Преображение на Господ Исус Христос

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 14:07, 14 август 2008; направена од Iacovibus (разговор | придонеси) (Тропар на празникот Преображение Христово)
Прејди на: содржини, барај

За да не ослабе верата на апостолите со Неговото страдање кое претстоело, и за Неговите ученици да не отпаднат од Него, Господ Исус Христос сакал да им покаже барем дел од Својата боженствена слава. Преображение на Господ Исус Христос се нарекува настанот преку кој Тој, Премудроста, им посведочил за ова. Затоа ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и излезе со нив ноќе на гората Тавор и овде се преобрази пред нив. И заблеска лицето Негово како сонце, а облеката му побеле како снег. И се појавија покрај Него Мојсеј и Илија, големите старозаветни Пророци. И видоа учениците и се восхитија. И Петар рече: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три сеници: една за Тебе, за Мојсеј една, а една за Илија. Но додека Петар уште говореше, се оддалечија Мојсеј и Илија и сјаен облак ги опфати Господ и учениците и дојде глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“ Откако го слушнаа овој глас учениците паднаа ничкум на земјата како мртви и останаа така лежејќи во страв додека Господ не им пријде и рече: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17).

Значење и символика

Зошто Господ ги зеде само овие тројца ученици на Тавор, а не сите? Зашто Јуда не беше достоен да ја види Божествената слава на Учителот, Когошто тој ќе Го предаде, а Господ не сакаше него сам да го остави под гората, та да не може предавникот со тоа да го оправда своето предавство. Зошто се преобрази на гората, а не во долината? За да нѐ научи на две добродетели: на трудољубие и богомислие. Зашто искачувањето на височина бара труд, а височината ја претставува височината на нашите мисли, т.е богомислието. Зошто се преобрази ноќе? Бидејќи ноќта е попогодна за молитва и богомислие одошто денот, и ноќта ја закрива со темнина целата земна убавина, а ја открива убавината на ѕвезденото небо. Зошто се јавија Мосјеј и Илија? За да ја разбијат еврејската заблуда дека Христос е некој од Пророците, Илија, Еремија или некој друг - затоа Он се јавува како Цар над пророците, и затоа Мосеј и Илија се јавуваат како слуги Негови. Дотогаш Господ многупати им ја покажуваше на учениците Својата Божествена моќ, а на Тавор им ја покажа Својата Божествена природа. Тоа видение на Неговото Божество и слушањето на небесното сведоштво за Него како за Син Божји требаше да им послужи на учениците во деновите на страдањето Господово за укрепување на непоколебливата вера во Него и во Неговата крајна победа.

Химнографија

Тропар

глас 7
Се преобрази на гората, Христе Боже,
покажувајќи им ја Твојата слава на Твоите ученици,
колку што можеа,
да ни засвети и нам, грешните,
Твојата вечнопостојна Светлина
по молитвите на Богородица,
Дарителу на Светлина, слава Ти.

Кондак на празникот Преображение Христово

глас 7
На гората се преобрази, Твојата слава, Христе Боже, ја видоа
и колку што примаа Твоите ученици,
за кога ќе Те видат распнат,
да разберат дека страдањето е доброволно,
а на светот да му проповедаат,
дека Ти навистина си сјаење на Отецот.

Задостојник (наместо: Достојно) на празникот Преображение Христово

глас 4
Величај го, душо моја,
Господа кој на Тавор се преобрази.
Рождеството Твое непропадливо се јави:
Бог низ твојата утроба помина,
како Плотоносец се јави на земјата,
и со луѓето живееше.
Тебе, Богородице, со Него сите те величаме.


Изворниот материјал користен за креирањето на оваа статија е заштитена содржина © од Македонската Православна Црква.

Администраторите на страницата на Македонската Православна Црква го дадоа нивниот благослов за користење на овие материјали за потребите на Православната енциклопедија (од страна на администраторите и соработниците), при што е потребно да се нагласи изворната содржина, односно да се постави врска кон оригиналната страница.

Статијата може да биде променета и надополнета од страна на администраторите, соработниците и корисниците на OrthodoxWiki.