Александар Шмеман

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Протопрезвитер Александар Шмеман (13 мај 1921 - 13 декември 1983) е истакнат православен свештеник, богослов, професор и писател на 20 век.

Биографија

Матушка Јулијана, отец Александар и Александар Солженицин

Отец Александар Шмеман е роден во Естонија, во семејство на руски имигранти. Неговото семејство се преселило во Франција, каде што се школувал. Се оженил со Јулијана Осоргун во 1943 година, пред да ги заврши богословските студии на Православниот богословски институт Св. Сергиј во Париз, и бил ракоположен за свештеник во 1946 година.

Од 1946 до 1951 година, о. Александар предавал Црковна историја на Св. Сергиј. Во 1951, бил поканет во богословијата Св. Владимир во Њујорк, каде што предавал од 1951 година, сѐ до крајот на животот. Од 1962 година бил и декан на богословијата. Исто така, бил и соработник - професор на Универзитетот Колумбија, Њујорк Универзитетот, Унијата на богословии и Генералната богословија во Њујорк. Неговиот главен фокус во Св. Владимир било литургиското богословие, кое посебно внимание придава на литургиското предание на Црквата како главен знак и израз на христијанската вера.

Се здобил и со протопрезвитерски чин. Му биле доделени почесни докторати од Батлер Универзитетот, колеџот Лафајет, Ајона колеџот и Грчката православна богословија „Свет Крст“. Бил православен набљудувач на Вториот ватикански собор на Римо-католичката Црква од 1962 до 1965 година.

Во 1970 година зел активно учество во востановувањето на Православната Црква во Америка, која во тоа време целосно се издвои од Руската Православна Црква, иако нејзината автокефалија не била целосно признаена. Неговите беседи биле емитувани на руски јазик преку Радио Слобода преку 30 години. Се стекнал со широка публика во Советскиот Сојуз, вклучувајќи го Александар Солженицин, кој после неговото емигрирање на Запад станал негов пријател.

Отец Александар Шмеман има објавено голем број книги и статии. Неговата книга за христијанската вера објавена во литургијата „За животот на светот“ е преведена на единаесет јазици. Една друга негова книга, „Евхаристија“ била приготвена токму пред неговото упокојување. Оваа, и уште неколку други книги биле објавени постхумно.

Дела

Гробот на отец Александар, во манастирот Св. Тихон, Пенсилванија
  • Великиот пост: Патување кон Пасха (1969)
  • За животот на светот: Светите Тајни и Православието (1970)
  • Литургија и живот: Христијански развој преку литургиски опит (1974)
  • За водата и Духот: Литургиска студија на Крштението (1974)
  • Вовед во литургиско богословие (1975)
  • Историски пат на источното православие (1977)
  • Конечни прашања: Антологија на современата руска верска мисла (1977)
  • Црква, Свет, Мисија: Осврт на Православието на Запад (1979)
  • Евхаристија: Света Тајна на Царството (1988)
  • Совршување на верата: Верувам... (1991)
  • Совршување на верата: Црковната година (1994)
  • Совршување на верата: Дева Марија (1995)
  • Дневниците на отец Александар Шмеман 1973-1983 (2000)

Надворешни врски