Воздвижение на Чесниот Крст

Од Православна-енциклопедија
Скокни на: содржини, барај
Воздвижение на Чесниот Крст

Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст - Крстовден се празнува на 27 септември (14 септември ст.с) и на овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим во седмиот век по Христа. Самото име на празникот, „Воздвижение“ значи Издигнување на Крстот над целата Вселена како знак на победа на христијанството над светот. Според правилата на Православната Црква, овој ден е строг пост освен доколку се празнува во сабота и недела, кога се пости на масло.

Содржина

Историја на празникот

Римските пагански цареви усрдно се труделе да искоренат било каков спомен или сведоштво за светите места каде Господ Исус Христос пострадал, воскреснал и се вознел на небесата за спасение на човечкиот род. Така на пример, римскиот пагански цар Адријан (117-138) наредил да се покријат основите на Голгота и на тоа место да се изгради храм посветен на Венера и идол на Јупитер. Паганите се собирале на ова место и принесувале жртви кон идолите. Сепак, по Божја промисла, светите места биле зачувани и откриени за почитување на христијаните. Со победата над Максенциј и Ликиниј, светиот цар Константин Велики рамноапостолен го издал Миланскиот Едикт со кој го легализирал христијанството, забранувајќи ги прогонствата на христијаните. Извојувајќи три големи победи со Божја помош, светиот цар Константин го видел на небото Крстниот Знак, и под него било испишано: „Преку ова ќе освојуваш.“

Обиколувајќи ја Светата Земја света царица Елена намислила да го побара Чесниот Крст на Христос. Во нејзината потрага, наишла на некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаел за местото каде што се наоѓал Крстот, па принуден од царицата изјавил дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигнал царот Адријан. Царицата наредила и го разурнале оној идолски храм, па копајќи во длабочина нашле три крста. Додека царицата била во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминувала поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рекол да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставиле врз него третиот крст, покојникот оживеал. По тоа познале дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положиле врз една болна жена и таа оздравела. Тогаш го кренале крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пеел: „Господи помилуј!“ Старецот Јуда и другите Јудејци поверувале и биле веднаш крстени. Јуда го примил името Киријакиј и подоцна станал епископ Ерусалимски; во времето на владеењето на Јулијан Отпадникот (361-363) Киријакиј примил и маченичка смрт заедно со неговата мајка, св. маченичка Ана (нивниот спомен се празнува на 10 ноември).

Царицата Елена направила ковчег од сребро и во него го положила Чесниот Крст. Потоа го продолжила своето патување по светата земја, посетувајќи ги сите важни места каде Спасителот поминувал, и градејќи околу 80 свети храмови. При враќањето во Цариград, понела дел од Чесниот Крст и шајките со кои Христос бил прикован на него.

Подоцна, кога царот Хозрој го зазел Ерусалим, многумина ги одвел во ропство, а Крстот Господов го однел во Персија. Во Персија Крстот лежел четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победил Хозрој и со слава го повратил Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носел Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застанал и не можел да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј видел ангел којшто му попречувал на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одел бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објавил на царот. Тогаш царот се соблекол, па босоног и во бедна облека го зел Крстот, го изнел на Голгота и го положил во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.

Празнување

Крстовден е празник на пост и покајание. На овој ден верните се потсетуваат на распнатиот Богочовек, на Крстот достоен за безусловна верност, и на неизбежното спасение кое доаѓа преку Христовото Распетие и сораспнувањето со Него. За време на празникот, Крстот е положен во центарот на Храмот, окружен со цвеќа и гранчиња босилек.

На Вечерната се читаат три читања од Стариот Завет. Првото старозаветно читање на празникот зборува за дрвото, кое ги претвора горчливите води во слатки, и е символ на Крстното Дрво (Изл. 15, 22; 16,1). Второто читање продолжува дека Господ ги казнува и исправува тие што ги љуби, и дека Божествената Премудрост е Дрво на животот за оние што ја стекнуваат Премудроста, и дека блажени се тие што ја чуваат (При. 3, 11-18). Овие зборови, исто така, укажуваат на Крстот, кој, како што гласи апостолското читање на овој ден, за повиканите е Божја Сила и Божја Премудрост (I Кор. 1,18-25). Третото старозаветно читање е извадок од пророштвото на Исаија, и говори за градот Божји, во кој неевреи ќе припаднат при нозете Божји и ќе дознаат, дека: „Тој е Господ Спасителот и Откупителот, Силниот на Јаков“ (Ис. 60, 11-16).

На Утрената, четирите страни на светот се благословуваат со Крстот, додека верните повторуваат „Господи помилуј!“ Утреното Евангелско читање е од Евангелието по светиот апостол Јован (Јован 12:28,36). Во него, Христос им вели на луѓето дека кога Тој ќе биде издигнат, сите ќе ги привлече кон Себе.“

На Светата Литургија, антифоните се заменети со посебни стихови од 22, 74 и 99 Псалм, кои се директно поврзани со Христовото распнување на Крстот. Тропарот на поклонението ја заменувам Трисветата песна: „На Крстот Твој му се поклонуваме, Владико и Светото Воскресение Твое го славиме.“ Апостолското читање на Литургијата е земено од 1 Коринтјани 18,24, каде се вели дека: „словото за крстот е безумство за оние, кои пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, Божја сила.” Евангелието е земено од Јован, повторно, 19:6,11; 13,20; 25-28 и 30,35 заедно.

Во Етиопија, празникот Воздвижение на Чесниот Крст (наречен Мескел) е најголемиот празник после Пасха и Рождество Христово.

Химнографија

Тропар

глас 1
Спаси ги, Господи, Твоите луѓе
и благослови го Твоето наследство.
Дарувај им победа над непријателите
на сите наши православни христијани
и со Крстот Свој заштити го Твоето жителство.

Кондак

глас 4
Возвишувајќи се на крстот доброволно,
на истоимениот Твој нов народ/
дарувај му ги твоите милосрдија, Христе Боже,
возвесели нè со Твојата сила,
победа давајќи ни над противниците,/
како помош имајќи го Твоето оружје на мирот, //
непобедливата победа.

Егзапостилар

(песна со која се слави Чесниот Крст)

Крстот е чувар на сета Вселена.
Крстот е украс на Црквата,
Крстот е сила на царевите,
Крстот е зацврстување на верните,
Крстот е слава на ангелите,
Крстот е рана за демоните.

Задостојник

глас 8
Величај го, душо моја,// Пречесниот Крст Господов.
Таен си, Богородице, рај,/ кој необработено го израсна Христа,/
Со него крстното живоносно Дрво на земјата беше насадено./
Нему, сега вознесуван,// поклонувајќи Му се,
Тебе те величаме.

Надворешни врски


Изворниот материјал користен за креирањето на оваа статија е заштитена содржина © од Македонската Православна Црква.

Администраторите на страницата на Македонската Православна Црква го дадоа нивниот благослов за користење на овие материјали за потребите на Православната енциклопедија (од страна на администраторите и соработниците), при што е потребно да се нагласи изворната содржина, односно да се постави врска кон оригиналната страница.

Статијата може да биде променета и надополнета од страна на администраторите, соработниците и корисниците на OrthodoxWiki.

Лични алатки
Именски простори
Варијанти
Дејства
Навигација
Интеракција
Donate

Please consider supporting OrthodoxWiki. FAQs

Алатник
Други јазици