Преподобен Андреј Рубљов

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Преподобен Андреј Рубљов

Преподобен Андреј Рубљов (1360? - 29 јануари 1430) е руски аскет, еден од најголемите иконографи на сите времиња. Се празнува на 17 јули. На запад Рубљов е познат најчесто како автор на славната икона „Света Троица - Гостопримство Авраамово“ чија реставрација е завршена 1918-19 година.

Житие

За животот на Андреј Рубљов многу малку се знае. Неговото потекло и место на раѓање не се познати, но традицијата дава општ опис на неговиот живот. Се претпоставува дека е роден помеѓу 1360 и 1370 година, и бил монах во Андрониковиот манастир во Москва. Првите податоци за неговиот живот се поврзани со Троицко-Сергиевата лавра, која најверојатно била негово прво училиште. Неговото световно име не е познато, а во „Преданието за светите иконописци“ е наречен Радоњешки: «Преподобен отец Андреј Радоњешки, иконописец, наречен Рубљов, насликал многу свети икони, сите чудотворни»

Неговото име прв пат се споменува во летописот за 1405 година, по повод живописот на Благовештенската црква во Кремљ, каде како мајстор, припаѓа на дружината на чие чело бил лсавниот Теофан Грк. За жал, старата Благовештенска црква не е сочувана, а заедно со неа пропаднал и живописот на големите мајстори.

Долго време од својот живот Преподобен Андреј поминал во Андрониковиот манастир, чиј основач бил свети Алексеј, митрополит Московски. Во истиот манастир Рубљов се упокоил на 29 јануари 1430 година, а веднаш после него се упокоил и неговиот соподвижник Данило Чорни. Местото на погребение не е познато; во 18 век постоела неговата гробница, но потоа ја снемало.

Од Црквата е прославен во 1988 година.

Рубљов и црковната уметност

Влијанието на Рубљов на руската црковна уметност бил огромен сѐ ди 17 век. Набрзо по неговата смрт, почнале да се појавуваат легенди поврзани со неговото име. Познат колекционер на неговите икони, кои се сметале за вистинска драгоценост, бил преподобен Јосиф Волоцки. Во неговите белешко дури се споменува дека тој го сметал за доста значаен потегот на Теодосиј иконописецот, син на познатиот Дионисиј, кој за храмот на Волколанскиот манастир обезбедил икони од „андреевите дела, вредни 20 рубљи“ што за тоа време се сметало за доста поприлична сума. Името на Рубљов се споменува и во иконописните прирачници, додека Стогалвиот Собор во Москва во 1551 година го зема како репер за иконописците, заедно со грчките и другите угледни иконописци.

Избрани икони

Најпознатата икона на Рубљов ги изобразува трите ангели кои ги посетиле Авраам и Сара; трите ангели се сметаат за старозаветен изобраз на Пресвета Троица. Овој настан е единствен мотив каде е дозволено да се изобрази Бог Отецот.
  • Вознесение Христово (околу 1408)
  • Богородица Владимирска (околу 1405)
  • Христос Спасител (околу 1410)
  • Апостол Павле (околу 1410)

Химнографија

Тропар

глас трети
Осветлен со зраците на божествената светлина,
преподобен Андреј,
Го позна Христа - Божјата Мудрост и Сила и со иконата на Света Троица
на светот го проповедаше Единството во Света Троица. Ние пак, со восхит и радост ти воспеваме:
ти што имаш смелост пред Пресвета Троица, моли да Ги просвети нашите души!

Кондак

глас втори
Од младоста кон божествената убавина се устреми,
прекрасен иконописец во Руската земја беше,
и откако со ревност се поучуваше од својот богоносен учител,
со светлината на добродетелите се украси, преподобен Андреј,
затоа и се покажа пофалба и радост на нашата Црква.