Отвори го главното мени

Православна-енциклопедија β

Животот на Господ Исус Христос непрестано се оприсутнува во Свeтата Црква, а Светата Црква по зборовите на Свети Никола Кавасила е присутна во Светите Тајни. Тајни, или misteryon, се свети дејства во кои преку видливо дејство на душата на човекот кој верува, невидливо и се дарува Божјата благодат. Светите Тајни се постојана мистична врска која го соединува човековиот живот со Бога. Тие се плодови на животот и смртта на Господ Исус Христос и низ нив тече скапоцената крв на Спасителот. Светите Тајни, исто како и Црквата, се и видливи, и невидливи и во секоја од нив се наоѓа надворешен, видлив знак и внатрешна духовна благодат. Според зборовите на Свети Јован Златоуст, тие се нарекуваат тајни токму поради тоа што она во што веруваме за нив не е исто со она што го гледаме; ние гледаме едно, а веруваме во друго.

Како продолжение на тајната на Христовото присуство на земјата, носат во себе две битни обележја: тие се како икона на идниот век и, секогаш се остваруваат во заедница Света Црква. Во нив верниците задобиваат предвкус на Царството Божјо кое дошло и доаѓа, иако сеуште не во својата полнота.

Бидејќи се наоѓаат во Св. Црква, тие се неопходни за сите нејзини членови. Тоа Св. Црква го изразила во десеттиот член од Символот на Верата кој гласи: ” Исповедувам едно крштение за опростување на гревовите ”. Иако во овој член се спомнува само Св. тајна Крштение, се подразбираат и останатита Св. Тајни, а тоа е спомнато затоа што преку него се влегува во Св. Црква, а и се стекнува право на сите Свети Тајни.

Седумте Свети Тајни

Иако во Црквата сѐ е Света Тајна - од најмалото до најголемото, за потребите на човекот т.е. за негово осветување и спасение, Светата Црква според своите свети Канони има одредено седум Свети Тајни, и тоа:

Значење

  • Преку Светата Тајна Крштение, на таинствен начин , преку трикратно потопување во вода, човекот повторно се раѓа за нов духовен живот (Јн. 3.5; Мк.16.16).
  • Миропомазанието е Света Тајна во која преку помазување на одредени делови од телото, во името на Пресвета Троица, на крстениот му се даваат посебни дарови на Светиот Дух, кои го крепат, осветуваат и усовршуваат во духовниот живот (Мт.3.16; Мк.1.10; Лк.3.2).
  • Светата Евхаристија, односно Причеста по зборовите на Свети Теодор Студит преставува повторување на целиот Домострој на спасението. Овде човекот во вид на леб и вино се причествува за вечен живот со вистинското тело и крв на Својот Спасител Господ Исус Христос (Мт.26.26-28; Лк.22.19).
  • Целта на Св. тајна Покајание е повторно да нѐ измири со Бога. Секој грев нѐ одвојува од Бога, но покајанието е лек за секој грев, а со тоа и лек за секоја духовна смрт. Нема грев од кој човек не може да се ослободи преку покајанието и покајничката исповед (Мт.18.18; Јн.20.23).
  • Свештенството е тајна во која Св. Дух преку молитва и полагање на раце од страна на епископ за време на Света Литургија дава на правилно избрано лице, благодат за вршење на Св. Тајни и раководење на Христовото стадо во вера и побожност. Значи, свештеникот станува посредник пред Бога по примерот на Христа (Тит 1.5).
  • Бракот е Св.Тајна во која младоженецот и невестата ред свештеникот и Св. Црква, даваат слободно ветување на брачна верност и взаемна помош во нивниот евангелски живот, поради законско раѓање и христијанско воспитување на деца (Јн.2.2; Еф.5.31-32; Д.ап.20.28).
  • Елеосвештенството е Св.Тајна, во која на христијанинот со осветен му се помазуваат одредени делови од телото и, невидливо му се дава благодат Божја, која ги исцелува не само духовните туку и телесните болки (Јак.5.14-15).

Циклуси

Земено во поширок смисол, сиот живот на Христијаните мора да се гледа како една единствена и голема Света Тајна. Различните аспекти на оваа Света Тајна се согледуваат во различните Свети Тајни од кои некои се изведуваат еднаш во животот, како Крштението и Бракот, а некои редовно и често, како Покајанието и Причеста.

Извори

  • Пено М. Здравко, Катихизис, Основе Православне Вере, Никшиќ, 2002 год.
  • Поповиќ Јустин, Догматика Православне Цркве, Београд, 1978 год.