Старец Софрониј

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Архимандрит Софрониј

Старец Софрониј (Сахаров), познат и како архимандрит Софрониј, е најпознатиот ученик и биограф на св. Силуан Атонски, уредник и издавач на делата на св. Силуан и основач на ставропигијалниот манастир на св. Јован Крстител во Есекс, Англија.

Биографија

Детство и рана младост

Старец Софрониј е роден на 23 септември 1896 година, како Сергеј Симеонович Сахаров во православно семејство, во Русија. Како дете, Сергеј секојдневно се молел, дури и по 45 минути на ден без никаков проблем; исто така, младиот Сергеј многу читал книги, така што на рана возраст ги имал прочитано класиците на руската книжевност Тургењев, Достоевски, Толстој, Гогољ и Пушкин.

Поради неговиот ликовен талент, Сергеј се запишал и учел на Академијата на Уметности во периодот од 1915 и 1917 година, и потоа во Московската Школа за сликање, скулптура и архитектура, помеѓу 1920 и 1921. Според неговите кажувања, во тоа вреем тој ја користел уметноста како „квази-мистично“ средство за „откривање на вечната убавина“, „бегање од сегашната реалност... во новите хоризонти на битствувањето.“ Подоцна, ова искуство му помогнало да ја разликува човечката интелектуална светлина од Божјата Несоздадена Светлина. Токму за време на неговите студии во Московската Школа, Сергеј го согледува христијанскиот фокус на личносната љубов како ограничен и конечен, и тоа го одвраќа од Православието кон Индиските мистични религии, засновани на безличниот Апсолут. Во 1921 Сергеј ја напушта Русија и ја продолжува својата уметничка кариера во Западна Европа, прво во Италија, па Берлин, за на крај, во 1922 да дојде во Париз.

Париз

Со доаѓањето на Сергеј во Париз, следеле изложби на неговите дела кои го привлекле вниманието на француските медиуми. Сепак, во срцето на младиот уметник сѐ повеќе растела фрустрацијата поради неможноста уметноста да ја изрази чистотата; и колку и да се трудел, Сергеј не можел да побегне од ова чувство. Во исто време, созреал и увидел дека рационалното знаење е немоќно да понуди одговор на прашањето на смртта.

Во 1924 Сергеј увидел дека Христовиот повик за возљубување на Бога со сето свое битие не е психолошко нешто, туку онтолошко; и дека оваа целосна љубов е единствениот начин за обраќање кон Бога; и дека љубовта мора да биде личносна. И токму таа година, на Велика Сабота, тој се вратил во Православието. И таа вечер тој ја почувствувал силата на Несоздадената Светлина на толку силен начин, како што никогаш пред и после тоа нема да ја почувствува, што како резултат го имало неговото повлекување од уметноста; веднаш после тоа станал еден од првите студенти на Православниот Богословски Институт „Св. Сергeј“ во Париз, каде професори му биле отец Сергеј Булгаков и Николај Бердјаев. И двајцата извршиле големо влијание во неговиот живот, но и двајцата умерено го одвратиле од себе, поради софиологијата (Булгаков) и анти-аскетизмот (Бердјаев). Во 1925, наоѓајќи дека формалното богословие не го исполнува, Сергеј заминува на Света Гора за да се замонаши.

Света Гора

Сергеј Сахаров пристигнал на Света Гора во 1926 година, каде пристапил во рускиот манастир Св. Пантелејмон, со желба да научи како да се моли и како да изгради правилен однос кон Бога. Бил пострижан и му било дадено името Софрониј. Во 1930, отец Софрониј бил ракоположен за иероѓакон од светиот Николај Велимировиќ (Жички), и станал ученик на св. Силуан Атонски, кој имал огромно и пресудно влијание во неговиот живот. Свети Силуан, кој што бил необразуван, немал формален систем на богословие, но неговиот живот зрачел со богословие. Токму во тоа тој го учел својот ученик Софрониј, кој подоцна сето тоа го систематизирал. Помеѓу 1932 и 1946, отец Софрониј имал богата кореспонденција со о. Давид Балфур, католички свештеник кој се преобратил во Православие. Овие писма му го откриле богатството на светите отци на Црквата, и му помогнале да ги дефинира разликите помеѓу Западната и Источната мисла.

Во 1938 година, на 24 септември се упокоил св. Силуан. Следејќи ги неговите совети, отец Софрониј се упатил во атонската пустина, најпрво во Каруља, а потоа во манастирот св. Павле, каде останал до завршетокот на Втората светска војна. Во 1941 година бил ракоположен за свештеник, станувајќи духовник на голем број светогорски монаси.

Париз, повторно

Постојат повеќе можни причини поради кои старец Софрониј заминал од Света Гора. Можеби го сторил тоа поради неговото ослабено здравје, или за да ги објави делата на свети Силуан; или пак, да го заврши своето богословско образование; но исто така, можно е да се решил на тој чекор поради проблемите кои ги имал бидејќи не бил Грк, а живеел на Света Гора каде околностите радикално се промениле по Втората светска војна.

Без разлика на причината, отец Софрониј почувствувал потреба да замине од Света Гора и да се пресели во Париз, каде што Балфур му помогнал да добие пасош. Институтот „Св. Сергeј“ му дозволил да ги полага завршните испити по сите курсеви кои се нуделе, но сепак инсистирале на тоа иеромонахот преќутно да го негира присуството на благодатта во Московската Патријаршија. Отец Софрониј одбил да го стори тоа, и поради тоа не ги полагал завршните испити и го напуштил Институтот. Во тоа време се сместил во Рускиот Дом, каде му помагал на локалниот свештеник и им бил исповедник на верните. Во истото време имал посериозна операција на чир во стомакот. Следната година, старец Софрониј го издал првото полиграфско издание на „Старец Силуан“. Во овој текст, тој ги прикажува основите белези на богословието на св. Силуан, и ги објаснува основите концепти, како молитвата за целиот свет и идејата за поврзаноста на човештвото. Во периодот од 1950 до 1957 година, отец Софрониј соработува со Владимир Лоски, кој во голема мера влијае врз неговата перцепција за голем број современи проблеми.

Во 1952 отец Софрониј го публикува второто издание на „Старец Силуан“, со што го привлекува вниманието на православната јавност. Поради коментарот на Лоски дека не може да се најде богословска вредност во делата на светителот, старец Софрониј вклучува и богословски вовед во пишувањата на св. Силуан.

Есекс

До 1958 година, старец Софрониј бил опкружен од луѓе кои биле привлечени од монашкиот начин на живеење. Поради таа причина, еден имот во Толешант Најтс, Малдон, во Есекс – Англија бил разгледан како можност за почеток на заеднички живот. Следната година, на него била основана заедницата на св. Јован Крстител, под омофорот на митрополитот Антониј Блум. Манастирот вклучувал монаси и монахињи, и таа традиција е задржана до денес. Во 1965 година, манастирот станал ставропигијален манастир на Вселенската Патријаршија.

Во 1973 година следел целосен превод на животот на св. Силуан, следен од уште едно издание, „Мудроста на Атос“. По овие изданија, старецот се префрла на творење на авторски дела, издавајќи ги „Неговиот живот е мој“ во 1977 и „Да биде гледан Бог Каков што Е“ во 1985, која предизвикала бурни реакции во руската јавност; токму таа критика, заедно со влошеното здравје, го обесхрабрила старец Софрониј да продолжи со пишување и издавање авторски дела.

Дела

  • „Непоматена слика: Старец Силуан“
  • „Монахот од Света Гора: Старец Силуан“
  • „Мудроста на Атос: Писанијата на Старец Силуан“
  • „Неговиот живот е мој“
  • „Да биде гледан Бог Каков што Е“
  • „Свети Силуан Атонски“
  • „За Молитвата“

Надворешни врски