагаат на послушниците и слабите
    • Власти – ги смируваат демоните, одбиваат искушенија, им помагаат на подвижниците
  • Трета јерархија
    • Начела – начелствуваат со пониските чинови, се грижат за државите, народите, племињата, нè учат да ги почитуваме старешините, и ги поставуваат достојните на старешинство
    • Архангели - благовестат, пророкуваат, ја закрепнуваат верата
    • Ангели – ги пренесуваат Божјите тајни и намери, поттикнуваат на добродетел

Само највисокиот чин прима светлина и познание од самиот Бог, а сите пониски чинови се просветуваат и ги примаат тајните од повисоките чинови. Тие копнеат по светлината и Божјото познание, па, Бог и на човекот му ги открива тајните на својот домострој преку нив, не затоа што тие му се неопходни, туку зато што во тоа „ангелите сакаат да ѕирнат” (1.Пт. 1:12). Не им треба ни јазик за говор ни уши за слушање, туку без изговорен збор ги предаваат еден на друг своите мисли и одлуки. Тие секогаш прават само едно: Му служат на Бога и го фалат со песна.

Сите тие заедно се нарекуваат ангели (вестници), затоа што сите се Божји служители, учествуваат во нашето спасение. Иако тоа не е нивната единствена служба, тие заради неа од Светиот Дух во Светото Писмо го добиле името. Според тоа и серафимите како највисок и на Бога најблизок чин се нарекуваат архангели (т.е. “први ангели”), што во овој случај не е име на чинот, туку на службата (за да не ги поистоветуваме со осмиот ангелски ред); Дека Божјите ангели непрестано општат со овој свет за тоа сведочи Светото писмо јасно и непобитно. Нешто од Светото писмо, нешто од Светото предание, православната Црква дознала за имињата на седумте ангелски сили, и тоа: Михаил, Гавриил, Рафаил, Уриил, Салатиил, Јегудиил, Варахиил (покрај нив некои спомнуваат и осми – Иеремиил).

Михаил на еврејски јазик значи: Кој е како Бог. Архангел Михаил е претставен уште од првите христијански времиња како војвода, кој во десната рака има копје (или меч) со кое го потпира Луцифер, сатаната, а во левата рака има палмова гранка (или златно јаболко на властодржец, со Христовото име). На врвот на копјето има платнена панделка со црвен крст. Свети архангел Михаил се смета за чувар на православната вера и борец против ересите. Во храмовите се слика на северните двери и од десната страна на влезот со меч и натпис дека ги гони оние кои со нечисти мисли влегуваат во храмот. Гавриил значи Божја крепост. Тој е благовестител на Божјите тајни, посебно на тајната на воплотувањето на Синот и сите тајни поврзани со неа. Насликан е вака: во десната рака држи фенер со запалена свеќа, а во левата огледало од зелен камен јаспис: огледалото ја означува премудроста Божја како сокриена тајна. Се слика на Царските двери како благовестител на Пресветата, а на влезот од левата страна со перо како ги запишува оние кои со нечисти мисли влегуваат во храмот Божји. Рафаил значи Бог исцелител (Тов. 3,17; 12,15). Се претставува како со десната рака го води Товиј, кој носи риба уловена во реката Тигар, а во левата лекарски алавастер. Уриил – Оган или Светлина Божја (III Ездра 3,1; 5,20). Се изобразува вака: во десната рака држи меч против Персијанците, а во левата огнен пламен. Салатиил значи Молитвеник Божји (III Ездра 5,16). Нацртан е со наведнато лице и очи и со рацете прекрстени на гради како на молитва. Јегудиил – Прославувач на Бога. Се црта како во десната рака има златен венец, а во левата троен камшик. Варахиил, Благослов Божји и се изобразува како во градите носи бели рози. Јеремиил е Возвишување Божјо (III Ездра 4,36). Се почитува како надахнувач и поттикнувач на возвишени мисли кои го воздигнуваат човекот кон Бога.

Ангелите и луѓето

Ангелите се создадени повисоки од нас (Пс 8,6), бидејќи немаат тела, ниту телесни страсти. Телесно не се ограничени, не добиваат облик според законите на материјалниот свет, не се попречувани од созданието и материјалните предмети, не се подложни на земните закони на времето и просторот, но се просторно и временски ограничени, зашто им е потребно движење со определена (иако надразумно голема) брзина и време (иако несфатливо кратко) да преминат од едно место на друго. Велиме дека се бестелесни (зашто немаат тело како нашето) односно имаат фини “воздушни” (етерни) тела. Навистина бестелесен и асполутно нематеријален е само Бог. На лауѓето, како што вели свети Василиј, секогаш им се јавуваат во облик на своите тела, иако, како што вели свети Јован Дамаскин, не онакви какви што се, во целосниот и застрашувачки сјај, туку во сјај што е приспособен на нас. Ито така, можат да земаат облик каков што Бог ќе им заповеда, на пр; на човек, или на облак, или на огнен/светлоносен столб. Но, некои Отци посебно нагласуваат дека ангелите и сите создадени духови во својот сопствен облик имаат човечки лик.

Тие нè застапуваат пред Бога, молејќи се за нас и со нас, а ни ги донесуваат Божјите дарови. Според схемата на деветте ангелски чинови на земјата постои соборностната Православна Црква.